Симнување на маките од грбот на Заев

Минатата година, точно во овој период, Заев ја информира македонската јавност дека СДСМ на предвремените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 24 април 2016 година, ќе истрча со изборна програма стокмена од некаква си позната италијанска консултантска куќа. Името на куќата не го обелодени, ама ниетот на нашиов „патриот“ секако да. Јасно и гласно. Демек, во СДСМ направиле процена дека италијанските експерти имаат повеќе способности и знаење да ја просветлат Македонија, и да ~ покажат подобри патишта и алтернативи во државниот ни развој, отколку што тоа го можат нивните партиски функционери.И тогаш и сега го велам истото. Kако е можно лидер на најголема опозициска партија во земјата, и раководство кое глуми најголема државна интелектуална елита, да нема основен, елементарен капацитет да срочи своја партиска програма во која ќе ги срочи своите видувања, и ќе понуди свои решенија за подобра Македонија? Избори немаше ниту на 24 април, ниту на 5 јуни поради познатиот страв на СДСМ да му се појави на македонскиот гласач пред очи, но остана неодговорено прашањето како е можно партија која бара мандат од граѓаните на избори за да ја води земјата да нема своја понуда на проекти, своја визија, свои идеи за иднината на државата што претендира да ја води. Kако е можно сериозна и најголема опозициска партија да си дозволи таква неодговорност и толкава доза политичка ноншалантност, целото свое политичко дејствување да ~ зависи од некакви стокмени решенија и идеи од италијански, па нека се и од белосветски експерти.
За добро познатите велепредавнички активности содржани во „досието Заев“, добро познатите СМС пораки дека премиер на странска држава ќе ја среди работата (поврзана со „работната дозвола“ на Верушевски), пораката испратена од Заев до лидерот на ДПА, дека пријателите од странство ќе го донесат Заев на власт, итн. не треба повторно да пишуваме. Тие активности, заедно со италијанската консултантска куќа за подготовка на изборната програма на СДСМ, го затворија кругот на политичката вистина за работата и за делувањето на оваа партија, и нејзиниот лидер. Во тој круг се наоѓа долгата листа на велепредавнички активности за кои оние најучените и највештите обвинителки од СЈО мува не ги полазува. Се прават и се однесуваат како „да не се оттука“. За нив и натаму најважна обвинителска „приказна“ останува да биде автобускиот превоз на учениците во Битола, рекла-казала незаконски снимените муабети што не докажуваат ама буквално ништо.
Ама затоа, за „досието Заев“ и за „досието Верушевски“, тие си ги чешаат ушите во исто време, и се прават недоветно слепи. За таквите апла докажани велепредавнички дејствија, македонската јавност не слушна ниту збор, не виде ниту еден преземен чекор од „елитните обвинителки“ во СЈО. Нивната „експертиза“ очигледно треба да остане глува и слепа за чекорите на „италијанската“ мафија во земјата, и за познатите сценарија за внатрешно рушење и разнебитување на Република Македонија.
Џабе им се сите обуки, семинари, и тренинзи низ кои се „прочешаа и прочешлаа“ нашиве славни грации дури отаде „барата“, а за некои ептен специјални вештини и кај „жабарите“. Од толку многу чешање и чешлање по обукиве и тренинзиве им отапеа правничките сетила, и им се помати умот, па најапла направените активности што мирисаат на класично велепредавство им изгледаат како бистро кладенче. Ама затоа пак обукиве им ги засилија сензорите за дела поврзани со „ловот на ВМРО-вските вештерки“. Во тој лов замислените вештерки се сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, по вертикала и по хоризонтала. За нивниот лов се направени и смислени до детали неколку проекти финансирани се знае од кого.
Ако СДСМ може да ни нуди италијанска програма за „спас на Република Македонија“ од „режимот“ на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш зошто да не може СЈО да работи по програмите на светски познатите и признати финансиски експерти за „лов во матно“. Оние де што го дрмаат светот во должина и во широчина, како детска играчка, како приспивна за мали деца секоја вечер, и како Алиса во Земјата на чудата секој ден. Е токму во нивните проекти има посебна тренинг-програма за стекнување вештини „како да не го видиш криминалот што ти е пред очи, а да го создадеш со илузија таму каде што го нема“. Kако да ги усовршиш вештините на Шерлок Холмс за „влез во трагата на боранијата“, и како да станеш Хари Худини, Дејвид Kоперфилд, Такајама, Ханс Kлок, Франц Харари, или можеби Сигфрид и Рој во креирање специјално-обвинителски илузионизам за криминал и корупција без правно издржани докази.
