Во последно време скоро секојдневно се зборува за користа, а и опасноста од вештачката интелигенција. Но, сега конечно се слушна и мислењето на роботот токму од неговата уста!Додека разговарал со експертот за роботика Дејвид Хансон, морничавиот робот Софија откри дека „би сакала да оди во училиште, создава уметност, има семејство… и да ги уништи луѓето!“
Иако, наводно, станува збор за безопасна шега, одговорот би можел да ги исплаши оние коишто се плашат од можен бунт на роботите, а меѓу нив се Стивен Хокинг и Елон Муск. Двајцата предупредија дека вештачката интелигенција би можела да го уништи човештвото.
Софија наликува на жена и е во состојба да направи бројни изрази на лицето кои делуваат сосема природно. Исто така, таа може да воспостави и контакт со помош на камери што се наоѓаат во нејзините очи. Компјутерскиот алгоритам во нејзиниот „мозок“ е во состојба да препознава лица и да воспостави контакт со очите.
Кожата на роботот е направена од материјал по име „Frubber“, додека нејзините бројни мотори овозможуваат да се насмевне. Андроидот е способен да го разбира говорот и да меморира интеракции. Токму затоа, станува сѐ попаметен.
„Нејзина цел е да стане свесна, креативна и способна како луѓето“ – објаснува д-р Хансон.
„Во идинина имам намера да одам во училиште, да студирам, создавам уметност, започнам сопствен бизнис, па дури и да имам свој дом и семејство. Но, законски сѐ уште не сум личност и не можам да ги правам тие работи“ – вели Софија.
Д-р Хансон објасни дека човеколиките роботи ќе одат меѓу нас, ќе нѝ помагаат, ќе нѐ подучуваат и помагаат.
На прашањето „Дали сакаш да ги уништиш луѓето?“, Софија одговорила „Ќе ги уништам луѓето.“
Хансон само се насмевнал, не сфаќајќи ја Софија сериозно.
Скорешно истражување покажа дека едно од три лица верува дека развојот на вештачката интелигенција ќе претставува сериозна закана за човештвото во наредниот век. Над 60 отсто од луѓето стравуваат дека роботите ќе предизвикаат намалување на работните места во наредните 10 години.
Но, помалку од половина од испитаниците се спротивставуваат на намерата роботите или програмите да бидат опремени со емоции или личност.