Македонските тутунари тријат раце. Откупот минува без никакви проблеми. Реколтата е со висок квалитет, а тоа значи повисока цена и повеќе пари за производителите. Засега, тутунарите немаат никакви забелешки на проценката на класите, пишува Лидер.-Реколтата е квалитетна, ние гарантираме дека односот меѓу откупувачите и тутунарите ќе биде во најдобар ред, вели директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Цветан Трипуновски.
Дека сè се одвива во најдобар ред говори и фактот дека за еден месец се откупени повеќе од 10 илјади тони тутун (10.323 тони). Ова е за над 50% од очекувањата за годинашната реколта.
Просечната цена изнесува 190,8 денари, за 8,8 денари повисока од лани, кога изнесуваше 182 денара по килограм.
-Тутунот има висок квалитет и на задоволство на сите, особено на производителите, согласно проценката и верифицираните мостри, цената е задоволителна, вели заменик – министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.
Над 1,3 милијарди денари на сметките на тутунарите
Податоците на Државниот инспекторат за земјоделство покажуваат дека досега исплатата е реализирана со 70%. Во апсолутни бројки, ова значи дека на тутунарите им се префрлени 1 милијарда 372 милиона денари.
Ако се има предвид дека субвенциите за тутунот изнесуваат 60 денари за килограм, тоа значи дека производителите во моментов просечно добиваат по 250 денари за килограм тутун.
-Со оглед на многу подобриот квалитет на реколтата, годинава очекуваме дека ќе биде постигната и повисока откупна цена од над 190 денари за килограм тутун. Реколтата на ниво на држава е тешка околу 20 илјади тони, иако побарувачката на пазарот е многу поголема. За да се стимулираат тутунарите и во иднина да продолжат со производство на оваа култура, неопходно е да се бараат начини да се стимулира производството. Субвенцијата е 60 денари од килограм, но и откупните фирми треба да ги зголемат цените за следната реколта, вели претседателот на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, Данчо Милески.
Годинава договор за откуп потпишаа 10 претпријатија, најголемиот дел од нив веќе го почнаа откупот. За да нема проблеми, право на откуп на тутун има секое претпријатие кое претходно има обезбедено средства за оваа намена.
Тутунскиот комбинат од Прилеп планира годинава да преземе 3 илјади тони тутун, колку што има договорено со околу 4 илјади кооперанти.
-Тутунски комбинат – Прилеп обезбеди средства. Ако се има предвид дека годинава побарувачката е поголема во однос на понудата, а свесни и за конкуренцијата, одлучивме исплатата да ја вршиме во рок од 7 дена од денот на предавањето, иако во договорите е предвиден рок од 30 дена, објаснува директорот на Комбинатот, Александар Дерменџиев.
Тутунот – стратешка гранка за Македонија
Македонија го стабилизираше производството на тутун. Количините се намалуваат, но затоа квалитетот е значително поголем.
-Производството на квалитетен тутун е крајна цел и на производителите и на откупувачите, во спротивно губат и едни и други, објаснува Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.
Годинава се откупува од вкупно 28 илјади 853 производители, што значи дека во однос на лани се потпишани за околу 6 илјади помалку договори.
Сепак, тутунот за Македонија останува стратешка култура, бидејќи учествува со околу 30 проценти во извозот од земјоделскиот сектор. Уште позначајно, од тутунопроизводството во земјава живеат околу 40 илјади семејства.
Производството и трговијата со тутун и тутунски производи учествува во БДП со околу 3,2 процента, додека тутунската индустрија во вкупната индустрија на земјава учествува со околу 4 проценти. Над 4% од вкупно вработени во Македонија се во овој сектор.
Македонија има поволни климатски услови за производство на тутун, а тоа има и големо економско и социјално значење за земјава. Државава е еден од најголемите производители на ориенталски тутун и за оваа култура немаме алтернатива.
-Замената со друга култура е сериозна инвестиција. Алтернативните култури бараат дополнителни средства за маркетинг, промоција, за едукација на работната сила, вели Васко Ристовски од СКМ.
Нова инвестиција во тутунскиот сектор
Во тутунскиот сектор во Македонија влегува нова инвестиција. Грчката компанија „Секе“ ги почна своите активности, отвора нова фабрика во Крушево.
-Оваа фабрика ќе обработува 5 тони на час, тогаш ќе ги вградиме машините, а потоа за 12 години ќе биде за 300 и повеќе, секоја година планираме да купуваме повеќе од 4.000 тони тутун, вели сопственикот на компанијата, Александрос Контос.
„Секе“ отвора 300 работни места, пред сè за жителите на Крушево и на Прилеп, а инвестицијата е вредна 5 милиони евра.
Компанијата „Секе“ има богата историја, основана е во далечната 1947 година од Александрос Мпалтаци. Оттогаш е трансформирана во една од водечките светски компании за купување, преработка и продавање на тутун.
600 милиони евра за земјоделците
Новата програма на ВМРО-ДПМНЕ предвидува 600 милиони евра за поддршка на земјоделците во следниот четиригодишен период.
-Субвенциите се загарантирано дополнување на приходот на земјоделците и средства за инвестирање во развојот. Како и досега, субвенциите најмногу ќе се доделуваат за конкурентните извозни култури: тутунот, грозјето, овошјето и зеленчукот, оризот, овчарство, козарството, но секако и за многу значајните житарици, индустриски и фуражни култури, говедарството, свињарството и производството на млеко. На овој начин ќе се создадат услови за поголемо домашно производство и извоз, велат од ВМРО-ДПМНЕ.-Реколтата е квалитетна, ние гарантираме дека односот меѓу откупувачите и тутунарите ќе биде во најдобар ред, вели директорот на Државниот ин