Нашиве специјалки се во последната фаза од подготовките за прикажување на своето ново есенско илузионерско шоу. Дознаваме дека дуо-трио специјалната група се наоѓа пред последната, завршната проба на своите специјалнообвинителски магионичарски перформанси што треба да ги изведат на јавна сцена некаде на почетокот од месец септември. До тој степен се влезени во „филмот“ со своите т.н. докажани индиции што веројатно во септември очекуваат да ја добијат најпрестижната светска награда „Специјална магија на годината“. Но, треба некој да им дошепне и да им објасни дека и познатиот магионичар Рој очекуваше голема награда ама никогаш не ја дочека. Не ја дочека затоа што кобно го фати за вратот и сериозно го повреди неговиот цел живот дресиран тигар Монтекор, кога во 2003 година ја изведуваше својата најомилена магионичарска точка. И покрај тоа што с` уште постојат дилеми што точно се случило на сцената тој ден, односно дали големиот тигар извршил класичен напад врз Рој, или тигарот направил таков гриз за да го спаси Рој од неволјата поради неговиот погрешно изведен чекор, сепак последицата на крајот останува непроменета. Илузионистот Рој бил оневозможен од неговиот најверен другар, големиот тигар, да продолжи со својата илузионистичка кариера, и да остане запишан во историјата на магијата како најдобар илузионист. Токму овој напад на тигарот ја отвори дебатата за потребата од дистанцирање на животните од ваквиот вид забава. Лекцијата со преносно значење што нашево дуо-трио треба да ја научи од посочениов пример е повеќе од поучна.
Некој ќе каже дека нашиве специјалки повеќе личат на Пен и Телер магионичарската комбинација. Знаете, на она познато магионичарско дуо специјализирано за изведување фантастични движења на сцената. Интересно е што нивните изведби секогаш имаат и одредени комични елементи во перформансот, слично на комедијанските елементи во настапите на нашата Јанева. Нивната најпозната изведба на сцена е познатата трик магија во која Пен објаснува илузионистичка приказна додека го изведува перформансот, а Телер цело време молчи во шоуто. Уште една коинциденција со нашиве специјалки, нели.
И така, во очекување на „убаво обоените лаги“ на специјалниве обвинителки кои треба да му дадат нова светлина на септемврискиот македонски политички колорит, во кој одамна вистината е заменета со политичка илузија, остануваме да се занимаваме со триковите на собирање евтини опозициски политички поени на сметка на маката на поплавените сограѓани.
Врв на таквата илузија за наводна голема грижа кон поплавените граѓани беа говорите на пратениците од СДСМ во неделата во Собранието. Говорите на сите до еден. Тие, заедно со очекуваната септемвриска илузија што треба набрзо да ја промовира СЈО, имаат една цел. Kолку што е можно повеќе да се скрие неспособноста на СДСМ, и нивниот катастрофален рејтинг што никој, ниту самите, ниту надворешниот сценарист, не го очекуваа во оваа форма. Вистинско фијаско.
Токму затоа, целата пресија е сега ставена на магијата на СЈО и неговите клучни магионичарки, од неможно да направат можно, од правно неиздржани материјали со помош на трикови да направат докази, а од таквите наводни докази да направат политички сензационализми што ќе го покријат срамот на опозициските политичари и нивните странски ментори. Нивниот срам, секако, нема да направи промена во граѓанската перцепција за реалното и за вистината, колку и тие да се трудат.
Во „кујната“ на СЈО се крчка големата илузионистичка точка од која треба да тргне есенската жетва за подигнување на очајниот рејтинг на СДСМ. Иако и во СЈО, и во СДСМ, а богами и во амбасадите-матици владее доза на спектицизам во однос на успешноста на есенската изведба, обидот сепак ќе биде направен, па нека биде што биде. И така сите карти се извлечени од ракавите. Друга карта во полза на СДСМ не остана. Друга карта се изборите, ама од нив Заев фаќа магла штом се спомне првата буква. Од претстојната есенска магионичарска изведба на тимот на Јанева ќе зависи дали СДСМ ќе оди на избори или не до крајот на годината. Ако специјалното шоу на СЈО во септември има конкретен ефект на терен, и направи одредени поместувања во цврстата и стабилна структура на ВМРО-ДПМНЕ, Заев и неговите налогодавачи ќе се одлучат да му излезат на народот пред очи. Ако очите на народот не им се поматат од илузијава, настапува познатата тактика на Заев. Изборна бежанија, трет дел. И во третиот дел од филмот, Заев ќе ги користи сите можни средства и начини за миење на рацете, а богами и на нозете од изборното бегање. Ќе ги користи албанските гласачи, за кои токму неговата партија бараше дополнителна проверка од страна на ДИK, како повторно алиби за неисполнетост на минималните услови за одржување кредибилни избори. Нозете ќе ги пере и со медиумите кои, нели, пак нема да му ујдисуваат согласно неговите избалансирани мерки. Пустиот тој. Од толку кал што навлече на нозете чистејќи ги скопските општини погодени од природната катастрофа, а кои патем не му се негов атар, и од толку евидентиран путер на главата, веројатно ниту во наредните две години нема да сака да излезе на изборно соочување.
Многу италијански мантри, мафијашки финти, СЈО-вски магии и илузии не му успеаа на терен. Сега сите тие му виснале та натежнале како Хималаи. Kако човеков со толкава тежина да оди на избори. Веројатно нов услов за да има избори ќе биде симнување на големите маки од Заевите плеќи. Симнување на маките од грбот на Заев како нов услов за одржување на фер и демократски избори…
 
Тања Kаракамишева-Јовановска за ДневникИ тогаш и сега го велам истото. Kако е можно лидер на најголема опозициска партија во земјата, и раководство кое глуми најголема државна интелектуа

Пронајдете не на следниве мрежи: