Раскажува мојата напатена мајка…Со денови одам, седам, жално го гледам старото напатено мајчинско лице и еве, денес собрав сила да ѝ речам да ми го раскажи трнливиот пат низ кој минала… само што ѝ споменав, солзи се стркалаа низ нејзиното збрчкано лице, а таа ми вели:
„Е, ќерко мила низ солзите течат јадовите мои“… остави нека течат и јадовите веќе еднаш нека истечат.
„1948 година е незаборавна година. До крајот на мојот живот оваа година ќе остане запаметена по многу мои тажни моменти и по долгиот пат што го поминав од 48 тата до денес“ – ми вели мајка ми Софија.
Од денот кога излегов од дома, минавме низ многу села, планини, ноќе одевме, дење партизаните нѐ криеја во рововите. Јас заминав со прва братучетка на мајка ми, која ни беше во групата негователка. За последен пат се поздравив со мојата мајка, татко, сестрите, брат ми…
Сега знам дека тоа беше моето последно збогување со родителите, а тогаш знаев дека ќе се вратам пак, ама тоа не се случи. Најстариот брат, паметам, таман се сврши и замина во партизани. Еден ден дома дојде тажна вест дека загина, тој и уште неколкумина од нашето село. Тој ден паметам, многу плач, лелек… мајка ми се зави во црно.
Другиот брат беше во затвор на островот Макронисо. А, јас и другиот брат Трифон заминавме, за никогаш повеќе да не се вратиме. Е така, низ воздишка кажува, се растури нашето семејство. И, каде застанавме ќерко, а да, кога како деца одевме низ селата и планините… и стигнавме до Преспанското Езеро.
Возрасните кои нѐ водеа ни велеа да одиме право, но тие кои беа први, напред, влегоа во водата и се накиснаа, зашто беше ноќе, а никаде немаше осветлување тогаш и децата се вратија назад и таа ноќ ја минавме покрај езерото… се присеќава како низ магла. Другиот ден рано тргнавме за Љубојно каде останавме две до три недели и оттаму заминавме за Битола. Во Битола нѐ качија на товарни вагони и нѐ испратија за Романија.
Најмногу деца прими Романија, иако беше една од најсиромашните држави тогаш. Нѐ прими и се грижеше за нас. Кон крајот на 48та година, 13 000 деца од Романија заминавме за Полска. Иако Полска најмногу настрада во Втората светска војна, многу убаво нѐ прими и уште поубаво се грижеше за нас. Во домот одма дојде шнајдер кој ни зеде на сите мера и ни сошија убави морнарски костумчиња. Многу убаво нѐ хранеа, но ние, низ смеа кажува, не ја јадевме таа храна, зашто бевме навикнати на храната од нашиот крај. А,тие се чудеа, зашто не јадеме од нивната убаво зготвена храна.
Почнавме да одиме на школо, завршивме средно образование, а некои и високо. И ден денес некои од нив останаа во Полска и се големи стручњаци. А јас завршив средно и се вработив во една еврејска фабрика. Евреите многу нѐ сакаа, велејќи ни дека истата судбина и тие ја доживеале и тие во Втората светска војна. И многу ни излегуваа во пресрет, ни помагаа, имаа големо разбирање за нас. Преку Црвениот крст, после војната се пронаоѓаа браќата, сестрите, роднините…
Така јас го пронајдов мојот брат Трифон, кој исто како мене замина во 1948та година. Брат ми беше во тогашна Чехословачка. Ми ја дадоа адресата и му пишав писмо. Денови поминаа чекајќи да ми одговори и дојде и тој ден. Со солзи го читав писмото, во кое ми пишуваше дека сака да се што побрзо видиме и имаше напишано и кој ден да се најдеме на полско-чешката граница во чешки Тјешин. Едвај нестрпливо го дочекав денот. Отидов во чешки Тјешин, влегов во царината и пошто немав дозвола го замолив цариникот да ме пушти да си го видам братот кажувајќи му низ солзи дека 15 години го немам видено и тој се сожали на мојата судбина и ме пушти да одам само до половина од мостот, таму да се видиме со брат ми.
Јас тргнав, а нозете ми се тресеа од голема возбуда. Кога стигнав застанав и одеднаш видов еден млад човек, убав, кој доаѓа кон мене, леле, почнува да плаче мајка ми…се стрчав и му влетав во прегратка, силно, најсилно го прегрнав и двајцата плачевме долго, толку долго, што дојде цариникот и нѐ оддели, велејки ни:
„Е, само ли ќе плачете. Па зборувајте нешто“.
И тогаш почнавме да разговараме, а брат ми одма ми рече дека ќе ме земи во Чешка.. ах, силно воздивна мајка ми… тоа беа тешки моменти ќерко, тешки незаборавни и одеднаш вели:
„Аир да не видат што ни направија“.
И така брат ми ме зеде во Чешка, каде се омажив и те родив тебе, мила моја. Денот кога заминав, повеќе плачев, а помалку се смеев. Животот ми беше тажен и никогаш тоа нема да го заборавам, никогаш. Многу тажев за моите родители и се дури сум жива ќе тажам што не ми дадоа да ги видам. Тоа е најболната точка во мојот живот, ми кажува низ солзи мајка ми и пак ми вели, остави ме да плачам, НИЗ СОЛЗИТЕ ТЕЧАТ ЈАДОВИТЕ.
Продолжува…Со денови одам, седам, жално го гледам старото напатено мајчинско лице и еве, денес собрав сила да ѝ речам да ми го раскажи трнливиот пат низ кој м