„Третото полувреме“ ги закачи бугарските нерви. Филмот ги потсети на заборавеното фашистичко минато и на теророт во Македонија. Но, тоа не е ново искуство за македонската кинематографија. Исто негирање преживеа и „Истрел“ на Бранко Гапо. Двата филма имаат уште една заедничка црта – „Истрел“ почнува со сцена од фудбалскиот натпревар Левски-Македонија, темата на филмот „Трето полувреме“.„Република“ овој пат потсетува на 70-годишнината од атентатот врз бугарскиот полицаец Мане Мачков и 40-годишнината од премиерата на филмот „Истрел“. Но, филм си е филм, а животните приказни секогаш се поживописни – особено ако ги раскажува Кочо Битољану, главниот атентатор на Мачков.
Какви чувства будат кај Вас бугарските обвинувања за „Третото полувреме“, го прашав 88-годишниот Кочо Битољану. Не стигна да ми одговори. „Ооо, само пцости реди, само пцости“, дофрли неговата сопруга и врсничка Јелица.
И не е чудо. Кочо во младоста ги има преживеано и бугарските неправди и методите на превоспитување. Но, не им потклекнал. Напротив, уште како ученик организирал разни акции, протести во машката гимназија, делење летоци со антибугарска содржина. Но, тоа по што името на Кочо Битољану е врежано во македонската историја е атентатот врз Емануел Мачков – Мане, озогласниот бугарски полициски пулен, лично одговорен за стотина апсења, мачења и убиства на македонскиот отпор. Меѓу другите, одговорен за суровоста во мачењето и за морничавото убиство на Цветан Димов.
СЕЌАВАЊА И ЕМОЦИИ
– Ги знаев Мачкови, тројцата браќа, од Струмичко беа. Мане беше синдикалец, дури и благајник на шивачкиот синдикат. Синдикатот го водеа левичарите и тој ги знаеше сите. Во 1939 година проневери многу пари и го истераа од Синдикатот. Тој, навреден, се пиша Бугарин, влезе во полицијата и сите ги предаде. Сите акции беа негово дело, од есента 1941 година до јуни 1942 година приведе стотина.
Тука сега 88-годишниот Кочо, слабичок старец, застанува со погледот вперен вземи, чиниш цел свет го носи на плеќи… зад очилата успеа да ги сокрие солзите, но нивното голтање предизвикаа треперење во неговиот глас…
– Во јуни 1942 година на морничав начин беше утепан Цветан Димов. Тој беше меѓу најпопуларните во Скопје, отаде мостот сѐ до под Скопска Црна Гора. Го викаа Цветан Чаирчанецот. Мане Мачков и Круме Кросот – Крум Панков, агент и страшен тепач, го собраа од улица и со денови го мачеа. Ништо од него не извадија, па го убија, го фрлија од вториот кат од полицијата. Зградата имаше средиштен двор, и тука го фрлија. Викаа дека избегал и сам се фрлил, а всушност како ќе бега кога му ја скршиле ногата? Тие му ја скршиле во тепањето, тоа го знаевме. Ништо не извадија од него со мачење со денови, иако беше во врвот на движењето.
„Прекинувајте го вие во раскажувањето, тој на долго и на широко со денови ќе раскажува“, дофрлува госпоѓа Јелица, неговата сопруга. Заедно се од 1935 година. Го познава таа, го претчувствува емотивниот изблик низ кој поминува Кочо сеќавајќи се на Цветан Димов…
– Многу добар човек беше Цветан. Многу ме погоди неговото убиство. Го знаев од кафеаната на татко ми, „Крушево“. Тоа беше влашко собиралиште, а тие беа антибугарски расположени. Имаше богаташи Власи, даваа големи прилози, тука беа Поленаковци, тие имаа железарница, па Папатеодосиу и други имотни Власи.
Презимето неколкупати менувано
Кочо и Јелица имаат влашко потекло. „Власите за време на бугарската окупација не можеа слободно да се движат. Мораа да имаат специјална дозвола, на пример и за на лекар“, опишува госпоѓа Јелица. За бугарските власти, Власите не беа „Благонадеждни Б’лгари“. Презимето Битољану неколкупати е менувано. Првпат како Битољану Кочо се потпишува под текст објавен во првиот број на „Млад борец“. За време на српска окупација бил преименуван во Коста Костиќ, додека Бугарите го запишуваат како Костантин Костов. „Какво е това Кочо, това не е име, ти се казваш Константин“, се досетува Кочо на преименувањето.
ИСТРЕЛ ЗА АТЕНТАТ
Уште во машката гимназија Битољану контактирал со отпорот. Организирал протести во гимназијата, акции како фрлање летоци за Илинден или други диверзии. По убиството на Димов стигнала наредба да се ликвидира Мачков. Врска со отпорот му биле Перо Наков и Коле Чашуле. Битољану одбрал тројца со него, добиле оружје, два германски револвери „штаер“ и еден рачно правен револвер „со буренце“ и почнало следењето. „Чашуле неколку пати ни покажа и како се пука, всушност како да го откочиме оружјето и да го повлечеме орозот, какво пукање, веднаш ќе нѐ фатеа“, се смее сеќавајќи се Кочо.
– Никогаш не бев пукал, но не смеев да покажам дека ми е страв. Двајца што ги одбрав од гимназијата веднаш се повлекоа, се уплашија. Со мене ги земав Трпе Јаковлевски, тогаш имаше 17 години, всушност една и пол година помал од мене, а во акцијата ги вклучив и Ангеле Михајловски, кој имаше 19 години, и Бранко Фрицкан, врсник и соученик од гимназијата.
Спој на класни разлики
Бранко Фрицкан беше богат Евреин пребеган од Хрватска. Многу беше богат. Имале проблеми како Евреи таму. Заедно седевме во клупа, нему му одеа јазиците, а јас му помагав за математика. Многу добар другар. Еднаш дојде кај мене, а мајка ми постави јадење. Бевме сиромашни. Ручавме попара од расолница и алова пиперка. Тој се вчудовиде, но ништо не рече, сѐ проголта. Потоа ме викна на ручек кај него, мајка му ми принесе три јајца на око. Јас мислев дека тоа е за сите, но ете ти ја и за него носи иста порција. За првпат видов толку храна на маса.
– Долго го следевме Мане, но секогаш беше со многу агенти, а до него секогаш беше Кросот- страв и трепет, тежок тепач. Или, пак, имаше многу луѓе на улица, деца. А веќе немавме време, ни рекоа дека ако не пукаме, ќе ни го земат оружјето. На 20 август го чекавме попладне од дома, на враќање кон полицијата, зад аголот на улицата. Ангеле од спроти даде знак, се почеша по главата, ние ја чекавме неговата сенка од зад ѕидот,па изрипавме пред него. Немаше време да го извади оружјето, му целевме во стомакот. Јас пукнав двапати, Трпе еднаш, а Бранко двапати го повлекол орозот, но рачно правениот пиштол на буренце се заглавил.
– Мачков беше погоден двапати во стомак и еднаш в рака, а во болница пред да почине кажал дека ме познал. Во пукањето случајно во нога сум погодил и еден друг човек. Подоцна дознав дека тоа бил Петре Богданов – Кочко. (Македонски композитор, оперски пејач – тенор и организатор на музичкиот живот во Македонија по Втората светска војна, н.з.)
– Се разбегавме секој на своја страна… јас со пиштолот в рака протрчав низ житното поле во близина, сѐ до подножјето на Водно. Набрзина го сокрив пиштолот во коренот на една пченка, тука и го нашле потоа. Преку Водно се спуштив од другата страна, кај Црниче, до кафеаната „Крушево“, се замив на чешма, испив кафе, па отидов дома како ништо да не било. Сите бевме така, како да сме скршиле прозорец, а не дека сме пукале во некого.
МАЧЕЊЕ
Следните два дена спровела голема акција и претрес низ Скопје. Тогаш се приведени сите – четворицата младинци, но и Наков и Чашуле. Кочо Битољану и денеска, по 70 години се сеќава на изедениот ќотек. Раскажувајќи го описно, ми ги покажа и лузните што и денес сведочат за изживувања, на пример како му се гасени цигари меѓу прстите на нозете.
– Е тоа тепање не се заборава. Ме свиткаа со колената на гради, а со рацете морав да ги опфатам колената. Ми протнаа стап под колената и ми ги врзаа рацете. Потоа ме дигнаа да висам со петиците нагоре, па удри, удри со гума од кочија! Со крајот од гумата ме удрија по главата, кај увото, од тогаш не слушам на таа страна. И така со денови, ме тепаа сите. Дојде и Љупчо Јорданов – познат тепач, агент и шеф на антикомунистичката единица. Потоа ми кажаа дека поминале 11 дена, кога нѐ соочија сите, сите признале сѐ…
Судот тројцата младинци ги осудил на 15 години затвор, додека Трпе, најмладиот на седум и пол години. Раздвоени по затворите во Македонија и во Бугарија, ниеден од четворицата другари не останал подолго од две години в затвор. Четворицата атентатори, по бегствата од затвор, кон крајот на војната се приклучиле на партизаните и се среќавале во различни пригоди, како ќе ги нанеле обврските и функциите. Пријателството, потоа и меѓу семејствата, останува цврсто. Трпе Јаковлевски дури им бил и венчален сведок на Кочо и на Јелица Битољану.
Прв граѓански брак на Македонци
Кочо и Јелица Битољану се првата граѓански венчана двојка Македонци. Заедно се од 1935 година, кога биле четврто одделение. Во време на војната биле раздвоени, Јелица ја преселиле во Крушево. За да го посети во скопскиот затвор, Јелица глумела напад на слепо црево, добила дозвола за операција и дошла во Скопје. Ваква жртва денеска не се наоѓа. Набрзо по ослободување на Скопје, Кочо едно рано утро дознал дека влегува во сила законот за граѓански венчавки. Ја викнал Јелица од работа, како и двајцата другари Трпе Јаковлевски и Кирил Пенушлиски за сведоци. Се регистрирале и се вратиле на работа. Потоа секој си заминал дома за да му соопшти на семејството.
КОСКА ЗА БУГАРСКОТО ГРЛО
Акцијата, атентатот врз Мане Мачков, многу влијаела во развојот на настаните во Скопско во текот на војната. Во друга акција наскоро е убиен и агентот Панков. Подготовката на атентатот врз Мачков и самиот чин се опишани во романот „Под усвитеност“ на Димитар Солев. Филмска верзија доловил Бранко Гапо. За филмот на Гапо и Битољану имал забелешки, дури и на премиерата реагирал, особено за, како вели, љубовната приказна. Според Кочо, така на лош начин е прикажана една девојка на еден од јунаците, а подоцна таа е угледна личност во општеството.
Сега, седум децении подоцна, кога историјата сѐ уште се негиран од Бугарите, пресметките за овој случај се одвиваат на интернет. Барајќи податоци за сите ликови од оваа приказна, наидов на биографии на бугарски, каде што од свој агол се раскажуваат приказната и улогите. И за Битољану, и за Јаковлевски, за Ангеле Михајловски, за Мане Мачков. И за филмот „Истрел“ има бугарска верзија на енциклопедијата на интернет „Википедија“. Истата бугарска критика со бугарско сфаќање на историските факти како и сега за „Третото полувреме“. За „Истрел“ велат „тој е игран пропаганден филм од СРМ“. За „Полувремето“ на „Википедија“ на бугарски пишува, „во согласност со старите југословенски стереотипи, Бугарите се претставени како фашисти и окупатори“.
За жал, за Бранко Фрицкан, хрватскиот Евреин, чиешто име е врежано во борбата за македонска слобода, не најдов ништо на глобалната мрежа. Според кажувањето на Битољану, тој затворот го отслужувал во Бугарија, па така единствен од неговото семејство се спасил од депортацијата на македонските евреи во логорот „Треблинка“. По војната основал семејство, чиишто потомци и денес имаат блиски односи со Битољану.
Кочо и Кочо – идеолог и атентатор
Кочо Битољану „имал чест“ да лежи со уште еден Кочо – Коста Солев Рацин. Во септември 1942 година Рацин е уапсен во Скопје од бугарската полиција.
– Седев зад врата во мала ќелија во темнина, кога чуварите фрлија некого внатре. Лелекаше повеќе од мене. Јас молчам, тој лелека, прашува кој сум, што сум, јас сѐ мислам шпион некој ми вметнале. Јас го прашувам, тој исто отсечно одговара. Ме праша како се викам, велам Кочо. „Кочо атентаторот?“ извика, „Ела да те бакнам“, ме повика, па ми се претстави „Јас сум Коста Солев“. Леле, ама се изгушкавме и бакнавме, јас сум ги читал неговите дела, а потоа видов и дека го знам од кафеаната „Крушево“, ама не сум знаел дека е тоа Кочо Рацин. Потоа нѐ раздвоија, се побунил Љупчо Јорданов, како тоа нѐ ставиле идеолог и атентатор заедно в ќелија – се насмеа чичко Кочо.
Извор. Република„Република“ овој пат потсетува на 70-годишнината од атентатот врз б