Траурно беше тој 31 август 1924 година. Мрак се спушташе од врвот на Пирин Планина и којзнае по кој пат се надвиснуваше над тажната судбина на Македонија.Траурно беше тој 31 август 1924 година. Мрак се спушташе од врвот на Пирин Планина и којзнае по кој пат се надвиснуваше над тажната судбина на Македонија. Жителите на село Сугарево први ги чуја истрелите, кои прекинаа еден сон за слободна и автономна Македонија. Тој сонуваше иако не спиеше затоа што постојано беше со мислата за Македонија. Иако во почетокот ја криеја неговата смрт, неговото отсуство го почувствуваа комитите и војводите од Горна Џумаја до Серес. Пиринските ели, кои единствено ја знаеја тажната и тајна вест нечујно шумолеа: легендарниот водач на ВМРО е мртов, кукавички предаден и убиен…
43 години порано, на4.3.1881 година, еден друг, весел плач на новородениот син го развесели семејството на Александар Поп Орушев и на Марија Хаџијанева во Ново Село, Штипско. Судбината сакаше да се роди во скромното, чесно, патриотско и револуционерно семејство, кое се дружеше и со Гоце Делчев, Даме Груев, Мише Развигоров и со Ефрем Чучков. Ги носеше тие доблесни карактеристики уште како дете, беше кроток, со смирен дух и трпелив, работлив, талентиран и милозлив, крајно коректен кон родителите. Таков остана целиот живот. Ги почитуваше своите шест сестри и го сакаше својот народ. Тргна по стапките на татко му и стана учител. Тргна по стапките на Гоце Делчев и стана и учител и револуционер. Тргна по стапките на еден обичен поробен Македонец и стана маченик.
Одот по трнливиот пат на македонското ослободително движење го почна кога имаше само 17 години, кога се приклучи на ТМРО. Судбината сакаше токму „историското сознание на револуционерна Македонија“, Христо Матов да го вклучи во редовите на организацијата, и на тој начин му го поплочи патот еден ден да стане нејзиниот најголем трибун. На само 22 години тој веќе го пишува својот револуционерен патопис како околиски раководител на кочанскиот реон, тој беше тој што го набави експлозивот за солунските атентатори, собираше оружје за Илинденско-преображенското востание, беше апсен и затворан во мрачните турски затвори. И сето тоа како дополнително да го исчеличи и убеди дека е на вистинскиот пат. На само 22 години неговото име веќе го знаеја сите тогашни поистакнати дејци на ВМРО. Уште повеќе, во него тие веќе го гледаа новиот идеолог на организацијата.
Паралелно со револверот дејствуваше и со перодршката, како учител на својот народ во источна Македонија, но турските прогонства од 1904 година ќе го одведат таму каде што отсекогаш припаѓаше – планините. Многубројни се позициите и одговорностите што ги имаше во револуционерната организација и од 1911 година, заедно со Христо Чернопеев и со Петар Чаулев е член на ЦК на ВМРО, каде што ќе остане до смртта. Не им веруваше на младотурците и жестоко одговараше на сите турски жестокости: на убиствата со убиства, на грабежот со грабеж, на теророт со терор, но знаеше и на љубов да возврати со љубов.
Татнеа бомбите од атентати испишувајќи го неговото име од Солун, преку Дојран до Радовиш. Неговиот немирен дух почнува да ја бранува Македонија, целата турска империја, но и Европа. Неговото име се испишуваше и преку премрежињата на балканските војни, кои ги предвиде како погубни за Македонија и затоа сметаше дека ВМРО мора да дејствува и да не дозволи нови окупатори. Трипати едноподруго во таа 1912 година ќе навлезе со своите чети во Македонија и жестоко ќе се бори за ослободувањето на Солунско и на Кукушко предизвикувајќи страв и трепет кај Турците и кај Грците. Оди во Одринско, па во Штипско, нема сила што може да ја запре таа челична волја да дејствува во клучните моменти за судбата на својата родина. Следуваа Охридско-дебарското и Тиквешко-лакавичкото востание. Жестоко се спротивстави на Букурешкиот договор и на поделбата на татковината и се бори за независна Македонија. „Територии и држави може да се делат на зелена маса, но не може да се делат: историјата, културата, јазикот на народите…“, – рече. Со своите чети не дозволува вештачката поделба да се спроведе на терен. Ако денот им припаѓа на окупаторите, во ноќите царуваат неговите чети. Никогаш не ја загуби вербата дека Македонија може повторно да биде обединета и слободна.
Александров и ВМРО не мируваат ниту во Првата светска војна, каде што се „јуришна коњаница“ во првите фронтовски линии. Со своите сонародници од славната 11. македонска дивизија ќе остави свој белег со Валандовско-удовската атака и епопејната битка на Криволак. Германскиот кајзер Вилхелм лично бара да го види тој истакнат офицер на македонската милиција од кого ќе добие одликувања и позлатена сабја.
Иако големите балкански и светски собитија беа разочарувачки за Македонија, Александров никогаш не ја напушти каузата на македонското ослободително дело и сонот за една силна организација. Отсекогаш сонуваше за силна ВМРО и за силно револуционерно движење, кое кај него најдобро го има проценето Павел Шатев: „Тој гледаше на нештата многу пореално и сакаше да биде полезен и на делото и на своите блиски и не сакаше да прави експерименти. Неговиот трезвен ум непрестано работеше и тој не ги губеше своите слободни часови, а постојано работеше и мислеше како да може да биде полезен на ослободителното движење.Тој бараше патишта и методи на дејствување за да се реорганизира масата и да се создадат грамадни организации, кои ќе бидат раководени од еден центар, кој во даден момент ќе располага со тело и дух со луѓето на тие градски и селски организации и ќе исполнува познати револуционерни акции. Така тој мислеше за создавање на една моќна и приспособлива револуционерна организација…“
Неправедниот Версајски договор од 1918 година ја потврди катастрофата од Букурешт и Македонија остана поделена и окупирана. Но, како и секогаш, ВМРО стоеше како Дамоклов меч над новите поробители. Жарот од огнот запален во 1893 година, никогаш незгаснат, чекаше да се распламти во нов револуционерен дух, кој повторно ѝ требаше на Македонија.
И тогаш, очекувано, повторно се развиори славното име, Тодор Александров. Уште од последните години од војната почна да ги собира дел од старите војводи и почнува возобновувањето на ВМРО. Се основаат револуционерните пунктови во Неврокоп, Петрич, Ќустендил, се набавуваат првите количини оружје, се прават неопходните подготовки и до пролетта во Вардарска Македонија влегуваат првите чети. Организацијата повторно се возобновува во окупираните делови како порака дека ВМРО е тука и повторно подготвена да се бори. Основни цели и принципи за организацијата, уредени со ЦК на 11.6.1920 година се: Извојување на слободата под формата на автономија или независност на Македонија во нејзините етнографски и економски граници“. Две недели подоцна, Тодор Александров, Славчо Иванов и Стојан Кочански влегуваат со четите во Вардарска Македонија. Со нив, се возобновуваат револуционерните јадра по селата, се случува масовно полагање заклетва за ВМРО. Се формираат форми на власт, како селска милиција, судови, се формираат тајни канали за достава на пошта, материјали, оружје и чети. ВМРО има своја армија од 9.600 луѓе и околу 150.000 резервисти, со своја уникатна униформа и „крумката“ како заштитен знак на четничкото движење. ВМРО има своја парола, која е многу кратка и јасна: „целосна и независна Македонија“. До крајот на 1920 година, ВМРО веќе ја има вратено својата стара организациска структура како во турското ропство, со старите револуционерни окрузи и околии и најдобро се етаблира во Скопско, Кумановско, Кратовско, Овчеполието и во Штипско. Во Беломорска Македонија пристапот е повнимателен, со одбегнување борби што би наштетиле на населението под налетот на грчките колонизатори и асимилатори. „Њујорк тајмс“ од 10.8.1924 година ќе забележи дека: „ВМРО е организирана до совршенство, со своја пошта и дистрибутивни центри, со своја милиција и одлично вооружени сили, располага со своја сопствена културна, економска политика и претставува една вистинска држава, мистериозна силна и која има строго определена цел, прогласување на Македонија за слободна држава со главен град Солун“.
Се градат сојузништва со Албанци, Турци, Романци, муслимани, дури и со комунистите и како што Тодор знаеше да рече „ако е потребно ќе се здружиме и со ѓаволот, само за доброто на Македонија“. Но, никогаш не прифати ВМРО да се претвори во коминтерновски измеќар и во болшевичка партија. За него организацијата, каква што отсекогаш ја сонуваше, беше светост, која со ништо не смееше да се осквернави. ВМРО е чувар на јазикот, културата, традицијата, но и на моралот и на чесноста и на достоинството. Тука ВМРО нема компромиси. Жестоко се пресметуваат со сите тие на кои банкнотите им се поважни од организацијата. Тој го устоличи принципот дека ВМРО е неспоива со лични интереси, неморал и богатење на сметка на револуционерното дело. Со неговиот аскетизам самиот беше пример за скромноста и чесноста, која треба да има еден вистински припадник на организацијата.
ВМРО почнува да биде страв и трепет за српските жандари, кои во тоа време достигнуваат и 13.000. Четничките акции се насекаде каде што крстосуваат војводите: Лазар Велков и Величко Велјанов во Скопско, Панчо Михајлов во Кочанско, Иван Крстев и Григор Хаџикимов во Штипско, Крсто Лазаров во Кумановско, Стојан Леков во Кривопаланечко, Гошо Чолаков, Никола Панов и Никола Гулев (син на Питу) во Велешко, Георги В’ндев во Струмичко, Ефрем Чучков во Малешевијата, Христо Симеонов во Радовишко, Мито Илиев во Серско Кујумџиев и Стаматов во Солунско, Стојан Илиев, Стојан Антов и Атанас Калчев во Тиквешко, Ичко Димитров и Стојан Мандалов во Гевгелиско, Илија Дигалов во Костурско. Арсо Локвички во Леринско, Иван Гјурлуков во Прилепско, Љубомор Васов во Крушевско… а рамо до рамо меѓу нив, Тодор Александров, кој со целиот свој штаб е во Македонија. Тој е насекаде каде што е потребно, во Македонија, Бугарија, Италија или во Англија, истовремено да биде и војвода и комита и револуционер и идеолог, да организира и насочува, да биде и министер за надворешни работи, министер за финансии, врховен командант, социјален управник, но најважната негова улога – да го враќа и возобновува непокорниот македонски дух на непокорот, духот на ВМРО. Тодор во едната рака ја држеше пушката, а во другата перодршката, пишувајќи неуморно меморандуми и писма до европските лидери зошто Македонија треба да биде слободна и независна. Како одличен познавач на балканските околности предложи дури 11 сценарија, секакви варијанти, само да ја види татковината слободна. Веруваше во тоа, иако знаеше дека, можеби, нема да го доживее тоа. Кога патуваше во Европа, зајмеше цивилна облека затоа што комитската одежда беше единствената што ја имаше. Изветвена пелерина му ги покриваше плеќите затоа што со години го чуваше од дождот и студот по македонските планини.
На многумина почнува да им пречи таа возродена сила на Балканот. Србија, која сваќа дека нема толку лесно да ужива во окупираните територии, Грција и нејзините проекти за етничко чистење, Бугарија со превртливата и интригантска влада на Стамболиски, но и Москва и Коминтерната. Под вакви околности, притиснат од сите страни продолжува да дејствува Тодор Александров. Но тој и натаму е тој што ја диктира политиката и настаните на Балканот. Тоа е името што сѐ почесто ќе се наоѓа во извештаите до балканските државници, но и во Лондон, Париз, Берлин, Вашингтон. Европскиот печат почнува да известува за легендарниот водач на ВМРО и ја раскажува приказната за Александров.
