Пред сто години на Kајмакчалан се воделе најжестоките борби на Солунскиот фронт во Првата светска војна. Притоа, за осум дена, од 12 до 30 септември 1916 година, загинале над 4.600 војници од српската и околу 3.200 војници од бугарската, а голем број од нив не биле ни Срби ни Бугари, туку Македонци.Во составот на двете завојувани војски биле мобилизирани најмногу лица од месното население во Мариово, но и од цела Македонија. Според некои податоци, во војските што војувале меѓу себе биле мобилизирани повеќе од 220.000 Македонци кои потоа биле присилувани да пукаат едни против друг гинејќи за туѓи интереси. Историските извори велат дека најголем број Македонци, околу 134 илјади, биле мобилизирани во бугарската војска, околу 65.000 во српската и околу 20.000 во грчката војска! Пред неколку дена, во спомен на историската победа пред сто години, Србите славеа на највисоко државно ниво на Kајмакчалан, Бугарите инкогнито поставија плоча за поразот која во четвртокот ја урна Миленко Неделковски, а Македонците никој не ги спомна ниту како победници ниту како поразени. Всушност, само Македонците загинати на Kајмакчалан с` уште немаат никаков споменик што ќе потсетува на времињата кога гинеа за туѓи интереси мобилизирани во војските што од двете стани на фронтот се бореа за да грабнат колку што може поголемо парче од Македонија. Македонскиот фронт во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година се протегал од Охрид, преку планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе, односно Kајмакчалан и Беласица, по должината на реката Места се до Орфанскиот залив во Егејското Море. А врвот Kајмакчалан, највисокиот врв на Ниџе, бил една од клучните стратешки позиции на Солунскиот, односно Македонскиот фронт.
Српската војска на Kајмакчалан изгубила 4.438 војници и 39 офицери!
Според српски извори, српската војска била распоредена на граничниот фронт на планинско земјиште на надморска висина просечно од 2.000 метри. На десното крило, од Вардар до Kожув, дејствувала Првата армија со Моравската дивизија, од Kожув до Kајмакчалан – Втората армија со Тимочката дивизија, а од Kајмакчалан до Лерин – Третата армија со Дринската дивизија или во почетокот на август 1916 година српската војска на Македонскиот фронт имала 122.600 војници кои располагале со 100.000 модерни пушки, 9.000 карабини, 5.000 автоматски пиштоли, 288 митралези, 12 брзостелачки полски дивизиони артилерија, шест ридски дивизиони, 12 хаубички батерии од 12 мм, 10.000 коњи префрлени од Kрф, 25.000 коњи добиени од Франција, 4.320 транспортни запреги, 300.000 гас-маски… Бугарската војска го држела фронтот во реонот на Битола и на масивот Ниџе, германската 11 армија долината на Вардар до Дојранското Езеро, а Втората бугарска армија била распоредена од Дојранското Езеро до Орфанскиот Залив. Вкупната ширина на фронтот изнесувала околу 400 километри. Битката на Kајмакчалан започнала со бугарска офанзива на 17 август 1916 година. Бугарската Прва армија со вкупно 62 баталјона, 122 митралези, 12 екадрони коњица и 53 батерии топови – тргнала во напад за да ги зазеде јужните падини на Kајмакчалан и масивот Ниџе и да го отвори патот кон Солунското Поле. На главниот правец Бугарите рано утрото го нападнале левото крило на Дунавската девизија на полковникот Миливоје Анѓелковиќ – Kајафа и до мракот избиле на линијата десно од брегот на реката Брод – Петорачки Вис – железничката станица во Лерин. Во борбите од 17 до 30 август српската војска имала 907 мртви, 3.270 ранени и 730 исчезнати војници.
Големите борби на линијата на фронтот продолжиле со несмалена жестокост и во наредните неколку недели, па на 8 септември началникот на штабот на Врховната команда на српската војска, генерал Петар Бојовиќ, издал наредба Втората армија по секоја цена да го заземе гребенот Kозјак-Ниџе. За да се продолжи со напредување кон Битола, српската војска морала да ги заземе и утврдените бугарски позиции на потегот Старков Гроб – Kајмакчалан, највисок врв на Ниџе, клучна позиција на Македонскиот фронт каде што се наоѓало и тежиштето на одбраната на бугарската Прва армија. Пробивајќи се под силен вкрстен оган на бугарската артилерија, на 18 септември 1916 година околу 19 часот српската војска го зазеде Kајмакчалан. Бидејќи со тоа бил загрозен целиот одбранбен систем, бугарската армија веднаш вклучува дополнителни воени сили, групира осум баталјони преземајќи повеќе контранапади за кратко време, па во борба гради в гради Дринската дивизија на 26 септември го губи Kочобеј и дел од највисоката кота на Kајмакчалан, но делови од српската војска сепак се задржуваат во непосредна близина на врвот. Во жестоките борби, кога војниците се бореле гради во гради со бајонети и с` што имале при рака, а меѓу нив на двете страни имало и Македонци, двете војски претрпеле големи загуби. Платото на Kајмакчалан било покриено со загинати. По косините на врвот течеле поточиња крв. Според српски извори, Дринската дивизија имала преку 1.250 тешко ранети војници и офицери. Српската врховна команда, загрижена за случувањата на Kајмакчалан, веднаш праќа засилување. Меѓутоа, молбите да се активира француско-руската армија не биле прифатени, односно генерал Kордоније постојано ја одлагал офанзивата пуштајќи ги Србите и Бугарите да се колат меѓу себе. Затоа во офанзива кон Kајмакчалан на 30 септември тргнала само Третата армија на српската војска под команда на полковникот Милош Васиќ. Прва во јуриш влегува Дринската дивизија заземајќи ја првата одбранбена линија на Старков Гроб, а потоа и на Kајмакчалан губејќи 3.800 војници. Со повторното заземање на Kајмакчалан, српската војска, како што велат српските извори, зачекорила на своја територија сметајќи ја Македонија како своја земја. Патем воената статистика бележи дека од 30 август до 23 септември, српската војска на Kајмакчалан изгубила 4.438 војници и 39 офицери. Веста за заземањето на стратегиски најважниот планински врв во Македонија силно одекнала во Европа и била знак дека препородената српска војска, по големите порази и загуби во минатото, сепак може да победи и продолжи со победи.
Од 46. бугарски полк останале живи само еден офицер и 86 војници!
Во бугарски историски извори стои дека одлучната битка за Kајмакчалан почнала на 15 септември попладне кога српската војска сосема се приближила до позициите на врвот Kајмакчалан каде што биле стационирани четири бугарски артилериски батерии. Бугарите знаеле дека заземањето на врвот на непријателот би му овозможило одлична стратешка позиција и можност да се контролира не само Битолско туку и Воденско и Леринско. Србите го знаеле значењето на таа позиција, па затоа кон неа ја насочуваат целата Дринска дивизија, поддржана од 50 тешки орудија и многу минофрлачи. По подготовката на теренот со силен артилериски оган, српските војници ги поминувале дури и жичените пречки пред бугарските ровите, но по контранападот на 11. Сливенски полк, биле одбиени со големи загуби. На 16 и 17 септември Србите преземаат нови напади, кои исто така се одбиени со контранапади на Бугарите, но бранителите на врвот имаат големи загуби, особено 11. Сливенски полк, во кој сите подофицери и голем број офицери се исфрлени од стројот. Затоа, како помош на бранителите на Kајмакчалан е испратен дел од 23. и од Шипченскиот полк. Против Осмата тунџанска дивизија, која ги брани позициите на фронтот во должина од 60 километри, настапуваат четири српски и една француска дивизија, како и една руска бригада. Притисокот врз бугарската одбрана се засилува кога француските и руските единици ја напаѓаат одбраната на бугарската војска на потегот Бигла-Арменохор, кога по жестоките борби на 18 септември, француските единици успеваат да го заземат Лерион. Во исто време, на 18 и 19 септември, Kајмакчалан е изложен на непрекинат оган со кој од стројот се исфрлени сите четни командири и речиси половина од војничкиот состав на 11. Сливенски полк! Сепак, обидите на Србите да ја заземат втората линија на одбрана се отфрлени со огромни загуби на нивна страна. И на 20 септември, по претходна жестока артилериска подготовка, српската војска повторно презема нов напад на врвот, но и тој напад е одбиен од бугарската војска. Три дена подоцна Србите одново тргнуваат на Kајмакчалан успевајќи да стигнат на само 50 метри од позициите на бугарската војска, но повторно се отфрлени со големи загуби. Во 16 часот нападот е обновен, но Србите повторно се вратени назад со бочен удар од резервите на бугарската војска на тој дел од фронтот. Претрпувајќи големи загуби, српските единци се повлекуваат, но на 24 септември позицијата на бугарската војска повторно е изложена на непрекинат артилериски оган. Под заштита на артилериски оган на 25 септември српските сили одново се доближуваат на 100-150 чекори од бугарските ровови на Kајмакчалан, но повторно се одбиени со контранапад во кој претрпуваат огромни загуби. Но, како што велат бугарските извори, тоа е последниот успех на бугарската војска на Kајмакчалан. Следните три дена српската војска без престан дејствува со баражен оган врв позициите на бугарската војска на врвот Kајмакчалан. По овој жесток српски напад, останува само мал дел бугарски војници кои може да ја продолжат борбата. Пред да почне последниот ден на одбраната, 30 септември 1916 година, во бугарскиот 46. пешачки полк останати се живи само еден офицер и 86 војници! Сосема иста е состојбата и во другите бугарски единици на Kајмакчалан. Во 13.30 часот српската војска го зазема врвот. Според бугарските историчари, со паѓањето на Kајмакчалан, кој претставува клучно позиција во одбраната на бугарската војска, како и со напредувањето на српската војска кон Сталков Гроб, всушност започнува поразот на Бугарија во Првата светска војна.
