Ова што се случува е трагично за целиот судски систем. Се прашувам дали некој ова намерно го прави, дали некој само додава масло на огнот. Одеднаш ескалираа работите. Претпоставувам дека ова е некаква режија, но во која кујна се готви, не можам да шпекулирам, вели претседателот на Кривичниот суд за Телеграф.мк.Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, вели дека вчерашниот напад на портпаролката на Судот од страна на раководителот на секторот за човечки ресурси најверојатно е мотивиран од политички причини. Раководителот бил политички активист и, како што вели Панчевски, тој ја нападнал колешката затоа што најверојатно не му се допаѓале некои нејзини мислења.
Во врска со тужбата и со претставката што против него ја поднесоа судии од Основниот суд Скопје 1, Панчевски вели дека тоа е нечија режија и дека сево ова што се случува во судството во последно време е трагично за целата судска власт.
За вчерашниот инцидент што се случи во просториите на Кривичниот суд, кога раководителот на човечки ресурси ја нападна портпаролката на Судот, во изјава за Телеграф.мк, Панчевски вели дека можно е нападот да е мотивиран од политички причини и дека насилникот е политички активист.
Како што вели Панчевски, портпаролката рекла дека претходно немала расправија со колегата што физички и вербално ја нападна. Напаѓачот до пред два месеца бил во иста канцеларија со портпаролите на Судот, но потоа бил прераспределен на друго работно место и префрлен во друга канцеларија.
-Веројатно не му се допаѓале некои мислења на вработената. Вчерашниот напад е всушност напад врз новинар. Сметам дека најверојатно е предизвикан од политички причини. Не можам да тврдам, но така ми беше пренесено, вели Панчевски.
За раководителот што ја нападна портпаролката и претходно му се жалеле други вработени, вели Панчевски, а реакции за него имало и од судии. Тој најави дека против вработениот ќе има и дисциплинска постапка.
Вчера од Судот соопштија дека раководителот на Одделот за човечки ресурси Г.С. физички ја нападнал портпаролката П.К. Тој прво вербално ѝ се заканил, по што ја турнал од столчето и ја напуштил просторијата. Портпаролката веднаш пријавила во полиција и против него поднесе кривична пријава за загрозување на сигурноста.
Панчевски вели дека во Судот се вработени 400 луѓе и невозможно е тој да знае кој со кого има конфликт.
Во врска со претставката што против него ја поднесоа 15 судии до Судскиот совет во која бараат соодветни мерки против него затоа што, како што тврдат, го злоупотребува судот за лична пресметка со колеги, тој вели дека претставката е поднесена од наводни судии.
-Велам наводни затоа што немаат ставено целосно име и презиме на претставката како што ставаат на пресудите. На документот има само скратени потписи, изјави Панчевски.
По тужбата против Панчевски од негов колега, претставката и по вчерашниот инцидент, Панчевски вели дека на почетокот му било смешно, но дека сега е трагично.
-Отпрвин ми беше смешно, но сега е трагично. Ова што се случува е трагично за целиот судски систем. Се прашувам дали некој ова намерно го прави, дали некој само додава масло на огнот. Одеднаш ескалираа работите, но сè се шпекулации, за ништо досега објавено против мене нема аргументи. Претпоставувам дека ова е некаква режија, но во која кујна се готви, не можам да шпекулирам, вели Панчевски.
На Панчевски му истекува четиригодишниот мандат како претседател на Судот, но тој повторно се кандидира. Вели дека не се откажува.
-Моите претходници немаат ниту едно камче ставено во овој суд. Ја работам мојата работа чесно. За мојата работа зборуваат и сите одлуки што сум ги донел. Немам што да кријам и стојам зад сè што сум направил. Немам од што да се срамам, вели претседателот на Кривичниот суд.Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, вели дека вчерашниот напад на портпаролката на Судот од страна на раководителот на секторот за