Петстотини и шеесет социјално загрозени семејства добија покрив над главата, а се уште се градат станови за нив, комерцијалните државни станови се продаваат поевтино, со проектот “Купи куќа, купи стан” околу 250 семејства полесно дојдоа до живеалиште, се забрза и олесни постапката за откуп на општествените станови, а со легализацијата на дивоградбите и приватизацијата на дворовите за едно евро квадрат стотици илјади граѓани добиваат тапии за имотите, анализира Вечер.Близу 560 социјално загрозени семејства во изминатите неколку години дојдоа до покрив над главата преку владиниот Проект за домување на социјално ранливи групи. Само во периодот од 2011-та до крајот на минатата година во Битола, Берово и Штип завршена е изградбата на 220 станбени единици наменети за лица во социјален ризик и други ранливи групи.
Згрижувањето на луѓето кои немаат можност самите да си обезбедат живеалиште продолжува, па лани е почната изградбата на нови станови од проектот за домување на социјално ранливи групи ширум државата. Во Прилеп се градат 75 станови, во Демир Хисар 25, а во Ресен 18 станови, кои ќе бидат подготвени за вселување оваа и наредната година. Исто така изработени се проекти за уште 312 станови во Скопје, 43 во Кочани, 70 во Гостивар, 10 во Македонски Брод, 34 во Пехчево, 39 во Виница, 54 во Свети Николе, 48 во Пробиштип, 41 во Струмица и 62 во Неготино. Владата има во план проектирање на уште 121 стан во Скопје, 68 во Куманово, 55 во Тетово, 46 во Дебар и 29 во Велес.
Освен ова, во Битола се веќе изградени 70 станови наменети за млади брачни двојки, инвалидизирани лица, самохрани родители, самци и други станбено необезбедени лица. За вдомување на овие категории граѓани годинава ќе почне изработката на проектната документација за изградба на уште 35 станови во Скопје, 20 во Кочани, 34 во Тетово и 19 во Кавадарци, како обврска од Акцискиот план за изградба на станови за станбено необезбедени лица што Владата го донесе лани.
Комерцијалните станови и куќи што ги гради државата се шанса и за поситуираните граѓани поевтино да дојдат до покрив над главата. Од оваа категорија досега се завршени 152 станови во скопската општина Аеродром, во истата општина 325 станови се речиси готови и во тек е интерен технички преглед, а во завршна фаза се и 50 станови во Центар. Во Аеродром во моментов се градат, и во 2016 година ќе бидат готови, уште 126 станбени единици. Во Струмица има 35 станови за продажба, а во Битола 149. Освен вкупно 711 готови станови, се изработува проектна документација за уште 350 што ќе се градат во Скопје и во Битола.
Со субвенционирање на станбените кредити со буџетски средства од 1,5 милиони евра преку владиниот проект “Купи куќа, купи стан” околу 250 семејства добија можност полесно и поевтино да дојдат до стан или да си изградат куќа. Проектот тече веќе трета година и според надлежните во Владата интересот е се поголем, а условите постојано се подобруваат што овозможува поголем опфат на граѓани.
Во изминатиот неколкугодишен период преку владини проекти и стотици илјади станбено обезбедени граѓани добија шанса со минимални трошоци да добијат тапии за своите имоти. Околу 350 илјади сопственици на дивоградби пред три години поднесоа барања за легализирање на живеалиштата, а постапката за добивање имотни листови е во тек. За едно евро за квадратен метар тие и официјално стануваат газди на своето.
Досега вкупно се легализирани и запишани во Агенцијата за катастар на Република Македонија 81.298 објекти, од кои 25.075 се во градот Скопје, а 56.223 во останатите општини. Граѓаните кои не стигнале до општините да ја достават комплетната документација имаат време до крајот на наредната година, до кога со најновите измени на законската регулатива е продолжен рокот за поднесување на геодетски елаборати.
Истовремено, во тек е и постапката за приватизација на дворовите и земјиштето под објектите, за која, исто така е предвидена цена од едно евро за квадратен метар за парцели до 500 квадрати. До крајот на минатата година поднесени се 233.971 барање за легализација на дворните места по едно евро за квадратен метар. Од нив со правосилна одлука решени се 136.670 барања, а во постапка се уште 99.277. Со последното пролонгирање на рокот за поднесување барања кој истекува во ноември годинава, се очекува прилив на уште најмалку 10.000 нови барања.Во последно време забрзана е и постапката на продажба на преостанатите општествени станови. Во периодот од август 2011 до февруари 2014 продадени се 560 станови за кои се склучени купопродажни договори. Во моментов во постапка на решавање во Министерството за транспорт и врски се уште 819 предмети.
Во меѓувреме по барање на корисниците направени се измени со кои се олесни процедурата и се забрзува процесот на продажба на становите во општествена сопственост во вториот дел од годинава.
Преку лицитација на државно земјиште до нови работни местаДржавното градежно земјиште од средината на 2011 година се продава по пат на јавно наддавање. Во периодот од август 2011 до февруари оваа година, како резултат на поволностите и транспарентните постапки што ги понуди Владата преку Министерството за транспорт и врски отуѓени се вкупно 318 градежни парцели по пат на јавно наддавање, а единиците на локалната самоуправа продале вкупно 1.541 парцела. Од нив 1.297 се за индивидуално, а 49 за колективно домување. За индустриски објекти за лесна индустрија, стоваришта, сервиси, откупно-дистрибутивни центри, пазари и слично биле наменети 317, за комерцијални објекти 81, за инфраструктурни објекти како катни гаражи, бензински пумпи, паркинзи 27, за сместувачки капацитети, како хотели, мотели, времено сместување, кампови, одморалишта, планинарски домови 74, а за јавни дејности како здравство, образование, култура, социјална заштита, спорт и рекреација вкупно 14 парцели.
Огромни инвестиции во градежништвото со придружните индустрии и голем број вработувања се овозможени преку продажба на државно градежно земјиште за изградба на капитални објекти. Такви се новиот откупно-дистрибутивен центар во Ресен, Дрекслер Маер во Кавадарци, Маркарт во Велес, Сончев град во општината Сопиште, локацијата за изградба на комерцијално-деловен објект и подземна сообраќајница во централното градско подрачје на Скопје и други. Од продажбата на државните парцели 80% од средствата добиваат општините, а 20% одат во државниот буџет, а досега 45 општини се стекнаа со право самите да располагаат со градежното земјиште. За да се забрза продажбата на одредени локации и за одредени намени, овозможено е квадратен метар од парцелите да се продава со почетна цена од едно евро.Близу 560 социјално загрозени семејства во изминатите неколку години дојдоа до покрив над главата преку владиниот Проект за домување на социјално р