Активните мерки за вработување имаат ефект. Невработеноста се намалува, а тоа го покажува и статистиката. Проектот „Македонија вработува“ продолжува да покажува позитивни резултати. Преку палетата мерки кои ги нуди владата за работодавачите и невработените, досега работно место пронашле речиси 13 илјади лица, анализира ЛИДЕР.За пофалба е тоа што забрзано се намалува и стапката на невработеност кај младата популација, нешто што одамна претставува проблем на пазарот на труд. Имено преку мерката за вработување на млади лица до 29 години, во последниве две години се вработени над 12.000 млади луѓе. Последните квартални податоци на државната статистика велат дека стапката на невработеност кај најмладата популација се намалила за речиси 5 проценти на годишно ниво.
Мерката за вработување на млади лица до 29 години со една година ослободување од плаќање социјални придонеси, персонален данок и обврска на компаниите да ги задржат вработените една година завршува на 13-ти март. Досега околу 5.500 компании, од кои 4.500 мали фирми што имаат до десетина вработени ја искористиле оваа мерка. Корисници се 126 средни и над 26 големи компании. Со вработувањата се опфатени сите категории образовен профил.
Експертите велат дека проблемот со невработеноста на младите лица постапно се решава. Компаниите се заинтересирани за мерките кои ги нуди државата, пред сѐ поради тоа што им ги намалуваат трошоците, а им ја зголемуваат ефикасноста на работата, а со тоа им оставаат можност да продолжат да инвестираат во развој на сопствениот бизнис.
„Работодавачите се стимулирани да ангажираат работна сила со тоа што трошоците за неа ги покрива државата. Во овој случај, во една синергија на повеќе мерки, како и инвестиции, и домашни и странски, како и поттикнувачки мерки и активни политики се влијае на невработеноста. Се ангажираат луѓе кои добиваат плата, тие потоа ја трошат платата, со што се мултиплицира ефектот“, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Ефектот од мерките за вработување млади лица е очигледен. Остварената бројка на вработувања е голема и влијае на намалувањето на невработеноста кај младите и проширување на дејноста на фирмите- велат надлежните.
„Заклучно со третиот квартал, невработеноста изнесува 25,5 проценти и очекуваме да продолжи да се намалува и во наредниот период. Исто така, мерката влијаеше и на компаниите коишто заштедуваат голем број средства преку искористувањето на поволностите и субвенциите од владата“, вели заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Што се бара на пазарот на труд?
Работодавачите велат- работа има. Моментално на пазарот на труд се отворени речиси 9.000 слободни работни места, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.
Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.
Средното стручно образование, пак, треба да испорача шивачки, бравари, столари, заварувачи, армирачи, лимари, повеќе профили на градежни работници, металостругари, монтери, автомеханичари, електроинсталатери, преработувачи на овошје и на зеленчук за потребите на преработувачката индустрија.
„Се бараат вработувања за речиси сите кадри. Не само во големите градови кои имаат голема апсорпција за вработување, туку и во малите се чувствува ефектот од мерките за вработување. Дури и во најмалите општини имаме вработувања“, вели директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Според структурата на вработените, компаниите со помош на активните мерки најмногу вработуваат млади лица, на возраст од 16 до 35 години. Сѐ повеќе се вработуваат и млади лица до 29 години. Интересно е тоа што компаниите имаат интерес и за постари и поискусни работници, од над 50 години, а тоа го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека невработеноста во земјава се спуштила на 25,5 проценти, историски најниска досега. Во однос на 2006-та година, има 150 илјади ново отворени работни места.
Според надлежните- ова е резултат на добрите економски политики, пред сè на одржувањето на извонреден амбиент за водење бизнис. Се работи за сериозен исчекор во борбата против најголемиот проблем во Македонија, а тоа е невработеноста.
Доколку продолжи овој тренд, очекувањата се дека стапката на невработеност ќе се сведе под 22 процента до 2018-та година.За пофалба е тоа што забрзано се намалува и стапката на невработеност кај младата популација, нешто што одамна претставува проблем на пазарот на тр