Откривањето на многу непознати (за јавноста) факти и случувања поврзани со одлуките на СДСМ во последните месеци, односно пред и во текот на локалните избори, претставуваат фактографски материјал кој треба да даде одговор, а потоа и поуки за битни прашања. Меѓу другото, интересна е информацијата дека Бранко Црвенковски, всушност, знаел дека СДСМ нема да освои повеќе од неколку градоначалнички функции во општините доколку учествува на локалните избори и тоа не од некоја друга причина (режимот), туку поради објективно нискиот рејтинг на оваа партија кај гласачите. Меѓутоа, она што заслужува најмногу аналитичко внимание и што е скандалозно во својата суштина е самопризнанието и исповедното кажување (кое личи на најдобрите традиции на оваа форма на исказ, на пример, „Исповеди“ од Августин) на најдлабоките лични мотиви за неговата одлука да си поднесе оставка од лидерската позиција во СДСМ (или да не се кандидира повторно, сеедно). Според наводите, Бранко Црвенковски (со резерва за буквалната автентичност на речениците, иако се пренесени речиси идентично во многу весници и интернет-портали) кажал дека главна причина за оставката била непочитувањето од страна на раководните органи на СДСМ на неговата цврста одлука за бојкот на локалните избори и недоволно искрената поддршка за тој негов план!Со други зборови и според плаузибилната интерпретација, Бранко Црвенковски имал сериозна намера (која, за среќа, на државата РМ овој пат не била поддржана од неговите сопартијци) партијата на која беше претседател (и коалицијата, следствено) да ги бојкотира локалните избори. Знаејќи ја реториката што го придружуваше најавениот бојкот, а која изобилуваше со дисквалификации кон самите институции на системот и севкупниот изборен циклус (кој по логиката на поставеноста на процедурите во демократските држави ги организираат надлежните органи), доаѓаат до израз многуте негативни аспекти и опасности имплицирани од тоа. Хистеричното потенцирање дека тие државни органи се режимски контролирани, наводно партиски злоупотребувани и инструментализирани од ВМРО-ДПМНЕ, јасно ја отсликува целта на таа масовна хистерија дифузирана кај членовите и кај симпатизерите на СДСМ. Патем кажано, како и секогаш од СДСМ и лично Бранко Црвенковски, ниту дел од симболичното анатемизирање на власта не беше префрлен директно врз ДУИ во познат опортунистички и непринципиелен стил на политичко мислење и однесување иманентен на оваа партија и нејзиниот веќе поранешен претседател, кој, на пример, во изборната кампања во 2002 г. даваше цврсти ветувања дека нема да прави коалиција со „терористите од УЧK-ОНА-ДУИ“ и врз основа на таа измама (бидејќи го сторија тоа, правејќи преседан во историјата на планетата Земја, чии последици и ден-денес не можат да се надминат) ја доби гласачката поддршка. Во таа смисла, без оглед на денес откриените вистински мотиви за оваа одлука за бојкот, кои биле резултат на објективни показатели за заслужено нискиот рејтинг, а не лагата дека „власта не може да организира фер и демократски избори“, негативните последици што можеа да бидат опасни за самото функционирање на државата, па дури да доведат и до граѓанска војна, апсолутно потврдуваат дека оставката на Бранко Црвенковски е многу добра вест за државата Република Македонија и посебно за македонскиот народ.Медиумското идеологизирање на јавното мислење, кое и ден-денес жестоко и систематски се реализира од многу организирани антимакедонски дувла, во правец на смислување на разновидни сценарија за т.н. улично, насилно соборување на „режимот на ВМРО-ДПМНЕ“, меѓу другото, дава нова интерпретативна призма и врз можните планови што можеа и с` уште можат се случат како жестоко повторување на политичкото „лудило“ од 24 декември, односно во црниот понеделник. Оттаму се чини дека е мошне реалистична претпоставката дека своевидно контролирано креирање на ситуација за улични конфронтации меѓу Македонците било сценариото што се планирало доколку опцијата за бојкот била прифатена од раководството на СДСМ. Впрочем, најавите дека на денот на локалните избори СДСМ немало да биде пасивен набљудувач и сличните милитантни изјави на многумина што се поврзани со СДСМ (како поранешни нивни градоначалници, министри или актуелни партиски функционери и членови во некакви нивни комисии), сликовито покажуваат дека РМ можела (и с` уште може) да биде соочена со повторување на 24 декември, меѓутоа овој пат во многу порадикална варијанта. Најголемиот и најдобриот проект во поновата македонска историја „Скопје 2014“ денес е новиот фокус на сите тие насилнички и недемократски агенди. За среќа, токму членовите на раководните органи (пред с`, г. Стевчо Јакимовски), а не наводната посета и убедувањата на Штефан Филе, по што беше повлечена одлуката за бојкот, се заслужни за спречување на реалниот ред на настаните, кои до резултат можеа да доведат, така да се каже, до нова братоубиствена борба меѓу Македонците. Секако, опасноста од ваков модел на мислење, кој не води сметка за комплицираната положба на РМ, македонскиот актуелен миг на Балканот и за највисоките вредности на истрошениот македонски национален дух, не се завршени. Упорното креирање на агитпроповски медиумски симулакруми, односно наметнување јавна перцепција, која демократските процедури ги прогласува за режимски, мора да бидат сериозно третирани од секој самосвесен Македонец, но и од надлежните безбедносни институции. Историските гревови на Бранко Црвенковски (како претседател на СДСМ, премиер, претседател на РМ) се одамна емпириски верификувани, самата катастрофална реалност на РМ е најголем доказ за тоа! Но, со оглед на неповторливиот среќен миг на македонскиот народ, кој конечно го дочека неговото заминување од политиката, да ги повторам, за последен пат, како паметник (и одговор) за младите Македонци зошто денес македонската држава едвај може и да се нарече држава, референцата во ОН, фалсификуваните пописи со кои вештачки беше (е) добиена бројката од 25 проценти на албанското малцинство и доделување стотици илјади државјанства на доселеници од протекторатот Kосово, неправедната приватизација на општествениот (државен) капитал, Рамковниот договор, законот за границите на општините и др. Парадоксално, во својата последна битка Бранко Црвенковски доживеал пораз токму од своите сопартијци, кои не ја следеле антимакедонската одлука за бојкот и со тоа ги оневозможија катастрофалните консеквенции од таа одлука! Македонскиот народ и историската меморија како слој од свеста на секој Македонец поединечно одамна ги имаат впишано наведените грешки за кои одговорноста е лоцирана во Бранко Црвенковски како симбол на СДСМ и неговото заминување мора да биде и нов почеток на оваа политичка партија, најпрвин преку осуда, дистанцирање и извинување на партијата пред македонскиот народ за стореното. За жал, освен г. Зоран Јовановски (поради тоа што од неодамна е висок функционер во партијата и нема ниту индиректно соучесништво во големите грешки на Бранко Црвенковски), кандидатите за нов претседател на СДСМ не даваат надеж дека овие грешки ќе бидат признаени и во соработка со ВМРО-ДПМНЕ поправени и со тоа фрлени на ѓубриштето на македонската историја. Последната битка на Бранко Црвенковски, за наша среќа, е загубена, а неговиот последен политички пораз е голема победа на македонскиот народ.
Автор: Тони Науновски за ДневникОткривањето на многу непознати (за јавноста) факти и случувања поврзани со одлуките на СДСМ во последните месеци