Специјалната обвинителка Kатица Јанева не му доставила на Советот на јавните обвинители извештај во врска со записникот за материјалите од нелегалните прислушувања, кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев ѝ ги предаде на 30 декември. Ова вчера за „Дневник“ го изјави претседателот на Советот, Петар Аневски.Според Аневски, ова е уште еден погрешен чекор на Јанева и уште едно прекршување на Законот за специјално обвинителство, откако претходно таа не го извести ниту за исклучувањето на двете обвинителки од нејзиниот тим. Сепак, како што вели Аневски, Советот нема да презема ништо сѐ додека не го добие шестмесечниот извештај за работењето на специјалното обвинителство, за што Јанева има рок да им го достави најдоцна до вторник, 15 март.
Неиспочитуван рок
– Таа ништо не ни достави до овој момент, едноставно молчат сево ова време. Беше коректно да испратеа какво било известување зошто доцнат и не испраќаат извештај во врска со записникот. Ова е уште еден голем минус за специјалното обвинителство. Но засега не преземаме ништо сѐ додека не видиме што ќе стои во шестмесечниот извештај за работата на обвинителството, па потоа ќе се произнесеме со одлука, ни рече Аневски.
Тој јавно ја повика најитно што може да му достави извештај уште пред речиси еден и пол месец и половина. Јасно нагласи дека во тој момент нема намера да поднесува кривична пријава против Јанева, оти за Советот било важно да се расчистат дилемите во јавноста за тоа дали и што примило специјалното обвинителство на 30 декември.
– Нас нѐ интересира бројка, статистика, колку има примено, дали има примено, дали е составен записник или друг некаков факт, дали е тоа потврда за примени предмети итн. Донесовме одлука да се побараат тие податоци и во најкраток можен рок да ни достават податоци. Ова го правиме бидејќи во јавноста сѐ уште има нејаснотии за примените материјали. Ние сме надлежни од неа да побараме такви податоци, а тоа дека ќе поведеме постапка, кривична пријава, тоа нѐ држи, ние за почеток бараме колку се примени и дали е направен записник. Во согласност со Законот за кривичната постапка, кога ќе дојде ден тие да бидат уништени, се прави записник, со присуство на тие и тие лица и мора да знаеме точно колку ќе бидат уништени, рече Аневски на 25 јануари.
Специјалното обвинителство игнорира
„Дневник“ во повеќе наврати го прашуваше специјалното обвинителство дали извештајот за записникот е готов и предаден, но прашањата беа игнорирани. Единствено во врска со ова СЈО се произнесе на 12 февруари, на последната нивна прес-конференција кога беше објавен случајот „Титаник“. Тогаш беше нагласено дека „поради обемноста на материјалите не можело во моментот на предавање да се направи записник и дека с` уште се вршело попис на истите“.
– Ве известуваме дека во тек е детаљно евидентирање на предадените материјали. Имајќи ја предвид обемноста на истите, ве известуваме дека пописот ќе трае колку што е потребно и за констатираната состојба ќе биде изготвен и статистички преглед, кој ќе биде дел од извештајот доставен до Советот на ЈО и Собранието на РМ – рекоа тогаш од СЈО.
Додека на јавноста ѝ е нејасно зошто Јанева молчи, на интернет изминатиот период се појавија снимки од приватни разговори за кои со право постои сомнеж дека потекнуваат токму од тие за кои требаше да се состави записник. Засега единствено е извесно дека Јанева треба да го предаде извештајот за целокупната своја работа во изминатите шест месеци до Советот и до Собранието на РМ, како што е предвидено во Законот за специјалното обвинителство до вторник. Дали таа ќе одговара пред Советот или не останува да се чека на одлуката на Аневски и тимот откако ќе го добијат.
Молк за снимките на Латас и Иванов
Додека на јавноста ѝ е нејасно зошто Јанева молчи, на интернет пред околу две недели се појавија снимки од приватни разговори на главниот уредник на „Сител“, Драган Павловиќ – Латас и сопственикот на овој медиум Горан Иванов, за кои постои сомнеж дека се дел токму од тие за кои требаше да се состави записник.
Досега ниту Министерството за внатрешни работи со кое раководи генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски ниту специјалната обвинителка Kатица Јанева, надлежна за прислушувањето, не дадоа никаква информација дали повеле постапка за овој случај. Се однесуваат индиферентно и покрај тоа што гонењето за објава на незаконски прислушувани материјали е по службена должност, а и неколку закони ги обврзуваат на тоа.
За овој случај молчи и Советот на јавните обвинители.
(Дневник)Според Аневски, ова е уште еден погрешен чекор на Јанева и уште едно прекршување на Законот за специјално обвинителство, откако претходно таа не го