Програми и мерки за нови работи места

Почна реализацијата на новиот Оперативен план. Преку активните мерки и политики се предвидени 10 илјади нови работни места, за што ќе се потрошат нешто повеќе од 14 милиони евра, објави Лидер.-Со реализацијата на овој Оперативен план очекуваме отворање на околу 10.000 нови работни места, заедно со „Македонија вработува 2“, со што значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која наредната година планираме да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти, вели вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Оперативниот план содржи 22 програми и мерки за вработување и 11 услуги на пазарот на трудот. Со нив се очекува да бидат опфатени вкупно 41 илјада луѓе.
-Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени таргети и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планирани 10 илјади, туку ќе оствариме најмалку 5.000 повеќе вработувања, вели директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
Лидер прави анализа на содржината на оперативниот план и на предвидените мерки и активности за намалување на невработеноста.
Серија мерки за намалување на невработеноста
Оперативниот план за годинава е обемен и сложен, со многу мерки и програми. Претприемништвото ќе се развива преку Програмата за самовработување и преку Програмата за самовработување на луѓе со инвалидност. Целта е да се поддржат невработените при процесот на основање сопствена фирма, да се формализира веќе постојна неформална дејност, да се креираат дополнителни вработувања, што е и едно од барањата на бизнис – секторот.
-Во фокусот на новата влада треба да бидат домашните компании, инвестирањето во нивниот развој како генератори на економскиот пораст на националната економија. Потребно е да се овозможи функционален систем за справување со сивата економија, од каде што нема придонес во буџетот преку плаќање даноци и придонеси, вели претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска.
Програмата опфаќа обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис – план и регистрирање на дејност, грантови во форма на опрема или материјали, како и менторство во време на започнување на бизнисот, што значи комплетна логистика за успешен деловен потфат.
-За реализација на секое самовработување се предвидува поддршка со неповратни средства во висина од 263.940 денари од кои 246.000 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема и/или материјали, додека 17.940 денари се наменети за поддршка во вид на основна обука за претприемништво и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис – план и поддршка при регистрирање на бизнисите, стои во Оперативниот план.
Со Програмата за самовработување ќе опфатат 1.050 невработени, односно ќе се поддржат 1.000 микрокомпании. Грантот за поддршка за отворање компанија од 3.000 илјади е зголемен на 4.000 илјади евра!
Програми за нови субвенционирани вработувања
Поддршка за растот на микро и мали претпријатија за создавање нови работни места, програма за условен паричен надоместок за субвенционирано вработување на луѓе во социјален ризик, проектот „Македонија вработува 2“, субвенционирано вработување на лица со инвалидност, поддршка за брзорастечки фирми – газели, финансиска поддршка за отворање приватни детски градинки и приватни домови за стари лица – ова се активностите и програмите за субвенционирано креирање нови работни места.
-Сите невработени кои се евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа имаат пристап до услугите и програмите, односно мерките за вработување утврдени со Планот, вели министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.
Со грант од 92 илјади денари во форма на опрема и материјали ќе се поддржи создавање нови работни места со полно работно време во микро, мали и средни правни субјекти.
Пари има и за фирмите – газели. Преку доделување неповратни средства за набавка на опрема и материјали ќе се поттикнува растот на домашните компании и ќе се отворат нови работни места.
-Поддршката се однесува на доделување средства за набавка на единствено нова опрема во максимален износ од 615.000 денари по фирма и истата не може да ја отуѓат најмалку 3 години од набавката, стои во Оперативниот план.
Половина од предвидените вработувања годинава со Оперативниот план треба да се остварат преку проектот „Македонија вработува 2“, што предвидува ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход за работодавачи кои ќе вработат евидентирани невработени лица.
-Субвенционирањето, односно ослободувањето од придонеси во одреден дел е мерка која влијае на активната политика на вработување, со цел да се активираат ресурсите и да се намали стапката на невработеност, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Многу обуки за поквалитетен пазар на труд
Оперативниот план предвидува организација на обуки за над 7.200 невработени кои треба да се стекнат со нови знаења и вештини со што ќе им се зголемат шансите за вработување. Со разните обуки ќе бидат опфатени повеќе од 27 илјади луѓе.
Планирани се обуки кај познат работодавач, обука на работно место со субвенционирано вработување, обука за бараните занимања на пазарот на труд, обуки за напредни ИТ вештини, обука за возачи за Ц, Д и Е категорија, обука за стари занаети, практиканство, обуки за основни вештини за вработување млади до 29 години, обуки за странски јазици и работа на компјутер, обуки за стекнување квалификации според моменталните потреби на пазарот на трудот преку кои треба да се испеглаат дисбалансите меѓу понудата и побарувачката на работна сила, претприемништво за млади.
-Младите мислат дека веднаш по завршувањето на факултетот ќе можат да се вработат, но не е така. Тие секогаш мора да се дообучуваат за одредени работни места. Младите и додека се на факултет треба да се дообучуваат преку практики и волонтирања за да ја зголемат својата цена на пазарот на труд, вели Александар Трпковски од невладиниот сектор.
Невработеноста рапидно ќе се намалува
Статистиката покажува дека преку досегашната реализација на оперативните планови се отворени над 43 илјади работни места. На пример, лани во разните програми, мерки и активности биле вклучени над 32 илјади невработени, од кои речиси 9.500 се вработиле.
-Владата на Република Македонија како врвен приоритет ја постави борбата со невработеноста. Таа борба продолжува и ќе трае се додека не се оствари нашата цел секој граѓанин да добие можност да работи, да придонесе за себе, своето семејство и развој на државата, вели Пешевски.-Со реализацијата на овој Оперативен план очекуваме отворање на околу 10.000 нови работни места, заедно со „Македонија вработува 2“, со

Пронајдете не на следниве мрежи: