ОСТАВЕТЕ ГИ СУДИИТЕ И СУДСТВОТО НА РААТ

Македонското судство, на идентичен начин како и јавното обвинителство пред да се оформи противуставната јавнообвинителска испостава во ликот и делото на СЈО, е под до сега невиден и постојан политички притисок и странско влијание од разни центри на моќ. Му се навртеле на судството како никогаш до сега.Го тормозат амбасадори, лекции во медиумите му држат разно-разни приучени недоучени платеници и советници, безобразно и дрско се мешаат во работата на македонските судии, посебно оние од кривичниот суд, на информативни разговори се повикуваат судии со цел да се „испитаат“ зошто во конкретен случај постапиле согласно законите, а не согласно волјата на едикоиси, се пуштаат политички кривични пријави за наводно незаконско работење на судии без да се води ни малку сметка за одредбите во македонскиот Устав и Законот за судовите, фрчат најави за нови кривични пријави, се прави директен упад во начелото на судската автономија, се погазуваат принципите на независност и самостојност на судиите и на судовите, сé со една цел-да се задоволат политичките потреби на СДСМ, кои никако да пораснат во рејтингот на граѓанските анкети за истражување на јавното мислење, и да се заокружи на правен начин започнатата политичка хајка против видни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за да сé оди по планот на стратегот.
А планот е одамна јасен и познат. Потребно е да се уништат постојните функционери на ВМРО-ДПМНЕ за да се инсталираат во институциите на системот послушниците чии лејки претходно се добро обработени и три пати чукнати од страна на релевантните амбасадори во земјата. Потоа треба да следи инсталација на ептен проверените лејки во институциите на системот, кои подоцна, откако ќе се исчисти теренот од неподобните вмровчишта, ќе имаат само една обврска-да климаат со главите по принципот јес-сер. А бидејќи тоа воопшто не им паѓа тешко, го имаат поминато курсот „климни со глава барем сто пати на ден во амбасадорските кабинети“, институционалната практика на климање ќе им оди како подмачкана. Политичките функции ќе им дојдат како нормална средина за климање глави. Посебно кога ќе дојде на ред затворањето на тешките за Република Македонија и нејзините граѓани политички и културни прашања.
Со цел реализација на овие планови и стратегии, амбасадорите заборавија дека чекорејќи по патеката на слоновите, онаа претходно одработената во процесот на едуцирање на нашиве полтрончиња, ги погазија вековните принципи врз кои им функционираат и нивните национални судови и јавните обвинителства. Дополнителен товар што може да им се припише на амбасадорите во овој нивен наметнат дренажен процес врз нашите судии, е што тие се должни, по функцијата што ја имаат да бидат свесни и добро информирани дека со разните состаноци, неформални средби, и брифинзи што на дневна основа ги прават со т.н. подобни персони во судството директно ги загрозуваат и повредуваат бројните меѓународни и европски стандарди за независност на судството. Тоа се истите оние стандарди врз кои работат и судат судиите во САД, во Обединетото кралство, во Франција, во Италија, во Германија. Тоа се истите стандарди кои според сите познавачи на судската материја се срцевината на правната држава, и суштината на владеењето на правото. Тоа се истите принципи што за неприкосновени ги имаат прогласени судиите на Европскиот суд за човековите права, челниците на Советот на Европа, на Европската унија, на ООН, и на другите реномирани организации и структури што се борат за заштита на правото, и на правдата од секакви  форми на политичко, економско, или друго влијание и притисок. Дали треба да ги потсетуваме амбасадорите и СДСМ дека со постојаното „политичко силување“ на судството, токму тие се субјектите кои директно ги поткопуваат темелите на македонската правна држава, за која толку се залагаат и зборуваат. Дали се свесни дека со постојаните барања на средби со судиите за наводно да зборуваат за реформите на судството, тие практично ги оневозможуваат реформите, ги онеспособуваат да бидат квалитетни и во согласност со стандардите. Зошто реформите не можат да се случат ако судиите и претседателите на судовите трпат секојдневно различни форми на притисоци и влијанија од различни самопрогласени реформски персони. Независноста на судството не смее да се третира на декларативен начин. Тоа не е обичен политички памфлет зад кој треба да се крие вистинското буткање на веќе видените од времето на социјализмот тоталитарни методи на судење по желба на комунистичката партија и на странските испостави во земјата.
Без вистински независни судии не можеме да очекуваме непристрасна и целосна примена на законите. Без независни судии не можеме да очекуваме од судовите да бидат чувари на слободите и на правата на граѓаните. Со судии на копче, со судии кои искажуваат огромна благодарност до странскиот фактор во земјата заради тоа што, замислете, тој странски фактор сака да знае повеќе од тоа што му е дозволено да знае, не се прават вистински реформи во судството. Напротив, со таквите чекори се уназадува судскиот систем, се создава вазалска состојба во судството која наместо да биде зависна од македонскиот Устав, законите и ратификуваните меѓународни договори, станува роб на амбасадорите и нивните интереси во земјата. Ако македонските судии не ги почитуваат познатите стандарди признати и практикувани во Европа и пошироко за судството, Република Македонија сериозно ќе скршне од правната држава и ќе отиде во правецот кој никој не го посакува.
За да можат судиите да ги применуваат високите стандарди за независност на судството мора, за почеток, да бидат оставени на раат. Мора да им се остави доволен простор за да ја покажат својата професионалност, својата независност, и одговорност во работата. На судството не му е потребен надворешен тутор кој ќе ги следи во чекор сите нивни движења, постапувања, и преземени дејствија. Единствен тутор пред кој тие положиле заклетва дека ќе го следат и почитуваат се Уставот и законите на Република Македонија, како и меѓународните и европските договори ратификувани од страна на Собранието на Република Македонија. Единствен патоказ за тоа како треба да работат македонските судии се овие правни акти и никој друг.
Секако од големо значење е и судската пракса на Европскиот суд за човековите права, Европската конвенција за човековите права, Препораката (94) 12 на Комитетот на министри на Советот на Европа за независноста, ефикасноста и улогата на судиите, Мислењето бр. 1 на Консултативниот совет на европските судии за стандардите што се однесуваат на независноста на судството, Европската повелба за статусот на судиите на Советот на Европа, бројните извештаи на Венецијанската комисија за заштита на независноста на судиите и на судовите. Тука е и членот 10 од Универзалната декларација за човековите права на ООН, како и бројните универзални документи посветени токму на заштитата на независноста, професионалноста и одговорноста на судиите во општеството.
Два аспекта на судската независност се исклучително важни. Првиот аспект се однесува на надворешната независност на судиите, која ги штити судиите од различно форми на влијанија и притисоци кои се вршат од страна на државни органи, институции, или други правни и физички лица, како суштински, егзистенцијален елемент на владеењето на правото. Вториот аспект е внатрешната независност која треба да обезбеди целосна независност на судиите при носењето одлуки единствено и само врз основа на Уставот и на законите, а не врз основа на инструкции добиени од други.
Токму овие два аспекта на независноста се содржани во Препораката (94) 12 од Советот на Европа каде стои дека „Во процесот на носење одлуки, судиите мора да бидат независни и да делуваат без никакви ограничувања, несоодветни влијанија, притисоци, закани или директни или индиректни вмешувања од кого било, или заради која било причина. Законот мора да утврди санкција за секое лице кое врши влијание врз судија без оглед на причината или начинот на кој тоа се прави. Судиите имаат слобода да носат одлуки согласно својата волја и слободна оценка на доказите, согласно нивната совест, и секогаш согласно законот. Судиите не се обврзани никому надвор од судот да му поднесуваат извештај за својата работа, да доставуваат образложение зошто ја донеле одлуката на одреден начин, ниту пак можат да бидат повикани на одговорност за донесената одлука. Судиите имаат имунитет во работата. Судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.
Токму во име на овие европски и меѓународни стандарди, како и во име на македонските позитивно-правни прописи, им порачувам на сите политички замешатели и „загрижени“ странски субјекти во земјата-ОСТАВЕТЕ ГИ СУДИИТЕ И СУДСТВОТО НА РААТ.
Проф. д-р Тања Каракамишева-ЈовановскаГо тормозат амбасадори, лекции во медиумите му држат разно-разни приучени недоучени платеници и советници, безобразно и дрско се мешаат во работата

Пронајдете не на следниве мрежи: