Потрошувачите нема да останат без струја – децидни се од АД ЕЛЕМ. -Потрошувачката на електрична енергија постојано се следи и производството од домашните капацитети се адаптира во согласност со потребите на регулираниот пазар. Со оглед на најавите од АД ЕВН дека и претстојните денови се очекува и до 30 проценти поголема потрошувачка во однос на вообичаената за тој период, согласно распишаниот јавен оглас на АД ЕЛЕМ од 10 јануари за периодот од 14 до 22 јануари, извршена е набавка на вкупно 22,824 Мwh по просечна цена од 79,38 евра за мегават час, информираа од ЕЛЕМ.
Во изминативе неколку дена, кога беше и најстудено, меѓу 78% и 91% од потребите беа задоволени од домашните капацитети. Отстранет е дефектот во РЕК Битола и сега работи со целиот потенцијал.
Од ЕЛЕМ уверуваат дека набавката на електрична енергија преку увоз нема да има влијание врз цената на струјата за домаќинствата и за малото стопанство.
„Прогнозите се дека во следниве денови температурата ќе се искачи над нулата. Тоа влева надеж дека конзумот ќе падне, а со тоа и стабилноста на системот ќе се зголеми. Претстои и поволен период зашто снегот што се топи ќе ја намали цената на струјата во регионот, односно ќе има многу евтина енергија напролет“ – вели генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски.
Соседните држави соочени со предизвици
Дополнителен проблем во овој период од годината, освен зголемената потрошувачка поради ниските температури, беше и фактот што имаше дефекти и во неколку енергетски капацитети во соседството, некои се и целосно надвор од употреба, а дел од државите воведоа и забрани за извоз. Ова придонесе цените значително да се зголемат.
„И покрај временските прилики, успеавме навреме да ги испорачаме потребните количини електрична енергија. Граѓаните не треба да се грижат, така ќе биде и во наредните денови“ – порачува Мицковски.
Нема проблеми во дистрибутивната мрежа
Ниските температури значително ја зголемија потрошувачката на електрична енергија – велат од ЕВН Македонија. Засега нема проблеми во дистрибутивната мрежа, се јавуваат само помали дефекти, а екипите брзо интервенираат. Има три причини поради кои настануваат проблемите.
„Дистрибутивната мрежа е подготвена да издржи поголеми оптоварувања. Одредени проблеми можат да се појават онаму каде што има корисници со стари енергетски согласности, односно на оние места каде што порано имало објекти со мала квадратура, а се изградени двојно или тројно поголеми објекти кои не добиле соодветна енергетска согласност и има зголемено оптоварување на мрежата. Второ, тука се оние места каде што мрежата не е димензионирана за користење на електрична енергија за затоплување, односно онаму каде претходно имало парно греење, а сега се користи струја. И трето, најголем проблем се кражбите на струја“ – објаснува портпаролот на ЕВН Македонија, Атанас Ковачевски.
Енергетската ефикасност – приоритет за земјава
Во енергетскиот биланс за годинава е предвидено вкупната потрошувачка на енергија да порасне за 2,3%. Сепак, многу работи ќе зависат од големите индустриски капацитети кои учествуваат и со 20% во конзумот.
„Ако потрошувачката на електрична енергија се намали за 2%, тогаш увозот ќе биде 30%, а домашното производство 70%. Ако, пак, металуршките комбинати работат со полна сила, домашното производство ќе остане на исто ниво, но увозот ќе достигне 40%“ – вели првиот човек на Македонската енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев.
РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино се далеку од она што претставуваа во минатото. Учеството на обновливите извори на енергија е зголемено и сега изнесува околу 7% од енергетскиот биланс, но произведените количества не можат да бидат замена за работењето на термоелектраните.
„Тие можат да ја ублажат ситуацијата, но мора да се најде начин термоелектраните да произведуваат со полна сила“ – посочува Анѓушев.
Инвестиции во обновливи извори на енергија
Македонија располага со доволен потенцијал да ги задоволи своите потреби за електрична енергија од обновливи извори, но се потребни финансиски средства, стратегија, како и целосна либерализација на пазарот – велат познавачите.
„Со сите наши стратегиски планови, стратегијата за енергетски развој, за енергетска ефикасност и за обновливи извори на енергија, целта е да се ослободиме од еден увоз на електрична енергија во следниот период, не во наредните 5 до 6 години, но ајде да заокружиме на 20 години, ако можеме да се ослободиме од увоз на енергенти. Некој ова го смета за утопија, но треба да се стави како патоказ“ – вели универзитетскиот професор Константин Димитров.
Енергетските експерти советуваат дека земјава мора многу поагилно да ја турка агендата за енергетска ефикасност, бидејќи проекциите се дека до 2020 година можат да се заштедат над 2.700 гигават часови електрична енергија, што е еднакво на годишното производство на првиот блок на РЕК Битола И ТЕЦ Осломеј заедно.
„Енергетската ефикасност за Македонија претставува ресурс. Полека се поттикнува свеста кај граѓаните дека трошењето на енергија удира по џебот, но државата мора да спроведе подобра кампања за информирање“ – вели универзитетскиот професор Константин Димитров.-Потрошувачката на електрична енергија постојано се следи и производството од домашните капацитети се адаптира во согласност со потребите на регули