Да не се зборува за вкусови е како да не се зборува за убавина, добрина, квалитет, уметност. Но, кога човек не би зборувал за овие работи за што и зошто тогаш воопшто би зборувал. Да, за вкусови се зборува и треба да се зборува. Треба да ја напуштиме лажната општествена коректност скриена зад флоскулата дека за вкусови не се зборува и директно, јасно и недвосмислено да проговориме за културолошкиот шунд и неквалитет кој се` повеќе ни се појавува и ни се случува околу нас.Kултурната и уметничка понуда во Македонија секое наредно лето (или ако сакате секоја наредна година) е се` поразочарувачка и загрижувачка. Тука не би сакал да бидам разбран дека нема добра и квалитетна понуда, најчесто продуцирана од домашни автори, но би сакал да потцртам дека добрата понуда е се` позатскриена и се` позасенета од секојдневниот шунд и отпад кој најчесто ни се сервира од надвор (мислам на повеќе балкански држави, а не само на една), но, за жал, го продуцираме или во најмала рака го стимулираме и ние самите.
Шундот и кичот повеќе не се сервира само како турбофолк музички спектакл, иако таа форма до ден-денес е поимен синоним, туку го гледаме и низ разни играни филмови и серии, низ разни балкански квазипоп-пејачи и песни, го гледаме како стил на облекување, како стил на живеење, за жал. Најголеми музички настани во Белград, Софија, Истанбул и неколку други градови во Балканот се концерти на „Металика“, Стинг, „Масив атак“, Моби, „Ред хот…“ Да, тоа се големи градови кои имаат пазар и економски потенцијал, каков што нема Скопје или кој било друг град во Македонија, за да имаат свои гости од таков ранг, но во исто време се градови од кои ние секогаш го добиваме или го избираме најлошото.
Ние некако сме задолжени да гледаме концерти на ѕвезди во пензија и шунд-ѕвезди од соседството. Добивам впечаток дека концертите кои во Македонија ги имаат разни турбо и поп-фолк ѕвезди се поголеми, попосетени и побогати од концертите во нивните родни градови. Тоа е страшно и тоа е причина да се проговори гласно. До каде сме стигнале и што е ова што ни се случува штом квазипоп и суперавтентични турбофолк-ѕвезди ни се заблагодаруваат што своите животни достигања и концертите на сета своја кариера ги достигнуваат овде помеѓу нас.
Многупати размислував дали треба да пишувам за екстремното присуство на шундот и турбофолкот низ нашиот простор, но не заради тоа што се сомневам во тоа или мислам дека сепак не е премногу и е издржливо, туку пред се` заради причината дека можеби ќе навредам многу луѓе кои оваа музика ја разбираат и прифаќаат како своја. Имам чувство дека и многу други луѓе заради својата коректност и своето внимание не сакаат да проговорат и да се доведат во непотребни конфликти, а имаат што да кажат и како да се спротивстават на културолошкото мелење кое ни се случува секое лето.
Не така, се поминаа сите граници и се прекршија сите непишани правила за почитување на културата и уметноста на оваа држава и овој народ. Мора да се проговори и мора да се соопшти мислење, да се покаже отпор кон метастазирањето на кичот. Во оваа држава има врвни уметници, врвни естети, професори, огромни авторитети кои треба и мора да кажат некој збор за целиот шунд околу нас, без притоа да се двоумат за својот комодитет. Со мал поглед надвор од својот свет, во кој претпоставувам нема ниту грам шунд, кич и турбофолк, многу луѓе би се вџашиле како тоа ни се развиваат најголем дел од новите генерации, врз какви вредности и со каков културолошки поглед спрема животот и спрема општеството.
Подобро е да се живее во свој свет, во кој нема ништо од ова за што пишувам, но тоа е невозможно и лудо да се помислува. Впрочем, ниту јас ниту некој друг има право или треба да се впушта во оцена на личните музички или уметнички афинитети на кој било човек зошто тоа би било дрско и неразумно, но секој има обврска да зборува за вредностите, вкусовите и уметничките достигања на нашето заедничко општество.
Секој има право и можност да избира од она што е на уметничката понуда, но ние имаме обврска таа понуда да биде балансирана, да биде врз база на општоприфатливи вредности и цели кои треба да ги достигнеме, да не биде под постојан и агресивен напад на неколку балкански шунд-супкултури кои ниту во своите држави не се прифатливи, да биде квалитетна и да ги одразува нашите вредности или да ги согледува вистинските вредности на сите други култури околу нас.
Јас работам како политичар, пратеник во македонското Собрание и знам дека дел од оние што ја читаат оваа колумна ќе прашаат што правиме ние, што преземаме. И тоа е фер прашање насочено кон оние што носат најголема одговорност, иако таа одговорност не е единствена. Овој текст не сакам да биде повод за закачки и провокации, ниту сакам да ги набројувам и прозивам сите што одмагаат или воопшто не помагаат на нашата култура, уметност и културолошки квалитет, а имаат обврска за тоа (ги има многу меѓу политичарите, градоначалниците, професорите на јавните и државни универзитети, академиците, писателите и поетите, актерите и режисерите, сликарите, археолозите и историчарите), туку сакам да биде повик и повод да почне да се зборува, да се пишува и да се аргументира.
Но тоа зборување повеќе не смее да биде дел од приватни и добро затворени простори во кои не влегува ни зрак од она што масовно се случува надвор, тоа зборување не смее да биде ниту дел од понекогаш присутната желба за елитизација на дел овие луѓе и ситни ниски желби за потсмев кон другите. Не смее да биде така бидејќи така има двојна штета. Не смее да има ниту потсмев ниту навреда за кого било. Треба да се пишува овде, да се говори јавно на мејнсрим-медиумите, кои некогаш и сами се најголеми трансмитери на шундот. Треба некој да се спротивстави на сето ова, а тој некој не може да биде сам, еден, двајца или десет.
Иако гледам и знам дека има политичари што или не разбираат за што пишувам или, пак, си тераат свој личен музички ќеф преку локалните настани и концерти, сепак би сакал да потенцирам дека оваа тема не е тема што треба и може да е само и единствено насочена кон луѓето од политиката, ниту тема која треба и може да зависи само од нив. Ние не сме биле затворени за ничија култура и уметност, напротив секогаш сме гледале и прифаќале.
Сме имале и имаме и што да понудиме и надвор, но и внатре, за нас, за нашите луѓе. Тоа треба да остане правило, но како натпревар на квалитет, а не натпревар на шунд, квазипоп, турбофолк и агресивна комерцијализација на музиката и уметноста.
Дневник.мкKултурната и уметничка понуда во Македонија секое наредно лето (или ако сакате секоја наредна година) е се` поразочарувачка и загрижувачка. Тука не