По донесената одлука за кревање на востание на Конгрес свикан од раководството на ТМОРО, бил подготвен и така наречен Општ план за востанието, а територијата се поделила на седум востанички окрузи, од кои шест се македонски и еден е одрински. Со планот се предвидувала целта на востанието, начинот на востанување, односот на востаниците како кон властите, така и кон цивилното население. Востанието се кренало во трите вилаети, а најголем успех дало во II револуционерен округ – Битолскиот вилает (кој бил I востанички округ). Таму, како и во поголемиот дел од Македонија, востаничките акции почнуваат на 20 јули/2 август, на празникот Св. Илија, по што е добиено популарното име Илинденско востание. Успехот лежи во создавањето на Крушевската Република, која иако траела само 10 дена, претставува највисок дострел во револуционерните борби.
Берлинер Тагеблат, Берлин, 14 август 1903 година
„Во меѓувреме трае малата војна во Македонија со различни успеси. Според едно известување од Солун започнале бомбардирања во местото Крушево, кое било силно брането од востаниците. Бунтовниците имале преку 30 топови на располагање, при што борбите биле крвави. Како што знаеме, Сарафов е во Крушево и ја води одбраната. Потоа бунтовниците го освоиле градот Клисура и го развеале знамето. Една подоцнежна изјава од Константинопол јавува дека турските трупи веќе го зазеле Крушево.
Од Белград како што јавува „Дејли меил“, повеќе илјади Албанци се на пат за да ги зајакнат турските трупи при нападот на Крушево. Турците го заклаа целото христијанско население на Крушево. Мухамедините од блиските села го предале своето оружје на Бугарите (Се однесува на членовите на Организацијата и локалното македонско население). Бунтовниците убија многу Власи во Рица, бидејќи им служеле како шпиони на Турците. Албанците ја запалиле Карбуница и го убиле христијанското население.“
Македонија во странскиот печат, главни редактори: д-р Филип Петровски, д-р Теон Џинго, Игор Сотиров, Државен архив на Република Македонија, Скопје, 2016, стр. 303