Во Кривичниот суд се уште трае распитот на над дваесетината приведени, од вкупно 36 лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.Попладнево во Судот без лисици на рацете, доброволно пристигна Богдан Илиевски, од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Претходно изутринава, по налог на ОЈО беа приведени поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, пратениците Крсто Муковски и Жаклина Пешевска, актерот Владо Јовановски и Горан Ангелов – Ќосето од Велес.
Како што е наведено во соопштението од Обвинителството, по разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик.
Митко Чавков за време на настаниете во април раководеше со оперативниот штаб на МВР. Од пониските структури од МВР тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратеници и новинари.
Судски извори посочуваат дека е потребно да заврши сослушувањето на сите 36 лица за да се соопштат натамошните мерки, но доколку сите 36 не бидат изведени пред судот тогаш судските власти ќе одлучат како ќе постапат во однос на одредување на натамошните мерки.
За делото за кое се гонат предвидени се најмалку десет години затвор.
По повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски попладнево пред судот почна протест. Таму се собраниа околу 150 лица, кои мирно протестираат, извикувајќи „Македонија, Македонија“ и „Слобода, слобода“ и бараат судот да ги ослободи приведените.
Сообраќајот на булеварот пред судот е блокиран, а просторот е обезбедуван од полицијата.
Покрај Груевски, на протестот присуствуваат генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицковски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, Соња Тарчуловска, сопругата на пратеникот Јохан Тарчуловски, актерот Тони Михајловски и поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски.Попладнево во Судот без лисици на рацете, доброволно пристигна Богдан Илиевски, од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.