Се објавува нов јавен повик за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа во скопскиот, западниот и во источниот регион

Владата не се откажува од намерата на граѓаните и на фирмите да им стави на располагање евтин и еколошки енергенс. Се објавува нов јавен повик за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа во скопскиот, западниот и во источниот регион.„Врз основа на интересот во земјава и во регионот, ние сме цврсто убедени дека ќе најдеме приватен партнер или партнери што ќе вложат во процесот на проектирање и изградба, со цел граѓаните на Македонија да добијат поконкурентен, еколошки чист енергенс“ – вели советникот за енергетика, Христијан Мицковски.
Проектот е скап и комплексен, но државата е сериозна во намерата да го реализира по пат на јавно – приватно партнерство. Откако претходно се јави само еден заинтересиран економски оператор, со што не беа исполнети условите, сега се зголемува концесијата од 20 на 30 години.
„Со одлуките за објавување јавен повик стартува нов процес чија финална цел е обезбедување на достапност на природниот гас за потребите на домаќинствата, на граѓаните, на бизнис секторот, на јавниот и на приватниот сектор, односно за сите граѓани на Република Македонија. Ова е процес кој во својата суштина претпоставува нов квалитет и нова додадена вредност што создава услови за сериозен оптимизам на Владата за успешна и ефикасна реализација на процесот“ – соопшти владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Бенефит од гасификацијата и изградбата на дистрибутивната мрежа ќе имаат и граѓаните и компаниите, проектот ќе им донесе значителни заштеди. Во исто време, ќе се подобри еколошката слика на земјава, а долгорочно ќе се зајакне и конкурентноста на економијата, пишува Лидер.
„Оваа Влада интензивно работи на инфраструктурните проекти. Посветено се работи на гасификацијата, проект од големо значење за економијата. Компаниите и домаќинствата ќе имаат пристап до поевтин еколошки енергенс. Владата сериозно се грижи за овој вид инвестиции кои создаваат и директен економски ефект и индиректно создаваат предуслови за побрз раст и развој“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.
Заштеди за граѓаните, конкурентност за фирмите
Во зависност од енергенсот што сега го користат граѓаните, нивните трошоци со гасификацијата би се намалиле од 25 до 45 проценти. За разлика од претходно, кога цената на приклучокот се проценуваше на 100 евра, сега со јавниот повик се оди со цена од 80 евра, а државата дополнително ќе субвенционира.
Цената за приклучок е исклучително поволна, но граѓаните ќе треба да вложат во опрема за целосно да ги искористат бенефитите од гасот.
„Граѓаните ќе треба да вложат пари, затоа што ако сакате да користите гас ќе треба да купите опрема што може да работи на гас. Ако имате бојлер на електрична енергија ќе треба да го замените со бојлер на гас, ако имате котел на течно гориво ќе треба да се купи што ќе работи на гас, во сè тоа граѓаните ќе треба да вложат пари. Во оваа насока треба да се обезбеди фонд за давање меки кредити и донации, државата на почеток треба да стимулира“ – советува професорот Константин Димитров.
Сепак, ова отвора и нови можности.
„Ќе треба да се донесат нови апарати, бојлери на гас, ладилници на гас, печки на гас, котли на гас. Ќе се развие една нова дејност, ќе се зголеми трговијата, ќе се стекнат нови вештини, ќе се отворат нови работни места“ – вели професорот Димитров.
Со големи очекувања се и компаниите, бидејќи трошоците за работа и производство значително ќе им се намалат.
„Гасификацијата ќе ги зголеми рентабилноста и продуктивноста на компаниите, а ќе ја зголеми и конкурентноста на пазарот со поевтини финални производи“ – објаснува извршниот директор на ССК, Митко Алексов.
Колкава е проценетата инвестиција?
Со планот за развој на дистрибутивната мрежа на природен гас во Македонија се опфатени три региони во кои се вклучени сите општини. Инвестицијата е проценета на вкупно 150 милиони евра.
Во скопскиот регион со 17 општини треба да се инвестираат 98,4 милиони евра.
Во Источна и во Централна Македонија со 28 општини ќе се вложат 27 милиони евра.
Во Западна Македонија и во Пелагонија со 35 општиини, развојот на дистрибутивната мрежа ќе чини 22 милиони евра.
Се гради националната гасоводна мрежа
Македонија интензивно ја гради националната гасоводна мрежа. Завршена е делницата Клечовце – Штип во должина од 61 километри, инвестиција вредна 75 милиони долари. Почна да се гради и вториот потег од Штип до Неготино во вредност од 16 милиони евра.
Следни за изградба се краците: Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола во должина од 92 километри и Скопје – Тетово – Гостивар во должина од 76 километри.
Со гасификацијата ќе бидат опфатени и делниците: Штип – Радовиш – Струмица – Гевгелија, Штип – Кочани – Виница, Штип – Свети Николе – Велес, Струмица – Ново Село, Гостивар – Кичево и Кичево – Охрид – Струга – Ќафасан.
„Нашите планови се до 2022 година да имаме изградено гасоводна мрежа на целата територија на Република Македонија. Изградбата на национален гасоводен систем подразбира рамномерен развој на цела територија на нашата земја“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.
Власта и опозицијата со различни ставови
Од СДСМ велат дека се трошат милиони евра за физибилити студии и тендерски документации. Според Социјалдемократите, тие покажале како се грижат граѓаните, бидејќи ги гасифицирале Куманово и Струмица, општини со коишто раководат градоначалници од нивните редови.
Од Владата, пак, велат дека Струмица гас е во огромни долгови и има сериозни проблеми со ликвидноста и рентабилноста, а во Куманово нема сериозна апликација на овој проект.
„Владата ги става на располагање сите кадрови и материјални ресурси за да помогне во успешна реализација и во општинските проекти на Струмица и Куманово, се разбира, доколку градоначалниците  на овие две општини тоа го побараат од нас, затоа што приоритет на Владата е задоволување на потребите на сите граѓани на Република Македонија“ – велат од Владата.„Врз основа на интересот во земјава и во регионот, ние сме цврсто убедени дека ќе најдеме приватен партнер или партнери што ќе вложат во проц

Пронајдете не на следниве мрежи: