ReactOS: Алтернатива на Windows со нова верзија

Фото: ReactOS
Со издавањето на ReactOS 0.4.15, овој оперативен систем повторно привлекува фокус, и покрај тоа што е сè уште во раната фаза на развој. По три години пауза, новата верзија изгледа е синхронизирана со крајот на поддршката за Windows 10, што се очекува до крајот на годината. За разлика од многу други алтернативи, ReactOS не се базира на Linux, туку е дизајниран да биде компатибилен со Windows, особено со архитектурата на Windows NT. Ова му овозможува на системот да работи со Windows апликации и драјвери, иако моментално тоа важи за постари апликации и игри. Во иднина се очекуваат дополнителни надградби.
Развојот на ReactOS започна во 1996 година како бесплатна алтернатива на Windows 95 наречена FreeWin95. Во 1998 година, проектот го доби името ReactOS, откако премина на архитектурата на Windows NT, на која се базирани и модерните верзии на Windows. Верзијата 0.4.15 донесува најмногу новини и придонеси од програмерите досега, а се планира работа на наредната поголема верзија. Сè уште не е објавено кога може да се очекува, но се надеваме дека нема да трае три години. За првпат во оваа верзија е воведена поддршка за 64 x86 процесори, клучна карактеристика без која во денешно време системот не би бил употреблив. Дополнително, системот е подобрен со нови функции за поврзување уреди, аудио, управување со меморијата и кешот, безбедносниот подсистем и слично.
За следната верзија се најавува поддршка за UEFI, нов изглед за инсталирање на апликации, поддршка за NTFS системот на датотеки и многу повеќе. Во моментов е јасно дека ReactOS не може да биде првата опција како алтернатива на Windows 10 за корисниците кои не планираат да купат нов компјутер со Windows 11. Изборот на многубројни Linux дистрибуции е подобар, но радува дека ваква алтернатива повторно добива заслужено внимание.
The post ReactOS: Алтернатива на Windows со нова верзија appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: