…„Ни специјални полицајци, ни специјални судии, ни специјални медиуми, ни специјални чатали, ни специјални мисионери не можат да им помогнат на специјалниве губитници.“Зборот „специјален/о“ е најчесто употребуван, и најчесто слушан збор во македонскиот политички етер. Специјално обвинителство, специјално судско одделение, специјален оддел во МВР, специјален избирачки список, специјално тело за мониторирање на медиумите, специјални избори, специјални опозиционери, специјални „шарени“, специјална помош за обуки на судии, јавни обвинители, и полицајци во земјата…Кога целава оваа специјална политичко-правна шема ќе се стави во контекст на сериозните политички размислувања за политичките состојби во земјата, испливува на површина мозаик играта на опозицијата за формирање специјална држава Република Македонија која ќе ги тинтра исклучиво специјалните интереси и потреби на СДСМ. Во таа специјална држава, која конечно ќе биде призната од СДСМ, а веројатно сесрдно и од Република Грција, место нема да има за мнозинството македонски граѓани кои, еве и после две изминати години од политичката криза, никако да бидат (раз)убедени да гласаат против ВМРО-ДПМНЕ, односно никако политички да се преобратат. А за специјалното политичко преобратување искористена е цела палета од специјална помош, специјална поддршка од специјалниот старател на специјалната СДСМ. И, пак, ништо.
И покрај сите специјални марифетлуци, специјален изборен резултат во нивна полза е само мисловна именка. Пуста желба на специјалните македонски граѓани. Генезата на специјалната политика може да се најде уште пред неколку години, кога церемонијал мајсторот на специјалната идеологија на политичката криза во земјата, и специјален стратег на СДСМ-овската траекторија на политичко движење, проф. Фрчковски, го најави зародишот на специјалниот пристап на СДСМ. Поделба на Македонците во две групи. Во едната ставени оние обичните, неписмените, дудуците, корумпираните, смрдливите, а во другата, оние специјалните, интелектуалците, елитистите, најубавите на мама, најпаметните на тато, намирисаните, џезерите, и секако, најважно некорумпираните. Лицата од првата и лицата од втората група никако не смеат да се сретнат, ниту да се видат. Треба да одат на различни страни од улиците, треба да седат во различни кафеани, и по можност да немаат никаква допирна точка. Веројатно, замислата на „генијалецот“ се протега до така поделената Македонија во која специјалниве треба да одат по новите улици и плоштади што Коце и Никола им ги направија, бидејќи тие нели припаѓаат во групата обични граѓани што мораат да градат и да создаваат за потребите на специјалните. Само „генијалецот“ уште се нема изјаснето дали на таа, нивната, специјалната страна, Коце и Никола треба и специјални рози-латици да им фрлаат секој ден, или преку еден ден. Затоа што по дефиниција специјалните господа мораат да добиваат и специјален граѓански третман.
„Генијалецот“ уште се нема изјаснето дали во специјалните кафеани и кафиќи треба и специјални мениа да се подготват согласно потребите на нивните специјални стомачиња. И покрај небулозноста и инфантилноста на специјалниот третман за едни наспроти други граѓани, од денешна перспектива се демаскира целата структура на замислениот специјален систем што СДСМ го сонува и сака да го реализира во земјата. Структурата на тој специјален систем треба да ја дерогира структурата на редовната, нормалната, и врз основа на Устав и закон заснована македонска држава. Да биде иронијата поголема сите раководни структури во СДСМ, заедно со нивните перјаници сé погласно, и сé поинтензивно ја туркаат Република Македонија во специјален статус што експлицитно значи рушење на темелите врз кои е изградена, и врз кои функционира нормалниот уставен и политички систем на Република Македонија.
Да потсетиме и на уште еден факт. Рушењето на темелите на државниот систем официјално започна со изјавата дадена од Заев веднаш по затворањето на избирачките места на изборите во 2014 година, кога токму Заев го оспори изборниот легитимитет на пратениците избрани од граѓаните во Собранието на РМ, како и оној на претседателот на Републиката. Интересно е што тој тогаш несвесно или свесно го оспори легитимитетот и на пратениците од својата партија, кои според контекстот на дадената изјава, всушност, и не требаше да бидат пратеници од СДСМ во овие изминати две години, но сепак се. Легитимни, нелегитимни тие си ќешираат пратенички плати од по најмалку 1000 евра секој месец, работеле, не работеле, редовно си го товарат „самарот“ од парите на граѓаните, од парите што доаѓаат од мнозинството обични. Од тие обични граѓани што го полнат редовниот буџет за да можат специјалниве да земаат плата. Уште не му текнало на СДСМ да смисли нивен специјален буџет во земјата, иако според даночните обврзници што нив ги следат, тенок би им бил буџетот. Ни до 5-ти во месецот не би им стигнал. А можеби е добро да се размисли за во иднина и ние да го примениме познатото британско правило поврзано со трошењето пари за финансирањето на политичките партии. Британците се раководат според правилото ако политички не те поддржувам, нема зошто и да те плаќам. Истиот принцип треба да важи и за другите институции и органи. Ако не работите за интересите на сите граѓани, зошто граѓаните воопшто да ве плаќаат. Ова правило најдобро ќе легне во однос на специјалнине обвинители кои мака мачат како да си го подигнат угледот меѓу граѓаните, и како да добијат поддршка од нив.
Посебно после изминатиот комичен период кој долго ќе го паметиме сите, кога специјалната г-жа Јанева „блескаше“ на сцената од тукушто добиената голема слава. Периодот кога транспарентно ја обзнани целата специјална стратегија за негирање на легитимитетот на сите носители на политичката власт. „Сите сте нелегитимни, само јас сум легитимна“, тресна и остана жива „славната“ Јанева. Тресењето „зелени“ прерасна во специјална спортска игра на главната на СЈО, и мора да се признае дека силно ни недостасуваат нејзините прес-конференции. Иако по сугестија на специјалниот старател таа е тргната од медиумската сцена, сепак во овие летни горештини добро би ни дошол тој бран на смеа што граѓаните го правеја по секоја прес-конференција. Смеата создаваше специјално бранување на воздухот, што мора да се признае благопријатно ќе се одрази на нашите организми во овој пекол. Вака, при недостаток од бранување, граѓаните се чувствуваат како под вршник. Жежи, не се трпи.
Недостасуваат и театралните изблици на Фатиме, недостасуваат напишаните од друг ферманчиња за „злочинот и казната“ на клетите вмровчиња што со одличен стил и акцент беа читани од Јанева преку нејзините очила со пердувчиња зад увцињата, недостасува насмевката на Ленчето од која може да се прочита среќата дека таа е следната главна специјалка…
И навистина, на волку ќилави специјални единки во системот, ние обичните, треба да се согласиме дека е потребно да им дадеме специјална помош. Само не знам кој од нас, обичниве, никаквиве, би им се нафатил да им даде помош кога веќе на сите ни е јасно дека им нема спас. Ни специјални полицајци, ни специјални судии, ни специјални медиуми, ни специјални чатали, ни специјални мисионери не можат да им помогнат на специјалниве губитници.
Од една, единствена, и многу едноставна причина. Никој со губитници не сака тикви да сади, не па да фаќа посериозна работа…
Пишува: Тања Каракамишева-ЈовановскаЗборот „специјален/о“ е најчесто употребуван, и најчесто слушан збор во македонскиот политички етер. Специјално обвинителство, специјал