На 26.4.2016 г. (вторник), со почеток во 12 часот, во Центарот за конференции и студии ќе се одржи шестиот настан во рамки на серијата културни настани „Денови на светската книжевност“ во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.Овој настан е насловен „Самрак на човештвото/Самрак на вистината“ и ќе биде посветен на експресионизмот во книжевностите од германското јазично подрачје.
На креативните начела и светогледот на експресионистите, поезијата на најзначајните претставници на експресионизмот и делото „Записите на Малте Лауридс Бриге“ од Рајнер Марија Рилке, кое со уникатниот, неконвенционален и невообичаен строеж и со иновативниот израз за периодот кога е пишувано и објавено, придонесува за квалитативна промена на дотогашната претстава за романот како книжевен жанр, ќе се осврнат м-р Филип Клетников и Јовица Тасевски-Етернијан.
Како книжевно-историска одредница експресионизмот обично го означува книжевното творештво што доминира во втората декада на минатиот век во германскиот јазичен простор, а чиј што ментален хоризонт своите историски корени ги има уште во радикалната промена на светот и светогледите во XIX в.
Но, експресионизмот, како чувствување на светот, на постоењето и на сопственото растргнато јаство трае и денес, а своите корени ги има во неумоливата даденост на детерминантите на човековата егзистенција: оттука произлегуваат жестокиот бунт против вистината кој кулминира со нејзино отфрлање, отуѓеноста од постоењето и од сопственото Јас, опсесивната вивисекција на распаѓањето и уништувањето кои, како крајна консеквенца, водат до абдикација од лицемерното постоење и до неминовниот самрак на човештвото. А самракот, пак, значи и нова зора на човештвото: така, погледот на поетите на експресионизмот истовремено останува вперен во Духот и во Неименуваното од каде се очекува изгревот на Новиот Човек, издигнат над вистината, разумот и дихотомиите…
Јовица Тасевски-Етернијан е поет, книжевен критичар и есеист. Дипломирал општа и компаративна книжевност. Автор на шест поетски и две критичко-есеистички книги, како и на над седумдесет критички осврти, поговори, предговори и книжевни студии за македонски и светски автори. Негови дела се преведени на петнаесетина јазици и објавени се во над дваесет држави. Уредник е на списанието за литература, култура и уметност „Стремеж“. Уредник-консултант е на индиската книжевна ревија „Инчентин версис“. Член е на издавачкиот совет на референтното научно списание „Сајбер литература“. Бил стручен советник за македонска поезија во меѓународниот поетски проект „Други гласови“ – антологија на светската поезија вклучена во World Poetry Directory на УНЕСКО.
Филип Клетников е поет, есеист, раскажувач, преведувач. Дипломирал германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007/2008 година остварува студиски престој на Универзитетот „Дуизбург-Есен“ како стипендијанд на Германската академска служба за размена (DAAD). Магистрира на студиската група за интердисциплинарни средновековни студии (германистика, филозофија, историја на уметност) во Бамберг, Германија. Автор е на поетските книги „Некаде помеѓу“ и „Крило и непрелет“, а во подготовка е и неговата трета поетска книга „Метафизички сино“.
Сите љубители на пишаниот збор кои ќе присуствуваат на настанот ќе можат да ги разгледаат и да ги купат делата од книжевните великани од германското јазично подрачје преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“. Првиот културен настан од серијата „Денови на светската книжевност“ беше посветен на кинеската книжевност, а потоа следеа претставувањата на американската, унгарската, шпанската, јужноамериканската и шведската книжевност.
Во текот на целата 2016 година во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, континуирано ќе се промовираат и презентираат публикации од тековната издавачка продукција и од капиталните проекти, а ќе се организираат и книжевни средби, трибини и други манифестации со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации.
Планираните програмски активности се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, односно на богатата и разновидна издавачка продукција во Република Македонија.Овој настан е насловен „Самрак на човештвото/Самрак на вистината“ и ќе биде посветен на експресионизмот во книжевности