Се поголема поддршката за иновативните компании

Расте конкурентноста и иновативноста на македонските компании. Се создаваат производи со повисока додадена вредност, постепено се преминува кон нови технологии со што се модернизира производствениот процес, се намалуваат трошоците, а се зголемува продуктивноста, се отвораат нови работни места, пишува .Фондот за иновации и годинава ќе ги поддржува домашните старт-ап и спин-оф претпријатија, микро, мали и средни бизниси кои имаат потенцијал за раст и развој, за создавање профит и за поврат на инвестицијата. Само во 2017 година ќе се пласираат 3,7 милиони евра.
-Првиот повик за оваа година ќе биде објавен до 5 февруари и преку него планираме да поддржиме 15 старт-ап претпријатија и 10 микро, мали и средни претпријатија кои ќе достават проект за комерцијализација на иновации. Вкупниот буџет за овој повик ќе изнесува 1.450.000 евра, вели Јасмина Поповска,  директорка на Фондот за иновации и технолошки развој.
Што се финансира со парите од Фондот?
Преку Фондот за иновации и технолошки развој досега се поддржани 37 претпријатија со 1,5 милиони евра. Парите се пласираат преку четири инструменти: кофинансирани грантови за новоосновани старт-ап и спин-оф друштва, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, кофинансирани грантови за трансфер на технологии и техничка помош преку деловно – технолошки акцелератори.
-Компаниите се стекнуваат со можност да остваруваат дополнителен профит, со што се придонесува и за развојот на самата компанија и за општиот економски развој на државата, објаснува портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Парите се клучни за развој на бизнисот
Поддршката за старт-ап и спин-оф компании е многу важна за македонската економија, бидејќи преку овој инструмент се даваат неопходните финансии за развој на бизнисот, но и се поттикнува културата за преземање ризик, се креираат нови производи, се даваат нови услуги.
-Овие компании се во категоријата на фирми кои реално најтешко обезбедуваат средства и најтешко доаѓаат до финансии од комерцијалните банки. Сметам дека Фондот за иновации и технолошки развој има позитивна улога за овие старт-ап компании, вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
За учество и користење на парите од овој инструмент е потребно друштвото да е старо до 6 години, да е во мнозинска македонска сопственост, да брои до 250 вработени, годишните приходи да не надминуваат милион евра, да не го финансирало проектот со пари од други извори, да не е капитално поврзано со друго претпријатие, да нема финансиски потешкотии и слично.
-Оваа поддршка е многу значајна за старт-ап компаниите во Македонија, вели Никола Бојков, еден од корисниците на парите од Фондот.
-После година од основањето ни се укажа можност да добиеме финансиска помош од Фондот за иновации. Тоа го искористивме за подобро да го екипираме нашиот тим, да го развиеме производот, да имаме клиенти и корисници, вели уште еден корисник на пари од Фондот, Љупчо Вангелски.
Во инструментот за комерцијализација на иновации можат да учествуваат сите микро, мали и средни претпријатија, а има опција и за соработка со други претпријатија или установи кои вршат високообразовна, односно научноистражувачка дејност.
-Преку инструментот за комерцијализација на иновации се финансираат поголеми проекти во понапредна фаза на развој, објаснува вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
За третиот инструмент, односно за грантовите за трансфер на технологии е можно да се формира конзорциум од микро, мали и средни фирми, научни установи, кластери, бизнис – здруженија, стопански комори. Целта е да се поттикне трансфер и имплементација на нови иновативни решенија, know-how, технолошки процеси, да се поттикне соработка меѓу разните бизниси.
Последниот инструмент е наменет за техничка помош преку деловно – технолошки акцелератор, а максималниот износ за оперативните трошоци, хонорар за менаџирање и за финансирање на акцелерираните претпријатија е до 500 илјади евра.
Во план е да се формира и Фонд за еквити инвестиции. Се проектира во следниве две години преку него да се пласираат цели 30 милиони евра.
-Во наредниот период ќе посветиме внимание овие моментални инструменти да станат достапни и за оние претпријатија кои во моментов не можат да аплицираат поради тоа што не ги исполнуваат условите во смисла на големина на компанија, меѓутоа и оние научно-истражувачки институции кои работат со микро и малите претпријатија, а кои моментално се опфатени со дел од инструментите, тие ќе имаат можност директно да аплицираат до Фондот, вели директорката Поповска.
Иновациите се двигатели на економијата
Иновациите се главните двигатели на економијата. Стопанствениците треба да вложуваат во истражувања и развој, бидејќи со тоа ќе ја зголемат конкурентноста на својата компанија, ќе ги намалат трошоците, ќе овозможат долгорочност на својот бизнис.
-Иновативните претпријатија имаат за 15% побрз раст на продажбата од неиновативните, за 8% побрз пораст на продуктивноста и на конкурентноста, побрз пораст на платите. Иновацијата дава натпросечен профит, објасни академик Таки Фити.
-Воведувањето на иновациите во рамките на работењето на македонските компании е од огромно значење во насока на зголемување на нивната продуктивност, конкурентност и квалитет, а им се обезбедува и можност за влез и присуство на нови пазари, како и за зголемување на својата препознатливост, креирање сопствен бренд и остварување поголем профит во рамките на своето работење, вели Алексов од ССК.Фондот за иновации и годинава ќе ги поддржува домашните старт-ап и спин-оф претпријатија, микро, мали и средни бизниси кои имаат потенцијал за раст

Пронајдете не на следниве мрежи: