Во Македонија има 302 илјади 531 пензионери – покажуваат последните, февруарски податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, пишува Лидер.
Најголем дел од луѓето во своето трето доба се корисници на старосна пензија – вкупно 188 илјади 625. 37 илјади 636 лица добиваат инвалидска пензија, а 76 илјади 270 имаат семејна пензија. Просечната пензија во земјава достигна 13 илјади 811 денари.
Највисоки се воените, а најниски се земјоделските пензии.
Статистиката на Фондот покажува дека во структурата доминираат корисниците на старосна пензија со 62,17%. 24,86% имаат семејна пензија, 12,38% се со инвалидска пензија, 0,48% се корисници на воена пензија, а со само 0,11% во структурата на пензионери учествуваат корисниците на земјоделска пензија.
Големи разлики меѓу пензионерите
Статистиката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажува дека 63,35% од корисниците на пензија се над минималните примања и се движат во опсегот од 10.775 денари до 36 илјади 337 денари. Во оваа група спаѓаат вкупно 190 илјади 536 пензионери.
Следуваат оние со минимални пензии, што подразбира примања меѓу 8.437 денари и 10 илјади 775 денари. Во оваа група се 29,06% од вкупниот број корисници, односно 87 илјади 412 пензионери.
Речиси 7% од пензионерите месечно добиваат минимален износ до 8.473 денари, а само 0,60% добиваат максимални износи од 36 илјади 337 денари до цели 47 илјади 782 денара.
Континуиран раст на пензиите
Статистиката покажува континуиран раст на пензиите во земјава. На пример, просечната пензија во 2006 година изнесувала 7.683 денари, за во февруари годинава да се искачи на 13.811, што претставува раст од речиси 80%.
„Секоја година имаме зголемување на пензијата од 5%, но најважно е што секогаш на почетокот на месецот пензиите стигнуваат на сметките на пензионерите. За разлика од сега, порано имавме и намалување за тие фамозни 8%. Сега стабилноста се гледа“ – вели министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.
Уште е поголем растот кај минималната пензија.
„Многу бенефити добија пензионерите во овој период, го збогативме стандардот на пензионерите. Со последното зголемување на пензиите од 5 проценти, просечната пензија во Македонија изнесува 224 евра, тоа го нема во ниту една земја од нашето окружување“ – вели претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери, Драги Аргировски.
Од Фондот објаснуваат: „На сите пензионери кои правото го оствариле заклучно со ноември 2016 година, пензиите им се зголемени за 654 денари во фиксен износ“.
„Како Влада водиме сметка за стандардот на граѓаните, особено на пензионерите преку мерки за унапредување на животниот стандард и за подолг животен век на оваа популација“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.
Анализи за пензискиот систем
Македонскиот пензиски систем се темели на генерациска солидарност, односно вработените плаќаат придонеси за исплата на пензионерите. Во просек, во земјава 1,9 вработени покриваат еден пензинер, а за одржливост на целиот систем се проценува дека овој сооднос треба да изнесува 3:1.
Секоја година од буџетот на државата се префрлаат пари за исплата на пензии. Годинава за пензии се вкупно предвидени над 830 милиони евра. Од нив, од централниот буџет ќе се покријат нешто повеќе од 450 милиони евра. Оттука се и тврдењата на економистите дека се потребни реформи во пензискиот систем на земјава.
„Единствениот долгорочен извор на приходи со кои ќе можат да се покријат расходите на пензискиот систем е стабилен и повисок економски раст“ – вели универзитетскиот професор Владимир Филиповски.
Нема менување на старосната граница
Од Министерството за труд и социјална политика уште еднаш порачаа дека остануваат на ставот – нема да се менува старосната граница за пензионирање.
„Нашата интенција е да создадеме стабилен пензиски систем. Ние не планираме да ја зголемиле старосната граница, односно ќе останеме на ова законско решение кое вели 62 години за жени и 64 години за мажи“ – вели министерот Ибрахими.
Постои можноста по желба на работникот да се продолжи рокот за одење во пензија. Уставниот суд, кога се во прашање административците, донесе одлука дека работниот век може да се продолжи до 67 години, без разлика на полот. Претходно во Законот имаше наведено различни возрасти за мажи и за жени.
„Предвидувањето со оспорената одредба на административните службеници да им престане работниот однос на различна возраст во зависност од полот значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол секогаш кога условите за престанок на работниот однос по сила на закон и утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е овој случај“ – објасни Уставниот суд.
Најголем дел од луѓето во своето трето доба се корисници на старосна пензија – вкупно 188 илјади 625. 37 илјади