Путин: Оние кои сакаат да ни наметнат санкции нека размислат двапати!

Доколку САД и наметнат санкции, Русија ќе го отфрли американскиот долар како резервна валута, а потоа би следувал крах на финансискиот систем на САД, додека Москва би можела да одбие да ги отплаќа кредитите кон американските банки.Во Украина се случи оружено преземање на власта, Москва не планира да го анектира Крим, но го задржува правото да ги искористи сите средства за да го заштити тамошното руско население, а до примена на воена сила може да дојде само како крајно и нужно решение, изјави на вчерашната конференција за печат во Москва, која се пренесуваше во живо, рускиот претседател, Владимир Путин, по повод напнатата ситуација во Украина. Освен ова, Путин изјави дека смета оти Украинците би требало новиот Устав на земјата да го потврдат на референдум, но дека тоа прашање е нивна внатрешна работа, во која Русија нема намера да се меша. Во врска со загинувањето на демонстрантите на киевскиот плоштад Мајдан” од снајперски оган, рускиот претседател им порача на новинарите дека, всушност, снајперистите биле провокатори од една од опозициските партии, која имала за цел да ја предизвика токму сегашнава ситуација во Украина. Путин дошол до овој заклучок откако отповиканиот претседател на Украина, Виктор Јанукович, сега пребеган во Русија, го уверил дека тој не и наредил на полицијата да пука во демонстрантите. Во врска со Јанукович, Путин соопшти дека недвосмислено му кажал дека тој повеќе нема политичка иднина, иако, технички, тој е легитимен претседател на Украина, затоа што од функцијата бил отстранет по насилен пат. Русија уште отсега најавува дека нема да ги признае резултатите на идните претседателски избори во Украина доколку продолжи теророт во земјата.
На прашањето дали руските сили учествувале во настаните во Крим, Путин одговори: Не, не учествуваа. Има многу различни униформи кои наликуваат една на друга”, пренесе Франс прес.
Русија редовно си плаќа “кирија” за Крим
Според непотврдени информации, руските сили се распоредуваат на границата со Украина, јавува Мидл ист њуз, а руските сили ја презедоа контролата врз граничниот премин од украинска страна, кој ги поврзува Русија и Крим со линија на траект, каде што почнаа да се превезуваат камиони полни со војници, соопшти украинската погранична стража.
Русија, врз основа на спогодбата со Украина, има право да распореди на Крим 25 илјади војници, изјави вчера рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин. Оваа изјава следуваше по обвинувањата од украинската власт во Киев дека Москва распоредува дополнителни сили на Крим. Според Чуркин, Русија има право на сопствена проценка во функција на обезбедување сигурност на своите воени инсталации на полуостровот и нивна заштита од евентуални екстремистички напади. Освен тоа, користењето на кримскиот дел од Украина, Русија го плаќа околу еден милион долари годишно. Чуркин истакна и дека власта на Крим нема забелешки во врска со дејствата на руската армија во руските воени бази на Црноморската воена флота. Инаку, локалната проруска власт на Крим вчера откако ја презедоа власта формираше сопствено Министерство за одбрана, по што украинските сили почнаа да се повлекуваат од воздухопловната база Белбек покрај Севастопол, јави Би-би-си. Вчераутро имаше инцидент откако руските сили пукаа во воздух во знак на предупредување на околу 300 украински војници кои сакаа да влезат на своите работни места во базата.

 
Над пет илјади војници од системот на украинското Министерство за одбрана преминале на страната на кримските одреди за самоодбрана”, изјави Сергеј Аксонов, премиер на Автономната Република Крим. Актуелната власт во Киев не ми поставува никакви ултиматуми. Не сакаат да контактираат, ние немаме со кого да соработуваме и немаат потреба за тоа, бидејќи се занимаваат со поделба на власта и на парите”, додаде кримскиот премиер.
Освен Крим, дополнителен проблем за Киев од вчера се и градовите од југот на Украина – Миколајев, Херсон и Одеса, кои сакаат да му се приклучат на Крим.
Украинскиот премиер, Арсениј Јацењук, изјави дека автономната република Крим ќе остане украинска територија, обвинувајќи ја Русија дека извршила неоправдана агресија”. Јацењук во интервју за германскиот весник Билд” изјави дека Украина никогаш нема да се откаже од Крим. Новиот украински премиер нагласи дека побарал од Организацијата за европска безбедност и соработка и НАТО да помогнат во посредувањето за наоѓање мирно решение за кризата.
Освен тоа, украинската Централна изборна комисија денеска оцени дека ќе биде невозможно референдумот за независност на Крим закажан за 30 март да се одржи врз основа на важечките украински закони, јави ИТАР-ТАСС.
Јалова дипломатија
Во меѓувреме, украинскиот Парламент вчера ја ратификуваше спогодбата со ЕУ со која прифаќа 610 милиони евра заем, а американскиот државен секретар, Џон Кери, вчера пристигна во Киев, каде што на новата власт ќе и понуди помош во износ од една милијарда долари, јави Би-би-си.
Претходно Вашингтон одлучи во целост да ја суспендира воената соработка со Русија и сите воени врски поради интервенцијата во Крим, соопшти Пентагон.
Западот нашите акции честопати ги опишува како нелегитимни, но погледнете ги операциите на САД во Авганистан, Ирак и во Либија. Нашите акции се легитимни од аспект на меѓународното право, оти легитимниот претседател на Украина, Јанукович, не замоли за помош. Одбраната на овие луѓе е во наш интерес и тоа е хуманитарна мисија. Ние никого не сакаме да поробиме”, изјави рускиот претседател на вчерашната прес-конференција и додаде дека Русија го одбила барањето на Јанукович за воена интервенција затоа што такви интервенции се можни само во исклучителни” ситуации. Путин проценува дека засега не постои таква исклучителна” ситуација, но сепак, не ја исклучи можноста да се појави во иднина. Претходно, американскиот претседател, Барак Обама и порача на Русија дека стои на погрешната страна на историјата кога станува збор за Украина и оти чекорите кои ги презема Москва претставуваат кршење на меѓународното право, што Путин го коментираше како имање двојни аршини” за нештата.

 
Во врска со обидите на дипломатите од ЕУ да воспостават терен за дијалог меѓу Москва и Киев, Путин вчера изјави: Јас во Киев немам со кого да разговарам, таму нема легитимен претседател” и додаде дека само украинскиот Парламент е делумно легитимен, но не и другата власт, а особено не в.д. претседателот, Олександар Турчинов.
Според рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, решение за оваа пат-позиција” би било формирање влада на консензус и реформи” во Украина, во која би биле вклучени претставници на сите страни, но Лавров смета дека САД и Европската унија не ја поддржуваат оваа опција.
Инаку, рускиот претседател не го поколебаа ниту најавите за воведување санкции против Русија.
Оние кои размислуваат за воведување санкции против Русија прво добро треба да размислат за последиците, оти штетата ќе биде двострана”, рече Путин. Во таков случај, доколку САД и наметнат санкции, Русија ќе го отфрли американскиот долар како резервна валута, а потоа би следувал крах на финансискиот систем на САД, додека Москва би можела да одбие да ги отплаќа кредитите кон американските банки.
Инаку, за денеска е закажана вонредна седница на Советот НАТО – Русија, соопшти Алијансата. Портпаролката на НАТО, Оана Лунџеску, потврди дека Русија ја прифатила поканата за оваа средба испратена од генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен, на која ќе се разгледува ситуацијата во Украина. Претходно состанок ќе одржи Северноатлантскиот совет (НАК) по барање на Полска, како членка на Алијансата и земја која граничи со Украина.
Освен тоа, за в четврток е закажан и вонреден самит на ЕУ посветен на Украина, а завчера без никакви конкретни резултати се одржа вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, одразувајќи ја длабоката поделеност меѓу САД и другите западни земји од една страна и Русија од друга страна.
Мекејн: Американски трупи нема да одат во Украина
Американскиот сенатор, Џон Мекејн, ја отфрли можноста, американски трупи да се испратат во Украина. Тој објасни дека таквата опција е нешто незамисливо”, но го обвини претседателот Барак Обама што не му се спротивставува на рускиот претседател, Владимир Путин.
Мекејн во изминатите денови ја осудуваше Путиновата агресија” врз Украина, прогласувајќи ја актуелната ситуација во и околу оваа земја за најсериозна криза во Европа од завршувањето на Студената војна.
Според овој американски републикански сенатор, претседателот Путин сака да го искористи бунтот во клучната некогашна советска република”, како основа за повторно воведување на руската доминација во Украина.
Изјавата на Мекејн против испраќањето Американци во оваа земја доаѓа во пресрет на состанокот на амбасадорите на НАТО во Брисел.

 
Британија: Откриен таен владин документ
Таен документ кој го содржи нацрт-ставот на Велика Британија за кризата во Украина бил фотографиран додека еден владин службеник го носел во Даунинг стрит”, каде што Дејвид Камерон одржа состанок по повод ситуацијата во Крим. Во документот се вели дека Британија нема да ги поддржи економските санкции против Русија.
Стратегијата на британската влада е да се обиде да и овозможи на Украина помошна рута по која ќе се снабдуваат со нафта и гас во случај Русите да ги затворат гасоводите. Во документот пишува дека не доаѓа предвид воведување трговски санкции. Исто така, намерата на Лондон е да се обиде да ги смири расправите за можни подготовки на воен одговор на руската интервенција во Украина.
Интернет-страницата Базфид” од фотографијата објавена на друштвените мрежи успеала да препише некои од ставовите на Британија, на пример:
– би требало да се воведат санкции (…недостасува дел…) да речеме Русија од Г-8. Рестрикции на визите… но Британија не би требало да поддржи никакви трговски санкции… или да ги затвори за Русија финансиските центри во Лондон;
– јавните изјави треба да бидат општи…;
– ЕУ треба да работи на тоа на Украина да и се обезбеди друг начин на кој ќе се снабдува со гас ако Русите ги затворат вентилите на гасоводите…;
– Британија би требало да се залага за испраќање на ОН (но никако не ЕУ-набљудувачи на Крим и во Источна Украина);
– да се притисне Бан Ки-мун да ги повика Русија и Украина на разговори;
– да се обесхрабри секаква расправа (да речеме на НАТО) за воени подготовки.
Тимошенко: Ако Украина и се даде на Русија – светот ќе се промени
Поранешната украинска премиерка, Јулија Тимошенко, даде ексклузивно интервју за новинарката на Си-ен-ен, Кристијан Аманпур. Во своето прво интервју по излегувањето од затвор Тимошенко јасно вели дека меѓународната заедница треба цврсто да реагира доколку не успеат дипломатските напори, но не сакаше директно да одговори дали тоа значи оти таа го повикува Западот да употреби воена сила против Русија.
Тимошенко вели дека Украина се наоѓа на чекор од војна и дека дознала оти во руската Дума се води расправа за предлог-закон за анектирање на Крим кон Русија. Ако Украина се препушти сама на себе или ако и се даде на Русија, светот ќе се промени. Ќе се промени политиката и животот насекаде во светот”, изјавува Тимошенко, повикувајќи светот да не дозволи во Крим да се повтори ситуацијата со Абхазија и Јужна Осетија. Таа вели дека е свесна за балансот на силите и дека не може да се дозволи Украинците да се борат сами и свесно да влегуваат во смрт.
Путин го излажал Обама за своите планови
Белата куќа го обвини рускиот претседател, Владимир Путин, дека излажал во телефонскиот разговор со американскиот претседател, Барак Обама, кога најавил поддршка за договорот во Украина. Обама и Путин досега двапати разговараа телефонски по безредијата во Киев по кои побегна украинскиот претседател Виктор Јанукович. САД сега велат дека во првиот разговор, непосредно по падот на администрацијата на Јанукович, Путин не најавил дека подготвува распоредување на вооружени сили во Крим.
– Претседателот Путин рече дека го поддржува договорот кој беше постигнат во Украина. И рече дека сака да соработува со нас, со Европејците и со ММФ за да се создаде пакет за поддршка на Украина. Тоа беше многу позитивен разговор. Не знам дали не излажа или едноставно, го сменил мислењето потоа – изјави Тони Блинкен, заменик-советник за национална безбедност на Обама.
Извор: ВечерВо Украина се случи оружено преземање на власта, Москва не планира да го анектира Крим, но го задржува правото да ги искористи сите средства за да

Пронајдете не на следниве мрежи: