Парламентот на Крим донесе принципиелна одлука за влегување на Автономната република Крим во состав на Руската Федерација, изјави вицепремиерот Рустам Темиргалиев.
„Да се влезе во состав на Руската Федерација со права на субјект на РФ“, се наведува во текстот одлуката, кој го презентираше пратеникот на кримското собрание Сергеј Шувајников.
Потпретседателот на руската Дума и функционер во владејачката Единствена Русија Сергеј Неверов изјави дека оваа одлука е историска.
– Ние сме еден народ, кој поради неодговорната волја на партиските функционери беше поделен, изјави тој за ИТАР-ТАСС.
Претходно денеска беше соопштено дека референдум за статусот на Автономната Република Крим ќе биде одржан на 16 март.
Првиот потпретседател на кримската Влада, Рустам Темиргалиев нагласи дека на референдумот ќе има две прашања: „Дали сте за влез на Крим како субјект во состав на Руската Федерација и „Дали сте за враќање на уставот на Крим од 1992 година“.
Според текстот на уставот на Крим од 1992 година, таа република стапува во државата Украина и односите со неа се одредуваат согласно договор.
Кримскиот Парламент на 27 февруари ја распушти претходната влада и го избра Сергеј Аксјонов за премиер на местото на Анатолиј Молиљов и тогаш распиша референдум за 25 мај, на кој како, што беше најавено, граѓаните ќе се изјаснат за тоа дали Крим да има „државна самостојност“ и да биде во состав на Украина „врз основа на договор“.
Аксјонов пред пет дена рече дека референдумот за статусот ќе се одржи на 30 март, а пред два дена нагласи дека тоа може да се случи и пред 30 март.
Во октомври 1921 година формирана е Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република во состав на Руската советска федеративна социјалистичка република (РСФСР), а на 19 февруари 1954 година Кримската област на иницијатива на генералниот секретар на Комунистичката партија Никита Хрушчов се предаде на Украинската Советска Социјалистичка Република.
ИТАР-ТАСС потсетува дека претходно рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија нема планови за присоединување на Крим.
– Русија не ја разгледува варијантата за присоединување на Крим. Единствено сами граѓаните со слободно изразување на волјата, можат и треба да одлучат за својата иднина, рече Путин, дополнувајќи дека до сега никој не го укинувал правото на некој народ за самоопределување.
Според статистички податоци од декември, Крим има 1.958.000 жители меѓу кои најбројни се Руси (58,5 отсто), Украинци (24,3 отсто) и кримски Татари (12,1 отсто).
Шефовите на државите и владите на земјите-членки на Европската унија, денеска во Брисел ќе одржат вонреден состанок со цел носење на одлуки за позицијата на Унијата во однос на случувањата во Украина, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, ги повика лидерите на ЕУ-земјите, заедно со новиот премиер на Украина, Арсениј Јацењук, со цел заедно да ја разгледаат ситуацијата во поранешната советска република, воената интервенција на Русија и мерките што ЕУ ќе ги превземе во однос на овие настани.
Според најавата од Европскиот совет, овој вонреден состанок на највисоко ниво доаѓа по состанокот на Советот за надворешни работи на 3 март, каде министрите за надворешни работи на земјите-членки остро го осудија прекршувањето на украинскиот суверенитетот и територијалниот интегритет со акти на агресија од страна на руските вооружени сили и ја повика Русија веднаш да ги повлече своите вооружени сили во нивните договорени области. Шефовите на дипломатиите, исто така повикаа и на мирно решение за оваа криза и целосно почитување на меѓународното право, потенцирајќи дека ЕУ и понатаму останува подготвена да се вклучи во конструктивен дијалог со сите страни за таа цел.
Европската унија денеска соопшти дека ги замрзнува финансиските средства на 18 лица, осомничени за злоупотреба со украински државни средства, вклучителни и соборениот претседател Виктор Јанукович, кој избега од Киев минатиот месец, јави ДПА.
На листата на лица кои се предмет на санкциите, се наоѓаат најблиските соработници на Јанукович, вклучително и поранешниот министер за внатрешни работи, министерот за правда, главниот обвинител, раководителот на службите за безбедност и синот на Јанукович. На списокот, исто така, се наоѓа и Микола Азаров и неговиот син.
Извор: Курир
„Да се влезе во состав на Руската Федерација со права на субјект на РФ“, се наведува во текстот одлуката