САДУ: Ременски веднаш да ја поништи одлуката за присилно прекинување на одморите на вработените во МТСП

Синдикатот на администрацијата и државна управа на Република Македонија е загрижен во однос на кршењето на работничките права на вработените во Министерството за труд и социјална политика, се вели во нивното соопштение.Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на Синдикатот на администрацијата и државна управа.
Имено, дел од вработените ни се обратија со преставки дека телефонски биле известени дека треба да се вратат на работа и да го прекинат користењето на годишниот одмор, поради зголемен обем на работа. Во случајот вработените имале уредни барања за користење на годишни одмори коишто им биле одобрени од непосредно претпоставените државни службеници и врз основа на тоа донесени се решенија за остварување на правото. Но и покрај уредно водената постапка министерката за труд и социјална политика побарала писмено преку државниот секретар, а и усно до вработените да го прекинат користењето на годишниот одмор и да се вратат на работа.
Исто така откако го прекинале користењето на годишниот одмор дел од вработените се пожалија дека не добиле воопшто никакви дополнителни работни задачи сосема чудно и спротивно од известувањето во кое било наведено дека се бара да се вратат на работа поради зголемен обем на работа. Впрочем кога некој работник користи годишен одмор на негово место секогаш има замена која доследно го менува во извршувањето на работните задачи.
Особено не загрижуваат информациите што ги добивме од дел од вработените во Министерството за труд и социјална политика на кои им е прекинат годишниот одмор, дека истите и покрај тоа што го известиле кабинетот на техничката министерка дека имаат уплатено аранжмани и веќе имаат резервирано неколку денови летен одмор за да можат да го поминат со семејството во период кога е најевтино за летување, на истите им било наредено и покрај тоа дека мораат да го прекинат користењето на годишниот одмор. Со ваквото постапување од страна на кабинетот на техничката министерка работниците се и материјално оштетени иако немаат никаква вина и уредно пријавиле и добиле годишен одмор и потоа уплатиле аранжмани за летување, а сега заради ваквиот начин на постапување и да ги изгубат средствата кои ги уплатиле за летување.
Согласно Уставот на Република Македонија, Законот за работните односи и Конвенцијата бр.132 за платен одмор на Меѓународната организација на трудот едно од основните права од работен однос е и правото на годишен одмор. Од ова право работникот не може да се откаже ниту пак работодавачот може да му го ускрати правото на користење на годишен одмор.
Правото на користење на годишен одмор како индивидуално право од работен однос се остварува врз основа на барање на работникот кое го содржи времето на користењето на годишниот одмор и дали годишниот одмор ќе се користи во целост или во два дела, согласно Законот за работни односи.
Работодавачот е должен според член 137 став 4 од Законот на работникот да му издаде решение за право на користење на годишниот одмор.
Со член 144 од Законот за работните односи јасно е уредено дека годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски.
Според член 145 став 2 од Законот ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор.
Целта на годишниот одмор е работникот да го искористи своето право на годишен одмор, како предуслов за нормално и тековно извршување на работни обврски, што придонесуваат и за зголемување на продуктивноста при работата.
Согласно член 144 од ЗРО работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето. Овие денови на користење на годишниот одмор се одобруваат од раководителот на организационата единица кој има непосреден увид во потребите на работниот процес ако е поднесено најдоцна три работни дена пред користењето.
Согласно член 9 став 2 од Конвенцијата за платени одмори бр. 132 е уредено дека за секој дел од годишниот одмор кој е подолг од минималното траење, може, со согласност на работникот да се одложи на некое време што ќе го определат двете страни (се претпоставува дека е по барање на работодавачот, но сепак е потребна согласност од работникот).
Имајќи ги предвид наведените законски одредби и наведената Конвенција реагираме дека со дејствијата преземени од техничката министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски се врши кршење на Законот за работните односи и повреда на правата на работниците во можноста за искористување на годишен одмор.
Бараме веднаш да се престане со кршењето на работничките права.
Бараме веднаш техничката министерка Фросина Ременски јавно да им се извини на работниците.
Бараме веднаш да ја поништи одлуката за присилно прекинување на годишните одмори.
Синдикатот за администрација и државна управа ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе ги преземе сите потребни дејствија и сите расположливи правни механизми со цел заштита на правата на работниците.Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на Синдикатот на администрацијата и државна управа.
Имено,

Пронајдете не на следниве мрежи: