Скопје денеска со повеќе активности и манифестации одбележува 53 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени. Официјални делегации и претставници на институции утрово на Градските гробишта во Бутел ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес.
Во Културно-информативниот центар-Скопје, од 9 до 17 часот ќе биде реализирана традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на град Скопје и изложба на фотографии. Ќе бидат изложени 50 врамени фотографии од активностите на Црвениот крст на Република Македонија за мигрантската криза. Ќе бидат доделени благодарници и признанија за сите соработници, поддржувачи и волонтери кои дале придонес во ублажувањето на хуманитарните потреби на лицата кои минале низ нашата држава.
Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 20 часот ќе се одржи настанот „МКЦ за Скопје“ што ќе биде отворен со изложбата „Скопје 63-Хроника на една катастрофа“ на фотографот Бошко Фржоп од Хрватска. Ќе бидат прикажани и пет кратки филмови на скопските режисери Игор Иванов Изи, Вердан Тозија, Даријан Пејовски, Ѓорче Ставревски и Марко Ѓокович. Потоа концертен настап ќе имаат групите СИЗ, Stuttgart Online и YOU.
Во Музејот на Град Скопје во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Скопје 1963-виртуелни изложбени тури“, каде пред присутните ќе се обрати скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.
На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 до 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место.
И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Наредниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година. Неговата јачина изнесувала околу 10 степени, по што градот вторпат бил разурнат.
Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 52 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.Официјални делегации и претставници на институции утрово на Градските гробишта во Бутел ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите