Скопје со повеќе активности и манифестации одбележува 54 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.Официјални делегации и претставници на институции денеска ќе положат цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес. Традиционалната крводарителска акција „За Скопје со љубов. Дарувај крв – биди хуман“ ќе се спроведува од 9 до 17 часот во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“. Организатори се Црвениот крст на Град Скопје и Институтот за трансфузиона медицина.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и секретарот на Црвениот крст на Град Скопје Сузана Пауновска ќе присуствуваат на проширениот капацитет на Пунктот за бездомници – Момин Поток. Пунктот, кој функционира од 2008 година, сега е збогатен со уште еден станбен контејнер од 16 кревети, тоалет, кујна и туш кабинет. Оваа активност е резултат на донација која Град Скопје ја даде како пренамен на средства по откажување на новогодишната прослава на скопскиот плоштад.
Градоначалникот Трајановски вечер во Музејот на Град Скопје, со почеток во 20 часот ќе ги отвори изложбите „Скопје – архиТРАНСформа“: „Архибелези“ на архитектите Јасминка и Екатерина Намичеви и „Concrete мemories“, фотографии на Матијас Шуман, Дрезден, Германија.
На изложбата „АрхиТРАНСформа-Аrchiбелези“ од архитектите Јасминка и Екатерина Намичеви, преку презентирани архивски документи, фотографии и реконструкции на градбите е направен преглед на училишните објекти во Скопје, изградени во периодот меѓу двете светски војни (1918-1941година).
– Презентирањето на теми преку кои се рехабилитираат/реконструираат мемориски матрици кои граѓаните на Скопје ги носат во себе веке 54 години, секогаш претставува огромна одговорност и кон живите и кон починатите граѓани на овој град. Затоа секогаш со многу внимателен и студиозен приод, откинуваме по некое „скопско ќоше“ од пазувите на историјата,за да тагуваме по него, но и да му се радуваме заедно, соопшти Музејот на Град Скопје.
Авторите на изложбата сметаат дека архитектонските примери изградени безмалку пред столетие би било корисно уште еднаш да бидат анализирани како искуства во кои биле вешто вградени некои претходни градителски традиции. Притоа имајќи силно чувство за современиот момент и печатот кој тие градби задолжително треба да го носат.
Фотографската серија „Concrete мemories“ е направена преку програмата за културна размена по повод 50 години од збратимувањето на Скопје и Дрезден. Авторот користи фотографии од типични модернистички згради, впечатливи детали, интериори и простори како основа за фотографски рекомбинации. Според него, овие колажи сакаат да ги запаметат културните, естетичките и историските вредности на тоа модернистичко архитектонско наследство.
Под мотото „Скопје го слави животот“ на 26 јули од 21 часот на плоштадот „Македонија“ ќе настапи Биг Бендот на МРТВ. Ќе настапат и Бида Додева, Александар Митевски, актерот Висар Вишка, детскиот хор „Фалсето“, словенечкиот саксофонист Васко Атанасовски и нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски. Свој дел ќе има и скопскиот хроничар Данило Коцевски.
Скопјани и сите посетители ќе имаат можност да слушнат голем број македонски композиции кои низ децениите се пееле и свиреле во Скопје или кои асоцираат на Скопје.
Во Младинскиот културен центар во рамки на годинашното одбележување на денот на катастрофалниот скопски земјотрес ќе има повеќе активности. Од 20 часот ќе биде претставен избор од програмите на европските престолнини на културата: Монс, Белгија 2015, Плзен, Чешка 2015, Сан Себастијан 2016.
Во МКЦ со почеток во 20 часот ќе биде отворена и изложбата на еден од основоположниците на македонскиот современ ликовен израз Димитар Аврамовски Пандилов, кој загина трагично во 1963 година. Ќе бидат претставени дел од неговите дела, кои досега никогаш не биле изложувани (четириесет и пет акварели и пет цртежи). Делата се работени во предвоениот и повоениот период на дваесеттиот век. Ова е само дел од проектот, со кој Младинскиот културен центар планира во повеќе години, секој 26 јули да изложува досега никогаш изложувани дела од Пандилов.
Од 22:30 часот во МКЦ концерт ќе имаат RIB, Sweet Rapscallions, Anna O. и Mark Olson & Ingunn Ringvold од САД.
Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше возбуден и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 – 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред точно 54 години, утрината на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути
Официјални делегации и претставници на институции денеска ќе положат цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од