„Ројтерс“ од 26.9.1923 година пишува: „лицето му е испиено и погорено, затоа што било изложено на најразнобразни невремиња, но тоа лице е полно со енергија и има очи што го разоткриваат внатрешниот оган на една проаждајска цел и на еден пламенски ентузијазам…“
Париски „Журнал“ од септември 1923 година опишува… „тој независно од големите опасности го продолжува своето дело на апостол… денес тој е највлијателниот меѓу сите Македонци, кои се стремат кон независност… Неговиот живот е легендарен. Тој носеше иста униформа како и неговите четници, живее ист живот со четниците, се движи пеш како и другите, спие на земја, често се храни само со леб, носи пушка со 25 патрони, бомби, двоглед и раница во која е сместена архивата…“
Унгарскиот „Еко де данјуп“ од 6.1.1924 година: „тој има префинети и грижливо зачувани раце, очи во кои блеска пламен на апостол, погледот му е сосредоточен, а усните складни и малку бледи. Лицето му личи како тоа на Исус.Тука тој е Исус на Балканот, БОРБЕНИОТ ХРИСТОС НА ГОРИТЕ…“
Лондонски „Тајмс“ одбележи: „Тодор Александров беше еден од најзабележителните водачи на Балканот. Поседувајќи крајна магнетична личност, тој беше тип на фанатичен патриот, кој не би сопрел пред ништо, за да ја постигне својата цел – создавањето на автономна Македонија“.
Судбината на Александров не би била судбина на еден Македонец ако не загинеше предаден, од рацете на тие со кои заедно чекореше, ги делеше лебот и водата. Ја немаше „среќата“ да загине во борба како Гоце Делчев, иако смртта го затече на пат кон уште еден конгрес на ВМРО. Како и секогаш, во тие мигови зборуваше за организацијата и за Македонија, размислуваше како понатаму, дури и кога прилегна на планинската трева да се одмори. Димитар Вретенаров и Штерју Влахов, пулени на корумпираниот среброљубец Алеко Василев – Пашата, македонските јуди откако го изедоа последното парче од лебот, кој тој им го подаде, кукавички му стрелаа в грб. Вистинските наредбодатели сѐ уште се мистерија…
Ореолот на светец го осветлуваше неговиот лик и дело и по смртта, со иста енергија како и додека беше жив. Го препознаваа селаните низ сите места на поробена Македонија, каде што редовно поминуваше нарекувајќи го „Нов апостол Петар“. Тој им ја враќаше вербата дека слободата ќе дојде и затоа секогаш ширум му ги отвораа портите и горделиво коментираа: „Овде помина Тодора“… Тој беше нивниот водач и надеж дека ропството еден ден ќе го нема. Одамна во неговите очи препознаа светец затоа што тој беше тука, да помага кога беше и најтешко и најпотребно. Не чекаа да поминат 200, туку на втората година од смртта ја канонизираа неговата светост затоа што тој чин го возљуби господ бог преку црквата. Поголема од таа благовештена награда нема. Таа светост остана имуна на сите мрачни невернички сили на комунизмот, чиишто зли режимски јазици и нивни денешни реликти се обидуваат да ја засенат неговата големина.
војводата денес мирно почива во прегратките на Пирин Планина. Неговото спокојство го чува неговиот телохранител Панзо Зафиров, кој не можеше да го заштити, беше убиен и погребан со него. Го чуваат и дрвјата и птиците во своите крошни, дозволувајќи само тогаш, на кобниот 31 август, гардата од многубројни негови почитувачи повторно се поклони пред неговата големина и да ја прекине апсолутната тишина.
Патеките по кои одеше веќе одамна се покриени од планинското цвеќе затоа што каде што стапнуваше, земјата се осветуваше. Омекнуваа наеднаш планините, се припитомуваа стрмнините во очекување да помине нивниот омилен војвода, како на некој начин поробена мајка Македонија да му го олеснуваше патот на својот посветен син. Тој им припаѓаше на плананините, а и тие му припаѓаа нему. По неговата смрт планините никогаш повеќе нема да бидат исти, затоа што тој беше нивниот последен цар.
republika.mkТраурно беше тој 31 август 1924 година. Мрак се спушташе од врвот на Пирин Планина и којзнае по кој пат се надвиснуваше над тажната судбина на Маке