На 27 и 28 март 2017 год. во „Порта Македонија” Скопје се одржа состанок на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет (European Regional Branch of the International Council on Archives – EURBICA). Организатор и домаќин на настанот беше Државниот архив на Република Македонија.На состанокот присуствуваа г. Дејвид Фрикер, претседател на Меѓународниот архивски совет, директорот на ДАРМ д-р Филип Петровски како член на Извршниот одбор како и другите членови на Извршниот одбор што доаѓаат од националните и државни архиви на Белгија, Велика Британија, Малта, Хрватска, Франција. Вториот ден присуствуваа и претставници на архиви од 16 земји на Југоисточна Европа. Со тоа овој настан доби огромно меѓународно значење во делот на поврзувањето на архивите како во размената на искуства така и во поставувањето на идни приоритети.
„Го поканивме и регионот на Југоисточна Европа да присуствува на Европскиот борд за да се спојат активностите на европско ниво со нашиот регион. Минатата година во Македонија состанок одржа Регионалниот борд на Југоисточна Европа, на кој се разговараше за обединувачките иницијативи на архивите. Сега сме во понапредна фаза, што значи дека веќе нашата иницијатива ќе биде прифатена на европско ниво”, истакна Петровски.
Претседателот на Европскиот регионален огранок Дебора Џенкинс од Велика Британија во изјава за медиумите истакна дека архивите се од основна важност на идентитетот на сите народи од Европа.
На состанокот се дискутираше за многу прашања што се однесуваат на понатамошното функционирање на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет и за неговите идни проекти како и за актуелните проблеми на архивите во регионот и нивното активно инволвирање во мрежата на ЕУРБИКА односно Меѓународниот архивски совет. На настанот присуствуваа и бројни архивски работници што имаа можност да дадат сопствени видувања за архивската работа како и предлози за идни иницијативи за поврзување на архивските работници од европските архиви.
Присутните заклучија дека овие состаноци треба да продолжат како израз на заложбата за што поинтензивна соработка во иднина.
Државниот архив на Република Македонија е член на Меѓународниот архивски совет од 1992 година, а подоцна со формирањето на Европскиот регионален огранок станува и негов член.