Западот вложува јавни средства за да отвори нови рудници, Македонија не го активира ниту приватниот капитал за Иловица

Борбата за обезбедување критични минерали станува сè поголем приоритет за западните економии. Владите се повикуваат да вложуваат јавни средства во рударски проекти за да се зголеми домашното производство и да се намали зависноста од Кина.

Американскиот Центар за стратегии за критични минерали во својот најнов извештај укажува дека недостатокот на финансирање го забавува развојот на рударски проекти во западните земји. Според проценките, без дополнителна државна поддршка, зависноста од кинеските извори на критични материјали ќе продолжи.

Ова е особено значајно за земјите кои располагаат со сопствени минерални ресурси, но сè уште не ги ставаат во функција.

Македонија е еден таков пример. Проектот за рудник за бакар во Иловица претставува најзначајната најавена инвестиција во домашното рударство за критичен минерал, но реализацијата и понатаму е во застој.

Додека големите западни економии се подготвени да вложуваат јавни средства за да привлечат и активираат приватен капитал во рударството, Македонија се соочува со парадоксална ситуација – има приватен инвеститор, има минерален потенцијал, но инвестицијата сè уште не е реализирана.

„Стратешката важност на критичните минерали повеќе не е тема за дискусија. Иницијативите низ западниот свет и последователните изјави на лидерите на Г7 отидоа многу подалеку од препознавањето на предизвикот за склопување на нови партнерства, сојузи и механизми за финансирање. Но, на крајот на краиштата, оваа геополитичка трка за ресурси со висок ризик нема да се добие само преку соопштенија или нови институции. Ќе ја добијат земјите кои ќе можат да мобилизираат капитал со брзината и обемот потребен за да се префрлат стратешки важните проекти во производство и да се поврзат со отпорни синџири на снабдување во производството“, се истакнува во Извештајот.

Претходно, повеќе домашни експерти повикаа Македонија да фати приклучок во трката закритични минерали во соработка со западните партнери и да го искористи својот ресурсен потенцијал. Токму во наоѓалиштето во Иловица, утврдено е дека рудникот би експлоатирал 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10 илјади тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, проектот се предвидува да биде активен околу 23 години. Но, за разлика од апелот на Центарот за стратегии за критични минерали со јавни средства да се поттикнуваат инвестиции, за овој проект веќе е обезбеден приватен капитал и првата фаза за изградба на рударскиот комплекс би тежела 340 милиони евра. Дополнително, станува збор и за стотици вработувања, а во текот на целиот период од оперативното работење ќе се исплаќаат и околу 75 милиони евра секоја година на повеќе локални и регионални компании кои се занимаваат со угостителство, земјоделство и прехранбена индустрија, текстилна, хемиска и дрвена индустрија, занаетчиство, одржување и тековно сервисирање.

Инаку, како што се додава во Извештајот, голем предизвик на Западот е што не постои доволна количина на бакарен концентрат за топилниците.

„Иако некои рударски компании поседуваат интегрирани операции за топење и рафинирање, многу рударски компании се потпираат на независни топилници и рафинерии за претворање на бакарниот концентрат во рафинирани бакарни катоди. Овие независни операции работат според бизнис модел на наплата, каде што приходите се генерираат преку надоместоци за третман и рафинирање. Брзата експанзија на глобалните капацитети за топење – особено во Кина – го надмина растот на снабдувањето со бакарен концентрат, оставајќи ги топилниците да се натпреваруваат за ограничена суровина“, истакнува американскиот Центар за стратегии за критични минерали.

Во текстот се додава дека Кина помеѓу 2001 и 2023 година распределила приближно 98 милијарди долари за финансирање на проекти за критични минерални проекти, помагајќи им на кинеските фирми да обезбедат удели во стратешки средства и долгорочен пристап до суровини. Според Центарот, резултатот од овие активности е застрашувачки степен на доминација на пазарот.

Основниот заклучок на извештајот е дека ниту една влада, институција или приватен инвеститор не може да го финансира целиот процес на истражување, развој, преработка и производство потребен за создавање на отпорни синџири на снабдување, независни од Кина. Меѓународната агенција за енергетика проценува дека ќе бидат потребни повеќе од 500 милијарди долари инвестиции во нови критични минерали, врз основа на наведените политички цели.

Пронајдете не на следниве мрежи: