Победа од Скопје, прв шампион на Македонија

Победа од Скопје, клуб кој денес не постои, беше прв шампион на Македонија во далечната 1946 година.
Сигурно дека оние најстари љубители на фудбалот се сеќаваат на ФК Победа од Скопје, клуб кој ја освои првата шампионска титула во Македонија 1946 година. По иницијативата на ФИСОМ (Фискултурен сојуз на Македонија) беше формирана Првата фудбалска лига, во која настапија само шест клуба. По одиграните квалификации на подрачјето на Скопје, право на да играт во лигата добија Победа, Македонија и Работнички од Скопје, потоа Гоце Делчев од Прилеп, 11 Октомври (Куманово) и Пелистер од Битола. Интересно е да се напише дека Пелистер не успеа да ги мине квалификациите за влез во новоформираната лига, меѓутоа по наредба на ФИСОМ беше одлучено битолчани да бидат шестиот член. Се играше по двоен бод систем, по одиграните 10 кола Победа од Скопје стана прв шампион на Македонија, со само еден бод предност пред својот најголем конкурент Македонија.

На овие десет натпревари Победа играше во состав:
Борис Ивановски-Буби, Гале Герамисимовски, Кипро Кипровски, Јоска Тодоровски, Трајче Серафимовски-Жената, Микале Мартиновски, Драган Георгиевски-Геџо, Крсте Крстевски, Менсур Бајрами, Христо Христовски-Мулац, Ѓорѓи Цициевски-Џинка.

*„Победа“ пред фузијата со „Македонија“
Од лево: Ѓорѓи Цинциевски-Џинка, Христо Христовски-Мулац, Кипро Кипровски, Трајче Серафимовски, Гале Герамисимовски, Менсур Бајрами, Микале Мартиновски, Драган Георгиевски-Геџо, Борис Ивановски-Буби, Крсте Крстевски
По Граѓански од Скопје кој во сезоната 1938 година играше во Првата лига на тогашната Југославија, Победа од Скопје беше втор клуб од Македонија кој стана член на Првата југословенска лига, прва формирана веднаш по ослободувањето, по Втората Светска Војна.
Играчите на скопска Победа не се посрамотија во прволигашкото друштво на Југославија. Во конкуренција на 14 клубови, го освои одличното осмо место со 8 победи, шест нерешени игри и 12 порази. Гол разликата беше 41:49.
По Првата лига на Југославија играше практично истиот тим кој го освои првото место во Македонската лига, засилен со Тодор Балевски-Велф, Анте Андоновски-Козица и Васил Дилев.
Интересно е да се напише дека Драган Георгиевски-Геџо со 15 постигнати голови беше втор стрелец во лигата, веднаш зад познатиот играч на загрепски Динамо, Фрањо Белф, кој постигна два гола повеќе. 
Тренер на Победа во тоа време беше Благоја Павловски-Ситното, потоа Цаки Симоновски-Банот, како што на прекар го викаа.

*Последен поздрав во дресот на „Македонија“ 
Драган Геров (капитен), Славко Димитровски, Васко Кокиновски-Макара, Саво Цветковиќ, Цветан Давидовски-Гелчо, Ацо Ивановски-Чапаев, Борис Кимовски-Бале, Христо Георгиевски-Рицко, Благоја Петровски-Бала, Стојан Богоевски-Гајда и Гота Сезаир.  
Инаку, прв шампион на поренашна Југославија беше белградски Партизан, кој го освои првото место во таа прва формирана Прва Лига, пред Динамо, Црвена Звезда и Хајдук.  
Можеби и ова ќе биде интересно. Во 1945 година, веднаш по виорот на Втората светска војна, се одржа прво неофицијално првенство на Југославија, но по турнирски систем на кој играа репрезентации на сите републики, плус Војводина и екипата на ЈНА. Победи Србија, додека Македонија загуби во четврт финалето од репрезентацијата на Војводина со 3:1. 
преземено од „ФФМфудбалмагазин“ (архива)Победа од Скопје, клуб кој денес не постои, беше прв шампион на Македонија во далечната 1946 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: