Во емисијата „Kлик“ на ТВ „21“, на 9 ноември 2016 година, лидерот на опозицијата, Зоран Заев, не информира дека неговите „бомби“ со кои застрашувачки ги стресе темелите на државата биле полувистини!? Поточно – полу лаги! Ако е така, а тој тврди дека е, веќе само ова негово јавно признание заслужува веднаш да биде повикан на најстрога одговорност. Никој во светот, та ниту кај нас, не може да си игра со судбината на државата и народот со – полувистини или полулаги. Сосема со право, на времето, за такво нешто се бесело на главниот плоштад. Арно ама, во Македонија сѐ е можно.Покрај Заев, во дебатата на ТВ „21“, учествуваа уште четворица Албанци, вклучувајќи го и водителот кој, на крајно некоректен начин, цело време го испитуваа како да е тој на обвинителна клупа. Тој неа секако ја заслужува ама не на ваков начин. А Заев, докажано слаб пливач, повеќепати се најде – под вода. Поразот е неизбежен кога власта се сака по секоја цена и кога се нема конзистентна политика, а се следат странски инструкции, погубни за Македонија.
Не случајно, Албанците особено внимание посветија на случајот „Монструм“. Го обвинија Заев дека повеќепати ја најавувал „вистината“ за овој случај, со што создавал емотивна напрегнатост кај мнозина и масовни очекувања за, на крајот, да ги изневери сите.
Еве го одговорот на Заев: „Случајот ’Монструм’ не го објавив во ’бомбите’ зашто тоа беше полувистина! Тоа би отворило страсти и незадоволство. Затоа, поарно е материјалот да оди прво на СЈО за да се добие целата вистина. Тоа е причината зошто не го објавив“!?
Свесно или не, Заев ни откри сѐ. Ни кажа дека земјата ја фрли на колена и ја посрамоти пред целиот свет – со полулаги. Свесно објавена полувистина е најголема измама и злоупотреба. Ако сето тоа се стави во контекст на пресумцијата на невиност, на сите што Заев ги стави јавно на тапет, неговата одговорност е огромна и непресметлива.
Сега, минимумот е Заев да ни објасни: Зошто едни полувистини/полулаги се добри за јавноста, а другите лоши и опасни? Зошто истата логика, која ја следел за случајот „Монструм“, не важела и за сите други бидејќи штетата од нив е неспоредливо посуштинска? Според кои критериуми тој ги делел „бомбите“ на корисни и штетни и, што е уште поважно, според кои цели? Зошто не почекал сите индикатори да се докажат на законски начин, како во случајот „Монструм“?
На горните прашања постојано мора да се бараат одговори иако на сите ни е јасно дека с` што објави Заев беше резултат на прецизни лични и партиски калкулации, како и на странски интереси, за да се руши сегашната власт. Тој го презентираше само тоа што му одговараше нему и на неговите политички ортаци. Со селективното и јавно пласирање на полувистини/полулаги, што е тешко кривично дело, Заев сериозно ги загрози фундаменталните интереси на македонскиот народ и на државата, кои целосно ги игнорира последниве неколку години. На апсолутно нелегален и нелегитимен начин, да го заборавиме самиот чин на прислушување, тој избра кого ќе резили, а кого ќе штити, што е спротивно на сите правни норми. Преттекстот, пак, дека Заев, демек, сето тоа го правел за некаква правда и против некаков криминал е невиден апсурд, без никаква смисла и – смешен! Во прашање е тежок политички криминал, чии жртви сме сите, без исклучок. Последиците се долгорочни и историски.
Доказ дека однесувањето на Заев не е автохтоно, туку е дел од осмислено (странско) сценарио, се и активностите на СЈО. Тоа ја следи истата селективна матрица и користи исти или слични нелегални методи и начини како Заев: форсирани прес-конференции, најава на големи криминали, јавно бламирање на лица од власта… И сето тоа без никаква завршница. Не треба да има никакви дилеми дека и намерата им е иста – промена на власта, која не е по волја на Вашингтон. Целта, нели, ги оправдува средствата. Само така, впрочем, и со помош на „нашите“ петтоколонаши, може да се прекрсти државата и разнебити народот.
Дека ништо од ова не е некаква наша опсесија, добивме потврда и од преку океанот. Тамошните соросоиди, организирани против Трамп, деновиве извикуваат „нема Хилари, нема мир“! Ви текнува? Истите шарени папагали нам ни порачуваа „нема правда, нема мир“! Kаква „случајност“ и „коинциденција“ на слоганите!
За нас, резултатите се веќе тука: БДП намален за неколку стотини милиони евра; Македонија не била никогаш подалеку од Брисел; во земјата имаме максимализација на големоалбанските аспирации; Македонците никогаш не биле подлабоко поделени… Најверојатно, и најголемите душмани не ни го посакувале дереџево кое, стимулирани од надвор, ни го донесоа Заев и неговата братија. Kој ни е виновен што само така можат да ги реализираат политичките амбиции.
Во дебатата имаше и други „бисери“. Четворицата, кои отворено заговараа големоалбански визии, цело време тврдеа дека Албанците во земјава не биле рамноправни. За да не биле такви требало: политичка рамноправност (демек – федерација); еднаква распределба на ресурсите (федерален буџет); еднакви услови за вработување на младите (што е чиста шовинистичка парола бидејќи за такво нешто нема никакви формални пречки); двојно мнозинство за составување влада (федерален модел)… Заев не ја коментира „нееднаквоста“ на Албанците, ама факт е дека, макар формално, ги отфрли федерализацијата и „етничкиот“ буџет бидејќи сите проблеми низ државата требало да се решаваат по систем на рамноправност на сите региони.
Заслужува внимание и ставот на еден од Албанците кој рече дека – односите со соседите покажувале колку е хистерична нашава држава! Заев се согласи и го надополни: „Имаме лоши односи со сите соседи. Мораме да ги подобриме. Во последните 10 години се скаравме со сите“!
Човекот, очигледно, не е од тука. Не му се јасни некои основни работи во државата која сака да ја води. Тој не може да сфати дека единствен столб на унитарниот карактер, по ОРД, остана – македонскиот јазик. И дека, не случајно, сите напори на националистичките албански лидери се насочени токму кон рушење на истиот. Така, и практично, државата ќе добие федерален карактер. Заев не разбира дека одбивањето на Албанците да го учат македонскиот јазик е создавање на гето кое, еден ден, ќе покаже дека не можеме да живееме заедно бидејќи – не се разбираме. И, место Заев да биде категоричен дека јазикот на мнозинството ќе биде основата преку која ќе се комуницира во државата тој бара Македонците да учат албански а не обратно. Заев или не ги гледа тенденциите на албанизација на државава кои својата кулминација ја доживееја во 2001 и во 2004, или се прави наудрен.
Сепак, не е можно на Заев да не му е познато дека во 2001, САД ја организираа војната (сетете се на 17-те американски воени инструктори во Арачиново, со ОНА) и, кога таа не успеа, ни го подметнаа ОРД. Некој морал да му каже дека Вашингтон го прифати нашето уставно име, во 2004, само делумно и со единствена цел да не успее референдумот против новата административна поделба со која, историски погрешно, се албанизираа Kичево и Струга, во добар дел и Скопје, кое стана двојазично, а преку тоа и голем дел од целата земја.
Еве што изјави Ричард Баучер (Richard Boucher), портпарол на Стејт департментот, на 5 ноември 2004 година: „Вашингтон реши да го признае уставното име на земјата како поддршка на напорите на Скопје да го имплементира законот за децентрализација“! Поширока елаборација не е потребна. Можеме само да додадеме дека, нешто подоцна, САД зазедоа прецизен став дека Македонија мора да се прекрсти преку договор со Грција и дека тие веднаш ќе го прифатат новото име! Значи, привременото и делумно признавање на нашето уставно име ќе го фрлат на ѓубриште ама албанизираните делови ќе ни останат за трајно сеќавање на американскиот макијавелизам.
Заев заглави и со инсистирањето дека (ќе) гради граѓанско општество. Веднаш беше матиран со оценка „ама тоа значи промена на Уставот. Таму се ’етнички заедници’ и нема ни ’г’ од граѓански карактер на државата. Ќе го менувате ли? Одговорот на Заев беше – да!
Ако ваквото неодговорно, историски крајно штетно ама и криминално однесување на лидерот, од кого не се дистанцира партијата – не биде осудено од народот на овие избори, поарна иднина и не заслужуваме.
Во меѓувреме, Заев беше во Швајцарија од каде ни испрати нови „бисери“. За нив во следна шанса.
Ристо Никовски за ДневникПокрај Заев, во дебатата на ТВ „21“, учествуваа уште четворица Албанци, вклучувајќи го и водителот кој, на крајно некоректен начин, цел