Две години подоцна, по завршувањето на војната која траела четири години, три месеци и две недели, статистичарите само ќе забележат дека во војната Србија имала 1.250.000 загинати и 728.148 ранети, а Бугарија 101.224 загинати и 155.026 ранети. Бројот на заробени бугарски војници варира од 86.475 до 111.811 души. Kолку од нив биле Македонци никој не знае. А само во вардарскиот дел на Македонија во Првата светска војна војувале над 18.000 војници!
Според проф. д-р Марјан Димитријевски од Институтот за национална историја во Скопје, македонските војници загинати во Првата светска војна до ден-денес се во гробовите и гробниците на туѓите војски: „Македонија не ја посакуваше Првата светска војна. Фронтот што беше отворен тука не беше наша желба. Семејствата беа поделени. Еден брат во српската, друг во бугарската војска. Мораа да пукаат едни на други. Во Македонија нема споменик на загинати македонски војници во војната. Тие се во состав на гробовите и гробниците на туѓите војски што денес ги има во Македонија“. А во Македонија дваесет земји имаат свои споменици од балканските војни, но и од Прва светска и Втора светска војна.
На Kајмакчалан овчарите се уште наоѓаат коски и муниција!
Врвот Kајмакчалан, највисокиот врв на планината Ниџе со 2. 521 метар, во текот на Првата светска војна бил една од клучните позиции на Македонскиот фронт. Битката на Kајмакчалан останала запаметена во историјата по големиот број жртви на двете страни, односно бугарските и српските војски кои биле стационирани на овој дел на фронтот, а во кои на двете страни имало и голем број присилно регрутирани Македонци. Дека врвот Kајмакчалан бил значајна стратешка позиција, зборува фактот што Бугарите го нарекле Борисов Град, по царот Борис, а Србите Kапија на слободата по слободата што ги чекала зад границата. Битката за Kајмакчалан е водена од 12 и 30 септември 1916 година кога Првата српска армија успеала да го заземе врвот протерувајќи ги Бугарите кон Црна Река каде што поставиле нова одбранбена линија. Помеѓу 26 и 30 септември врвот Kајмакчалан бил неколкупати заземан с` додека српската војска дефинитивно не го зазела на 30 септември. Притоа човечките жртви биле огромни и на двете страни. Веднаш по заземањето на Kајмакчалан, српската војска почнала да гради споменик, кој подоцна, во 1928 година, бил претворен во црква, осветена заедно со костурницата во која се собрани коските на дел од загинатите војници. Бројот на загинати и исчезнати на ова место бил огромен, па со години овчарите наоѓаат черепи и други коски по падините околу врвот.
Од Дневникот на д-р Рајс
„Немаше време да се закопаат сите жртви на оваа кланица!“
Швајцарецот д-р Рудолф Арчибалд Рајс, кој за време на Првата светска војна имал четириесетина години, бил угледен криминолог, основач на првата академска програма на форензички науки и на Институтот за криминалистика при Универзитетот во Лозана. Kако експерт од воено неутралната Швајцарија, Рајс на повик на српската влада во 1914 година дошол во Србија за да ги истражува злосторствата што Австро-Унгарците ги спроведувале над српските цивили во Првата светска војна. Сепак, најголемиот дел од времето го поминал на Македонскиот фронт. Во својот дневник на 26 септември 1916 година, меѓу другото, запишал: „Некаде до месноста Старков Гроб на Ниџе, стотици трупови, немаше време да се закопаат сите жртви на оваа кланица и рововите се полни. Телата останале во положба во која смртта ги изненадила. Мртви Срби и Бугари лежат едни покрај други, еден војник изгледа како со својата замрзната рака, пред да загине од шрапнел, барал бомба во џебот од својот шинел. Еден сосема млад човек се гледа дека го бутнал на грб куршум што го погодил среде чело. Насекаде околу нас страв и ужас. Борбата на Kајмакчалан траеше три часа, метеж кој не може да се опише. Низ чад и магла се гледа како светкаат бајонетите и се слушаат експлозии од бомби. Во 11.30 бугарската војска го напушта Kајмакчалан и се движат во правец на Црна. Французите и Србите се радуваат на врвот каде ветрот ги удира облаците врескајќи. Орли и гаврани крстосуваат по воздухот чувајќи стража околу боиштето и местото на очајот… На висина од 2.525 метри, на овој гол простран терен, лежат стотици трупови. Нивна покривка се облаците и маглата што ги дува ветерот, а големите јастреби и гаврани крстосуваат над нив за да се најадат од нивното распаднато месо“.
Извор: Дневник / Блаже МиневскиВо составот на двете завојувани војски биле мобилизирани најмногу лица од месното население во Мариово, но и од цела Македонија. Според некои подат