Собранието на Република Македонија со 72 гласови „за“ и 37 против денеска го донесе Буџетот на Република Македонија за 2017 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 187,612 милијарди денари. Вкупните расходи се на ниво од 206,219 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од БДП, односно 18,6 милијарди денари.Предлогот го образложи министерот за финансии Кирил Миноски кој рече дека главен приоритет на овој стратешки документ е поддршка на приватниот сектор и дека со него се обезбедува редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните.
Капиталните инвестиции се планирани на 26,95 милијарди денари.
Буџетот е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 проценти, а инфлацијата да остане на ниво од 1 отсто.
– Предлог-буџетот за 2017 година се темели на три основни постулати. Тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок, рече министерот Миноски.
Според него, главниот приоритет на овој стратешки документ е поддршка на приватниот сектор, бидејќи тој е клучен за економскиот развој на земјава и е единствен кој што може да креира нова вредност.
– Очекуваме дека растот на економската активност следната година ќе биде придвижен од извозот на стоки и услуги, за кој проектиравме раст од 6 проценти на реална основа, кој се базира на очекувањата за извозна активност на капацитетите во слободните економски зони. Растот на извозот се очекува да биде придружен со натамошно подобрување на неговата структура преку зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност. Во 2017 година увозот на стоки и услуги е предвидено да забележи раст од 4,7 проценти на реална основа, рече министерот за финансии.
Тој потенцира дека се очекува дека со спроведувањето на предвремените парламентарни избори во декември политичката криза во земјата ќе се разреши, што ќе влијае позитивно врз очекувањата и довербата на домашните компании. Според него ова ќе придонесе за зголемен раст на инвестициите и потрошувачката, но ќе прати и позитивен сигнал кон странските инвеститори.
Бруто инвестициите се проектирани да растат за 4,5 проценти, засновано на планираните инвестиции на јавниот сектор и на очекувањата за постепен раст на приватните инвестиции.
Во рамки на јавните инвестиции предвидена е реализација на проекти за подобрување на транспортната мрежа во земјата, за подобрување на енергетската и комуналната инфраструктура, како и за капитални инвестиции во образовниот, социјалниот и здравствениот систем.
Приватната потрошувачка се очекува да забележи раст од 2,1 отсто во 2017 година, главно како резултат на очекуваниот раст на расположливиот доход на домаќинствата, при проектирано зголемување на вработеноста и платите. Проекцијата за реален раст на јавната потрошувачка изнесува 1,3 проценти.
Во 2017 година градежната дејност се очекува да оствари раст од 5,2 отсто, базирано на планираните инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните економски зони. Следната година се очекува услужниот сектор да забележи раст од 2,8 отсто, земјоделскиот сектор од 2,3 отсто и индустријата да забележи раст од околу 2 проценти.
Министерот Миноски потенцира дека Буџетот 2017 година е одговор на потребите и ситуацијата во која се наоѓа македонската екномија.
Буџетот, додаде, има високо ниво на капитални инвестиции со што се дава поттик на инвестициската активност на приватниот сектор. Во делот на социјалата се обезбедува заштита на стандардот на најранливите категории на граѓани: пензионерите, социјално ранливите категории и земјоделците. Со Буџетот за 2017 година се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на останатите обврски на државата.
Даночните приходи се планирани во износ од 108,876 милијарди денари и се очекува да имаат раст од 9,47 проценти во однос на 2016 година. Социјалните придонеси се планирани во износ од 51,879 милијарди денари или за 3,46 проценти повеќе од оваа година.
Тековните расходи, како што рече, се планирани во износ од 179,26 милијарди денари и се наменети за редовно финансирање на платите на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензиите, социјалните надоместоци и субвенции во земјоделството. – За плати се проектирани 26,77 милијарди денари, за стоки и услуги 19,6 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 124,66 милијарди денари, за социјални трансфери 92,72 милијарди денари…, посочи Миноски.
Го најави зголемувањето на ноемвриските пензии на повеќе од 300.000 пензионери кои ќе добијат зголемување од околу 670 денари или во просек од 5 проценти.
Посебно внимание посвети на капиталните инвестиции, бидејќи, како што рече, издвојуваме значајна сума, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој. Проектирани се на ниво од 26,954 милијарди денари што е за 4,62 милијарди денари повеќе од годинава, или 20,7 проценти раст на капиталните инвестиции.
– Определбата за постојано зголемување на јавните инвестиции изминатите години се покажа како добра за повеќе сектори, пред се градежништвото и индустријата, затоа од 2009 година наваму континуирано се зголемува износот на капитални инвестиции во Буџетот. За следната година проектиравме високо ниво на капитални инвестиции во износ од 26,954 милијарди денари што е за 4,62 милијарди денари повеќе од годинава или 20,7 отсто раст на капиталните инвестиции, рече министерот за финансии.
За патната инфраструктура, како што рече, ќе се инвестираат вкупно 20,16 милијарди денари. Најголем дел 16,56 милијарди ќе се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта, од кои 3,6 милијарди се за довршување на изградбата на модерната автопатска делница на Коридорот Демир Капија-Смоквица, 807 милиони за капитални расходи во железничката инфраструктура со кои ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридорот 10, ремонт на последната делница Ногаевци-Градско-Кукуречани и Криволак-Неготино. Предвидени се средства и за проектот за железничката пруга кон Бугарија, како и набавка на нови влечни средства во износ од 50 милиони евра.
За енергетиката и комуналната инфраструктура се проектирани 3,48 милијарди денари, за уредување на ТИРЗ 246 милиони денари, за здравствениот систем 1,12 милијарди денари фокусирани на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Клиничката болница во Штип. Во образованието, детската заштита и спортот предвидени се 3,25 милијарди денари, за земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,22 милијарди денари. Преку програмата за финансиска поддршка на руралниот развој се предвидени 1,85 милијарди денари.
Министерот рече дека во насока на подобрување на условите за социјално ранливите групи во наредниот период ќе продолжи имплементацијата на Проектот за домување на социјално ранливите групи.
Посочувајќи на реализација на Буџетот за оваа година рече дека од јануари до септември реализирани се вкупни приходи во износ од 125,82 милијарди денари, што е за 8,3 милијарди денари или за 7,1 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Собрани се даночни приходи во износ од 75 милијарди денари, кои се повисоки за 6,4 милијарди денари или за 9,4 проценти во однос на тој период 2015 година.
Приходите од социјални придонеси се во износ од 36,9 милијарди денари што е за 1,9 милијарди или 5,5 проценти повеќе во однос на соодветниот период во 2015 година.
Државниот долг посочи дека на крајот на јуни годинава изнесува 36,9 проценти од БДП, додека јавнит долг изнесува 45,3 проценти од БДП.
Министерот ги повика пратениците да го поддржат предложениот буџет и со тоа, како што рече, да дадат една здрава основа за стабилност и раст на економијата во годината која следи.
– Наша одговорност кон граѓаните е да не дозволите тие да ги сносат последиците од политичката криза. Носењето на буџетот за 2017 година ќе осигура редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните, како и сервисирање на останатите обврски на државата, рече Миноски.
Во расправата по предложениот Дополнет буџет за 2017 година мнозинството даде поддршка, а опозицијата не го поддржа буџетот.
Според Крсте Мукоски донесувањето на овој документ е од исклучителен интерес пред се на граѓаните и на непречено функционирање на РМ во 2017 година.
– Со донесувањето на буџетот ние донесуваме предвидливост за бизнис секторот, донесуваме стабилност за бизнис секторот и за развој на македонската екононмија и сигурност за сите целни групи во Република Македонија, рече Мукоски.
Тој додаде дека со него продолжува растот на македонската економија проектиран на 3 проценти, а важно е дека се намалува и буџетскиот дефицит.
Според него ова е позитивен гест кон граѓаните и додаде дека доколку на следните избори победи опозицијата уште во првата недела може да го измени овој документ.
Горан Сугаревски од СДСМ истакна дека опозицијата нема да го поддржи предложениот буџет бидејќи, како што рече, во вакви буџети повеќе никој не верува.
Тој додаде дека по 11 декември овој предлог буџет ќе биде променет и оти сега во образложението требало да се наведе не што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ туку што направило досега.
Орхан Ибраими од ДПА исто така рече дека нема да го поддржат овој буџет бидејќи не се разликува воопшто од претходните и оти, како што наведе, е антиалбански.
Пратениците го изгласаа и предлогот за извршување на Буџетот за 2017 година.
По редовната пауза продолжуваат со останатите точки од дневниот ред и по одлуката за распуштање на Парламентот.Предлогот го образложи министерот за финансии Кирил Миноски кој рече дека главен приоритет на овој стратешки документ е поддршка на приватнио