Нови 29 дела од едициите „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ и „Светско книжевно богатство“ од капиталниот проект на Владата и Министерството за култура денеска беа промовирани во Скопје.– Пред македонската јавност презентираме 12 нови дела од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“, која на едно место сублимира 366 висококвалитетни изданија во кои се содржани најзначајните сознанија и вредности обликувани во историјата на општествената и хуманистичката мисла од антиката до денес. Промовираме и нови 17 наслови од капиталната едиција „Светско книжевно богатство“, која ги поврзува и ги обединува на едно место, литературните вредности кои низ децениите наназад ги освоија најпрестижните книжевни награди. Ова се дела кои досега, во најголем дел не беа преведени на македонски јазик и не и беа достапни на нашата читателска јавност, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на промоцијата.
Досега, како што посочи, пред македонската јавност беа промовирани 162 дела од областа на филозофија, историја и психологија со психоанализа, кои наидоа на навистина огромен интерес во академската средина, кај студентите, постдипломците и докторантите на Филозофскиот и другите сродни факултети од хуманистичките науки.
Во рамките на денешната промоција, додаде, претставуваме 5 нови наслови со филозофска тематика, 2 книги со историски контекст и пет дела чиј фокус се истражувањата од сферата на психологијата и психоанализата.
– Пред македонската читателска публика денеска промовираме и пет книги на автори на кои им е врачена наградата Гонкур, четири дела кои се вреднувани со еминентната книжевна награда Букер, четири дела кои се наградени со признанието Ханс Кристијан Андерсен, две дела добитници на наградата Стрега како и две дела кои се закитени со реномираните книжевни награди, Бихнер и Сервантес. Со овие 17 наслови, бројот на промовирани дела во едицијата „Светско книжевно богатство“ се заокружува на 120 книги од вкупно предвидените 316 изданија од светската културна ризница, потенцира Канческа Милевска.
Сите проекти, посочи, кои ги реализиравме во изминатиот период, поддршката за продукцијата на приватните издавачки куќи, интензивната промоција на македонските автори и нивното творештво преку учествата на саемите на книгата и конкурсот за странските издавачи, капиталните проекти, дефинираа еден поинаков пристап кон јазичната, книжевната и издавачката материја во Република Македонија.
– Сите овие изданија кои се создавани низ разните меридијани и времиња, овие книги со сензационален број на продадени примероци се непроценливо богатство за нашата култура и во тој контекст уверена сум дека времето ќе ја потврди, дополнително, оправданоста на сите наши заложби преку овие капитални едиции од областа на издаваштвото да ги достигнеме стандардите на постарите и поразвиените културни средини, потенцира министерката за култура.
Преку овие проекти, додаде, успеавме на еден обмислен, систематски и консеквентен начин да ги вградиме врвните дострели од неколку дисциплини во македонската наука, култура и високото образование но, овозможивме и нашите граѓани да уживаат во безброј нови наслови, значајни, стожерни книжевни дела кои што влегуваат во корпусот на општата светска книжевност.
– Овие проекти несомнено ги обединија сите креативни редакциски, преведувачки, издавачки и печатарски потенцијали во нашата држава. Реализацијата на овие проекти потврди дека кога ќе ги слушнеме и добро ќе ги разбереме потребите на нашата културна средина, заеднички можеме да реализираме проекти кои се гордост на македонската култура и држава, проекти кои се вредно наследство за нашите идни генерации, рече Канческа Милевска.
Промоторот д-р Трајче Серафимовски посочи дека во новите изданија од едицијата едициите „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ има нови 5.000 страници посветени на историјата на филозофијата.
Промоторот Бранко Цветкоски, пак, новите изданија ги оценикако значајна општествена икултурна издавачка литература со која, како што рече, на некој начин се заокружува историската издавачка македонска декада.
– Тоа е неповторлива декада која ја истакна Македонија како неоспорен лидер во регионот во издавачката сфера, рече Цветкоски.
На промоцијата присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Тој претходно на својот Фејсбук профил напиша дека секое ново книжевно дело преставува огромен влог за нашите генерации да уживаат и се образуваат од најдобрата светска литература преведена на својот мајчин јазик.
-Ова се прави за прв пат во државата и ова е траен влог за сегашните и сите идните генерации.– Пред македонската јавност презентираме 12 нови дела од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанал