Неодамна имав дискусија (колку што може човек да има нормална „дискусија“ на „Фејсбук“) со еден американски пријател кој извесно време живееше и работеше во Македонија. Иако и двајцата ја сакаме Македонија, нашиот разговор се фокусираше околу тоа што значи кога ќе кажеме дека сме „христијани“. Тој рече дека не е „традиционален христијанин“ и се обиде да ме убеди дека е „христијанин“ на некој начин. Но, кога го соочив со верувањата што еден христијанин мора да ги има за да се идентификува како христијанин (верувањето во божествената природа на Исус како Син Божји, во девственото раѓање, воскресението итн.) тој рече дека не може да ги прифати овие нешта. Со други зборови, тој сака да го има идентитетот на христијанин без вистински да верува, што е невозможно. Ова ме наведе да размислувам за темата на која многупати сум пишувал- идентитетот.
Што значи да се биде Македонец? Од каде доаѓа идентитетот? Ова вреди да се анализира, особени затоа што македонскиот идентитет е под постојан напад од нашите грчки пријатели и од многумина во меѓународната заедница (вклучувајќи го и Барак Обама) кои тврдат дека сега се „граѓани на светот“. Со други зборови, традиционалниот идентитет Македонец, Американец, Унгарец е под закана од елитите во светот, без оглед дали се тие политички, културни, медиумски, образовни или бизнис елити.
Тогаш, што значи да си Македонец? Ако јас, Џејсон, едноставно речам дека сум Македонец“дали тоа ме прави Македонец? Се разбира дека не. Мора да постои некоја основа за фактот. Се разбира, јас можам да ги поминам потребните чекори и да станам македонски граѓанин, и тогаш со право ќе можам да тврдам дека сум Македонец во граѓанска смисла на зборот. Но никогаш не можам да бидам етнички Македонец. Тоа е невозможно. Не можам едноставно да тврдам дека сум Македонец само затоа што сум го рекол тоа. Дури и ако најискрено „се чувствувам“ така (види подолу).
Но, вие што сте Македонци, вие имате некаква основа во фактите да го тврдите тоа за својот идентитет. Според мене, тоа почнува со крвта. Еден или повеќе од вашите родители, баби и дедовци бил, по крв, Македонец. Имам голем број македонски пријатели кои се со мешано етничко потекло: едниот родител им е Хрват, а другиот Македонец итн. па сепак тие тврдат дека се Македонци. Тоа е нивен избор, и нивно право. Што друго ве прави Македонци? Претпоставувам дека повеќето луѓе што ќе го читаат ова се родени на територијата на Македонија. Исто така, и македонскиот јазик. Можеби сте израснале во Македонија и затоа сте длабоко нурнати во културата на Македонија, вклучувајќи ја тука и христијанската религија. И ова држи вода. И многу од тоа што го напишав се однесува и на етничките малцинства кои ја нарекуваат Македонија свој дом. И тие се Македонци, иако може уште многу да се зборува на оваа тема, но ќе го оставам тоа за друга колумна.
На крај, се чувствуваш како Македонец. Арно ама „чувствата“ се лизгав терен. Едно петгодишно дете може да се чувствува како Супермен или Вондервомен, но тоа не го прави суперхерој. Но чувството заедно со одредени факти, со определени реалности- тоа ви дава право да ве нарекуваат „Македонец“. И да бидеме искрени: чувствата не се секогаш идеална основа за својот живот. Ако речам дека „чувствувам“ потреба да испијам шише виски вечерва, тоа е една работа. Но факт е дека ако го сторам тоа, ќе почувствувам сериозни негативни последици. Ако „чувствувам“ желба да се качувам на планина во јулски ден кога температурата е 45 степени, ќе има негативни последици контролирани од фактите. Чувствата мора да бидат скротени од она што се нарекува реалност. Ова е нешто што нашите пријатели од политичката левица не го сфаќаат- реалноста, но тоа е тема за друга колумна во друга пригода.
Последната мисла ми е многу интересна и ќе ве оставам да размислите малку за неа. Ќе мора да се навратам на Светото писмо, на евангелијата по Матеј, Марко, Лука и Јован и да ги споделам со вас. Веднаш по Последната вечера на Исус со неговите ученици, тие заминале во Гетсиманската градина за Исус да може да се помоли знаејќи дека дошол неговиот час и дека наскоро ќе биде предаден од Јуда Искариотски. Kога дојде времето, се собра огромна толпа предводена од многу свештеници, вклучувајќи го и слугата на првосвештеникот, за да се соочат со Исус и со неговите ученици. Името на првосвештеникот е Kаифа; но неговиот слуга, од друга страна, не е именуван во евангелијата по Матеј, Марко и Лука. Додека толпата се обидувала да го уапси Исус, еден од неговите ученици (Петар, како што дознаваме подоцна) го извадил ножот и му го отсекол десното уво на слугата на првосвештеникот.
Во евангелието по Лука дознаваме и дека Исус му го исцелил увото на слугата. Но дури во последното од четирите евангелија, евангелието по Јован, го дознаваме името на слугата на првосвештеникот и оттаму заклучокот на овој долг вовед кон мојата едноставна поента: слугата на првосвештеникот бил роб, човек што не го поседувал сопствениот живот. Но Јован ни го кажува името на човекот: Малх. Слугата- кој не го поседувал својот живот туку му го должел на друг (на првосвештеникот), всушност имал свое име и идентитет.
Сетете се на вашето име и идентитет и не дозволувајте никому да ве убеди во спротивното.
Џејсон Мико за Дневник
АВТОРОТ Е МЕНАЏЕР ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА ОД АРИЗОНА (САД), И ДОЛГОГОДИШЕН НАБЉУДУВАЧ НА СОСТОЈБИТЕ ВО МАКЕОНИЈА И ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПАНо, кога го соочив со верувањата што еден христијанин мора да ги има за да се идентификува како христијанин (верувањето во божествената природа на