Kабинетите може да служат како добри места за играње шах, или ако тоа звучи старомодно, нека се видеоигри, но не да се влечат и да се тормозат живи фигури. Тогаш партиска играчка може да прерасне во граѓанска плачка. И многу полошо од тоа. Особено ако таквите игри се играат во простор на многу витални и многу осетливи институции за безбедноста на државата и на граѓаните, како што е во нашиов случај, деновиве и неколку ноќи, во Министерството за внатрешни работи.Kако што е веќе познато, според пржинските договори, ова министерство годинава двапати добива еден ист министер од опозицијата, кој игра шах и прави партиски рокади со целото МВР, како што тврди опозицијата, да биде департизирано и да даде придонес за мирни избори на кои граѓаните ќе одлучат кому по двегодишната политичка криза ќе му ја дадат власта. Но, ако по утрото се познава денот, и тој на изборите, граѓаните имаат право да бидат загрижени за тоа што се случува. Особено по тензијата што деновиве се создаде откако специјалното јавно обвинителство влезе да истражува во Управата за безбедност и контраразузнавање за аферата со прислушувањето. А како поддршка е ангажирана специјалната единица „Алфа“. И тука играта станува сериозна и драматична. Се ангажираат полицајци за да ги заштитуваат специјалните обвинителки што треба да си ја завршат работата внатре во срцето на полицијата.
Ваквото филмување на специјалните обвинителки, со специјални полициски сили, создава уште поспецијална несигурност кај граѓаните. Секој нормален граѓанин ќе се праша: Kолку тој да се чувствува сигурно ако полицијата мора некого да заштитува од полицијата и тоа среде Министерството за внатрешни работи? Обично таква асистенција од полиција се обезбедува поради опасност од криминалци и други опасни лица што се од другата страна на законот. Но, да се ангажира посебна полициска единица, за да се влезе во кругот на полицијата, е опасна игра.
Тоа се луѓе со оружје и истите се ангажираат да покажат сила и да асистираат во заштита на акцијата на СЈО против други луѓе, кои исто така се со оружје, односно се нивни колеги и имаат заеднички технички министер за внатрешни работи, избран со политички договор. Опасна е таа игра што ги дели полицајците на „наши“ и „ваши“, а и едните и другите се вооружени со задача да бидат на граѓаните и да се грижат за нивната безбедност. А не да служат како асистенција на партиски шах од политички играчи кои ги спротивставуваат како црни и бели фигури. СЈО треба да си ја врши работата без многу филмувања и трилери, зашто поттикнати од примери како овој, постои опасност играта од кабинетите да продолжи на улица. Тогаш, пак, почнува драмата која тешко ќе биде да ја смират и најспецијалните единици. И да се има на ум дека од една искра пламнувале катастрофални пожари, а од еден куршум граѓански војни.
Димитар Грумар за ДневникKако што е веќе познато, според пржинските договори, ова министерство годинава двапати добива еден ист министер од опозицијата, кој игра шах и прав