Рангирањето на Македонија од страна на Дуинг бизнис меѓу десетте најдобри економии во светот за водење бизнис ја става земјава на мапата на странските инвеститори. Исто така тој е добра препорака за домашните македонски конмпании кои се извозно ориентирани за позиционирање на меѓународните пазари.Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски зони Виктор Мизо за ТВ Нова изјави дека извештајот им дава информации на странските инвеститори за компаративните предности кои Македонија може да ги понуди и претставува еден чекор напред во анализата на компаниите дали да инвестираат во земјата.
– Извештајот е приказ за компаниите кои не ја познаваат земјата, како тие би воделе бизнис доколку дојдат тука во Македонија во споредба со оние земји каде веќе инвестирале и како ние се споредуваме во регионот. Секоја компанија прави многу длабински анализи, пред воопшто да дојдат во Македонија, ги добиваат сите информации од извештаите како Дуинг бизнис, потоа анализираат три до четири земји каде што ќе дојдат и директно во разговор со други постоечки компании за нивното искуство носат одлука, вели Мизо.
Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска вели дека извештајот Дуинг бизнис треба да не радува, бидејќи со него се мапира Македонија, не само во однос на странските компании, туку и во однос на домашните компании кои сакаат да се позиционираат на странските пазари и кои се извозно ориентирани.
– Ако до пред некоја година за Република Македонија имаа многу малку земји слушнато, сега сме на мапата поставени, не само како дестинација за инвестирање, туку и како дестинација каде функционира системот и каде може да се најдат македонски компании кои може да ги извршуваат обврските конкурентно и согласно стандарди. Даноците можат да бидат и најниски на свет, ако вие сте несигурни каде одите, никој не би инвестирал таму. Затоа е значаен извештајот Дуинг бизнис, вели Арсовска.
Како што истакнува директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Мизо, при изготвувањето на Дуинг бизнис во предвид се земаат и мислењата на компаниите кои работат во земјата, односно освен законската регулатива извештајот зема предвид и како таа се спроведува во пракса.
Мизо вели дека согласно анкетите кои се направени на постоечките странски инвеститори во земјава, од тоа како се тие задоволни од водењето бизнис и дали увиделе подобрување на бизнис климата, голем процент или над две третини од нив рекле дека увиделе големо подобрување на бизнис климата, од моментот кога дошле до денес.
– Во креирањето на реформите за континуирано подобрување на Македонија по десетте индикатори на Дуинг бизнис работи цел тим на институции кои ги земаат видувањата и сугестиите и на домашните и на странските компании при креирањето на мерките, вели Мизо. Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски зони Виктор Мизо за ТВ Нова изјави дека извештајот им дава информации на странските инвеститори