Моделот за реформи на финансирањето на високообразовните институции во Република Македонија, со цел подобрување на нивните перформанси, е темата на дискусија на работилницата што во организација на Министерството за образование и наука денеска се одржува во Охрид.Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека целта е преку соодветни реформи да се воведат дополнителни критериуми што би ги дефинирале начините на финансирањето на високообразовните установи.
– Ако универзитетите досега се финансираа според бројот на студенти, нашата идеја е преку реформи финансирањето да се одредува и според остварени конкретни резултати, како што е рокот на дипломирање на студентите, времетраењето на нивното вработување после дипломирањето, потоа зголемување на научно-истражувачката дејност на наставниот кадар, рече Ристовски.
Тој појасни дека токму оваа средба има за цел заеднички со претставниците на универзитетите да се дефинира најдобриот модел, систем на финансирање што ќе биде определен според различни перформанси и соодветни обврски на државните универзитети, а во насока на зголемување на квалитетот на продуцираните кадри.
Џамил Салми, експерт за реформи во високото образование во светски рамки, истакна дека високообразованите кадри се најважните ресурси на секоја држава, клучен двигател на националните економии, вклучувајќи ја тука и Република Македонија.
– Целта на нашите активности е заеднички со надлежните државни институции и универзитетите да утврдиме модел за дополнително финансирање што ќе обезбеди најдобри перформанси, преку утврдување конкретни критериуми, истакна Салми.
Спроведените експертски анализи на моделот на финансирање на високообразовните институции во Македонија и искуствата на други држави кои веќе спровеле определени реформи во насока на финансирање по модел на остварени резултати, укажуваат на потребата од утврдување соодветна формула на финансирање што би била условена од остварените перформанси.
Салми појасни дека светските искуства говорат за различни модели на финансирање. Конкретно, наместо да се даваат средства според бројот на запишани студенти, пристапот при финансирањето да се определува според бројот дипломирани студенти или според објавените трудови на професорите во определени универзитети, релевантни во пошироката академска заедница. Некои пристапи се комбинација на двата елемента.
– Можеби за Македонија најдобро би одговарал комбиниран модел на финансирање, формула за основно финансирање и дополнително финансирање за оние високообразовни установи што ќе се заложат за спроведување мерки за подобрување на нивните перформанси, рече Салми.
Ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, Сашо Коруновски, истакна дека универзитетите се подготвени да разговараат за реформи на финансирањето, што во крајна цел би придонела за подобрување на квалитетот на високото образование.- Нашата улога во овој процес е активна. Тука сме да ги дефинираме основните критериуми на новиот систем на финансирање, не се плашиме од новините туку ги поддржуваме. Оптимален систем на финансирање, секако, ќе придонесе за поголем квалитет на високото образование, рече Коруновски.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Блажо Боев, рече дека моделот за основно и дополнително финансирање е комплементарен со размислувањата на високообразовната установа.
– Се работи за прифатлив модел, финансирањето мора да оди во насока на зголемување на перформансите на резултатите на универзитетите, во делот на нивниот квалитет и квалитетот на продуцираните кадри, истакна Боев.Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека целта е преку соодветни реформи да се воведат дополнителни критериуми што би