Императив е да се утврди дали снимките се дадени од СДСМ, односно Зоран Заев или пак од СЈО бидејќи тие туку така не се нашле во сечии раце. Затоа и не се знае колку нови Чауши допрва ќе се појават. МВР, ЈО и СЈО досега требаше да интервенираат и од Јутјуб да побараат да се отстранат тие снимки и да се укинат каналите преку кои се објавуваат.Злоупотребата на прислушуваните и монтирани приватни разговори продолжува откако вчера беше објавен нов монтиран разговор меѓу функционери на ДУИ. Зад оваа снимка стои Зоран Божиновски кој се крие во Србија и ја ужива заштитата на таа држава. Снимката се појави истовремено кога партијата ДУИ ја отвори дебатата на Скопскиот саем во рамки на активностите за подготвување финална верзија на Платформата 2020 за парламентарните избори 2016. Целта е повеќе од јасна, исклучиво за дискредитација во политички цели на актуелната гарнитура на власта како и на сопствениците на медиум и новинари кои се таргет на опозицијата.
Пред помалку од едем месец се појавија приватни и монтирани разговори на сопственикот на телевизијата Сител, Горан Иванов, главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ Латас и главниот и одговорен уредник на весникот „Вечер“ и заменик главен и одговорен уредник во Сител, Ивона Талевска.
Досега потврдено е дека вакви снимки поседува, покрај Божиновски и Захир Беќири – Чауш, и Љупчо Палевски кој самиот, на госутвање на телевизијата 24 вести изјави и призна дека стои зад каналот „Никола Тесла“ на Јутјуб каде тие разговори беа објавени.
Она што е најбитно во моментов е да се утврди како овие монтирани снимки од прислушувани приватни разговори стигнале во рацете на овие рекетари, дилери и измамници. Дали овие снимки им се дадени од СДСМ, односно од лидерот Зоран Заев, или пак „протекле“ од СЈО на Катица Јанева каде се предадени. Тоа мора да се стори во најкус можен временски рок бидејќи повеќе од јасно е дека наскоро ќе се појават уште и нови Чауши кои ќе манипулираат со јавноста, ќе уценуваат нови жртви и ќе се обидат да профитираат финансиски и политички на сметка на јавни личности.
Според порталот „Инфомакс“, жртви на овие рекетари се двајца истакнати бизнисмени, Ванчо Чифлиганец и Илија Гечев, кои веќе добиле јасни барања со суми за да не се објават нивни приватни монтирани разговори.
Уште посериозна е ситуацијата во албанскиот блок каде јавна тајна е дека десетици илјади разговори се во оптек, се продаваат јавно, а на нив се снимки од приватни и монтирани разговори на бизнисмени, јавни личности и функционери на ДУИ.
Зачудува и пасивноста на МВР, Јавното обвинителство и Специјалното обвинителство до кои жртвите на овие монтирани снимки испратија барања да се откријат виновниците, но и да се реагира до сервисот Јутјуб и да се побара истите тие снимки да бидат отстранети, а каналите блокирани и затворени. Со самото тоа се доведува во прашање дали и тие се соучесници во овој криминал, со оглед на фактот што дел од овие институции се контролирани токму од опозицијата.
Според последните измени на Кривичниот законик, направени во ноември минатата година, а произлезени од пржинските договори, се зголемија казните за објавувањето снимки од неовластено прислушување до пет години затвор. Објавувањето вакви материјали, наместо по приватна тужба како дотогаш, се гони по службена должност од страна на јавен обвинител.
– Со казна затвор од една до пет години ќе се казни тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана, стои во ставот 2 од членот 151 од Кривичниот законик.
Во Законот за заштита на приватноста, донесен, исто така, во ноември стои дека „секој што поседува материјали од незаконско следење на комуникации во согласност со членот 1 од овој закон е должен во рок од 20 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги предаде материјалите на надлежниот јавен обвинител, во согласност со закон“.
Во законот за СЈО стои дека „неовластено следење комуникации“ се дефинира како неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот помеѓу 2008 и 2015 година, вклучително, но не и ограничено на аудиоснимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред 15 јули 2015. Ова значи дека токму Катица Јанева уште до крајот на ноември требаше да им ги одземе ваквите материјали на сите за кои постоеја некакви сознанија или сомневања дека поседуваат вакви материјали. СЈО, според оваа одредба, треба да е гарант за материјалите, односно истите соодветно да ги чува и да ги уништи.
Наместо тоа, Јанева не презеде никакви дејствија за одземање на снимките пред се од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој јавно се фалеше околу снимките и манипулираше со нивната бројка.
Извор: Журнал.нет
Злоупотребата на прислушуваните и монтирани приватни разговори продолжува откако вчера беше објавен нов монтиран разговор меѓу функционери на ДУИ.