Политичката криза има цена на чинење, но доколку го одржиме фокусот на спроведување на идните реформски приоритети без оглед на напредокот на политичкиот дијалог ќе докажеме дека Македонија има капацитет да води преговори со ЕУ. Оценката за тоа сепак ќе ја донесе Европската комисија, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.– Остатокот е политичко прашање и Советот носи одлука врз основа на политичка проценка. Тука не би можел да навлегувам во шпекулации бидејќи има 28 политичките интереси кои треба да се преточат во едно решение, рече Попоски на средбата со новинари по повод одржувањето на претстојната Париска конференција за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес запрашан за препораката на ЕК за Македонија.
Потребно е, истакна Попоски, одговорно однесување на сите чинители во Македонија, бидејќи цехот на крајот го плаќаат сите граѓани.
Во однос на ставот на Грција изнесен од шефот на дипломатијата Никос Коѕијас на состанкот на Советот на министри на ЕУ дека Атина е против воведување санкции за Македонија, Попоски рече дека Грција најдобро ја знае залудноста на санкциите кои и ги воведе на Македонија во деведесетите години и оти сите соседи треба да си направат математика колку би ги чинеле санкциите во соседството.
Попоски и Антоан Грасин, француски амбасадор задолжен за организирање на Парискиот самит за Западен Балкан, истакна дека во фокусот на Форумот ќе бидат економијата, инфраструктурата и мобилноста на младите.
Попоски нагласи дека е важно грантовите да бидат фер распределени, бидејќи Македонија учествува со проекти кои се важни за земјата. Амбасадорот Грасин најави и отворање канцеларија за млади.
Според Попоски, важно е да се нагласи дека акцентот е ставен на тоа младите да можат слободно да се движат и работат низ Европа, но да имаат иднина во својата земја.
Во однос на утрешниот референдум за излегување на Велика Британија од ЕУ, шефот на македонската дипломатија рече дека тоа е прашање за Британците, но дека сите земји треба да постапуваат согласно нивните интереси.
– Каде ќе биде Британија е прашање за Британците. Само Британците имаат право да одлучат за тоа дали ќе бидат во ЕУ или надвор од неа. Едно е јасно дека според сите математики и за Европа и за Британија е подобро внатре отколку надвор. Конечно граѓаните ќе си го кажат своето. И ние кои сакаме да влеземе во ЕУ и оние кои веќе се внатре треба да се однесуваат така како што сметаат дека е во нивен интерес. Од гледна точка на Македонија ние сметаме дека треба да бидеме внатре и да бидеме на масата кога ќе се носат одлуки, истакна Попоски.
Француската амбасадорка во земјава Лоренс Оер рече дека е од интерес на ЕУ, Велика Британија да остане, но остава да види што ќе донесат резултатите утре.
– Сите со нетрпение ќе ги очекуваме резултатите од референдумот што ќе биде од суштинско значење за иднината на ЕУ. Доколку се случи да добиеме негативни резултати, француската Влада ќе направи се Обединетото Кралство да остане во рамки на ЕУ, рече Оер.
Самитот „Париз-Западен Балкан 2016“ треба да се одржи на 4 јули во француската престолнина.– Остатокот е политичко прашање и Советот носи одлука врз основа на политичка проценка. Тука не би можел да навлегувам во шпекулации бидејќи