„Шарените“ во Парламент, народот по затвори, полицајците суспендирани

По настаните во Собранието од 27 април жестоко се удри по народот со масовно приведување и поднесување кривични пријави, определување притвор и други мерки, експресно обвинување и изведување пред суд. И денес, додека ги пишувам овие редови (28 мај), бил извршен претрес во домовите на четири лица, од кои три биле задржани од полицијата и приведени на јавниот обвинител, а други три лица биле повикани на разговори. До кога ќе трае ова хајка против недолжните граѓани?, пишува ДНЕВНИК.По скратена постапка во апсолутно рекордно време од само три недели, повеќе обвинети лица на 23 мај беа осудени на условни осуди. Веќе неколку дена по изрекувањето на пресудите, СДС врши жесток притисок на судот и јавното обвинителство. Секојдневно во многу портали, електронски и печатени медиуми под нивна контрола, финансирани од Соросовата фондација и УСАИД, дрско и неосновано ги напаѓаат и грубо се закануваат на судиите и обвинителите, поради тоа што дејството на обвинетите било несоодветно правно квалификувано и поради изречените условни осуди. Тие сметаат дека се меродавни за определување правна квалификација на делата и за одмерување на казните! СДС и неговите мегафони се ставаат во улога на обвинители и судии.
Во уводникот на еден неделник, обвинетите се нарекуваат „тврдокорни убијци“ и се бара „апс за насилниците на правдата во тоги“. Се отиде дотаму што се бара линч на судиите и обвинителите. Се закануваат на судот и обвинителството дека ако продолжат на ист начин да ги третираат останатите насилници ќе станат соучесници во злоделата.
Така започна новото време на промени за „правда и слобода“. Се удира по институциите да се разнебитат и да се заплашат. Цели за отстрел се судиите и јавните обвинители и заканите за нивен реизбор.
Вистинските насилници во сенка
Заканите и заплашувањата на судиите и обвинителите имаат за цел да се одвлече вниманието од вистинските насилници во Собранието и обвинетите лица за тешки корупциски кривични дела, кои долго време неосновано смислено ги избегнуваат судските рочишта. Повеќе од една година сосема неосновано се одложуваше судењето за случајот „Пуч“ за обвинетите Зоран Заев, Зоран Верушевски и други лица, за на крајот Kатица Јанева која и самата бараше одложување на судењето од лични причини да го повлече обвинението без законско образложение. Во случајот „Поткуп“, во кој е обвинет Зоран Заев, повеќе од една година судењето се одложува 11 пати најчесто по барање на обвинетиот поради средби со чиновници на амбасади или други средби, што во никој случај не е законски основ за одложување судски рочишта. Тоа е класичен случај на злоупотреба на правата во постапката.
Насилници врз Уставот, Законот за Собранието и Деловникот за работа на Собранието никаде ги нема во пријавите на МВР. Дали тие што извршија велепредавство и загрозување на уставниот поредок, што пееја химна на друга држава, самоповикани претседавачи и заменици претседавачи за незаконски избор на претседател на Собранието имаат посебен третман различен од оној на граѓаните кои се приведуваат, притвораат и судат? Дали законот важи за наредбодавецот Зоран Заев да се пука во Собранието, во кое не смее да се носи оружје, за тој што пукаше и за тој што впери пиштол во народот, кого место во судница го гледаме како и натаму врши обезбедување на наредбодавците. Kолку аршини има правдата, едни за народот, а други за насилниците. Тоа не е правда, тоа е голема неправда.
На два фронта
Полицијата на Македонија повеќе од две години е изложена на понижување, малтретирање, тепање, повредување и омаловажување. Таа полицијата гордо, смело и пожртвувано, по цена на животот и здравјето, ја чуваше границата во Гевгелија од напливот на мигранти. Деноноќно беше изложена на огромен ризик од голем број агресивни мигранти кои безмилосно ја напаѓаа со сите средства.
Полицијата ја напаѓаа и тепаа мигрантите на границата во Гевгелија, а истовремено ја напаѓаа и тепаа насилници во Скопје. Долго време полицијата беше изложена на груби напади на два фронта во Гевгелија и во Скопје. Пред Владата на Република Македонија полицајците беа тепани со железни шипки, бекатон-плочки, камења, палки, со контејнери втурнати во кордонот полицајци, маваа со што ќе им падне до рака. Само тој ден повредија повеќе од 50 полицајци. Со месеци „шарените револуционери“, од кои некои станаа пратеници, секојдневно брутално ја напаѓаа и омаловажуваа полицијата, истураа кофи со боја врв нив, ги маваа со презервативи со боја, ги навредуваа и им посакуваа да завршат како нивните колеги во Kуманово. Тие што кршеа, палеа и ги повредуваа полицајците прават с` за да не се соочат со правдата.
Без оглед на тоа, полицијата издржа голема тортура во одбрана на државата. Покажа пожртвуваност, зрелост и отпорност. Но сега, по настаните во Собранието дел од истите тие полицајци, повеќе од 20, се суспендирани и исфрлени на улица. Се суспендирани поради тоа што „пасивно се однесувале во Собранието и не презеле мерки“. Што требаше да направат? Да пукаат во Собранието, да фрлаат солзавец или димни бомби, да го тепаат народот? Пасивен и достоинствен отпор покажаа кога беа напаѓани и тепани, омаловажувани и навредувани, но не дигнаа рака и не удрија по никого и кога им ги кршеа заштитните штитови со шипки и камења и ги „бањаа“ со боја.
Судството, обвинителството и полицијата се столбот на безбедноста и законитоста во државата. Овие смислени жестоки напади врз овие институции се насочени кон рушење на тој столб. Целта е да се ослабнат, заплашат и поколебаат овие институции за доследна примена на законите. Но да не се заборави, овие институции се поставени врз цврсти темели и високи стандарди вградени во законите и со обучени и стручни кадри. Многу се лажат СДС и Зоран Заев дека со овие смислени напади ќе ги поколебаат овие институции со казненото гонење и закана со затвор на недолжниот народ, суспензија на голем број полицајци и со закана со реизбор на судиите и јавните обвинители.
Со никакви закани и заплашувања не можат да ги поколебаат институциите и службените лица да функционираат и да работат во согласност со Уставот и законите. Многу се лажат ако мислат дека со закани, заплашувања и судски постапки ќе го скршат отпорот на народот за заштита на државата, уставното уредување и територијалниот интегритет.
 

 По скратена постапка во апсолутно рекордно време од само три недели, повеќе обвинети лица на 23 мај беа осудени на условни осуди. Веќе неколку дена

Пронајдете не на следниве мрежи: