Најтешко е да се биде вдовица на загинат рудар. Немам пензија, долго време немав здравствени картони, но најтешко ми е што немам пари, а болна сум и ми требаат средства за лекување. Со овие зборови и со голема горчина во срцето ја почнува својата приказна Станка Стаменковска, сопруга на рударот Војо Стаменковски, кој загина во мај лани во трагична несреќа во рудникот „Саса“.Таа и нејзиното семејство се едни од ретките кои во моментов тужат за да докажат дека трагедијата во рудникот била предизвикана поради негрижа на раководството.
– Сметаме дека не станува збор за несреќа при работа, па поднесовме жалба. Не знам до каде е постапката во судот. Примивме обесштетување од рудникот, но претходно шест месеци немав здравствени картони – вели таа.
Се жали дека нема приходи и оти има здравствени проблеми.
-Се уште не можам да го остварам правото на семејна пензија. Требало да имам 50 години, па така ќе морам да живеам и да се снаоѓам уште две години. Болна сум и ми требаат пари за лекување – вели искрено Станка.
Таа живее сама во семејната куќа во селото Саса. Двете ќерки живеат во Италија, а третата во Kочани. Токму тие заедно во минатата година одлучија да го тужат раководството на рудникот „Саса“ откако од обдукцијата било утврдено дека тој с` уште бил жив по несреќата што се случи пред три месеци и умрел од негрижа на надлежните.
Сопругата и ќерката на Стаменковски обвинуваат дека тој, откако бил повреден во јамата длабока 900 метри, барал помош, но таа стигнала дури по еден час. Тука не запреле проблемите. Наместо веднаш да биде однесен во болница, тие чекале друго возило да го однесе до Здравствениот дом во Македонска Kаменица бидејќи во џипот од рудникот снемало гориво. По пат Стаменковски им подлегнал на повредите.
Тврдеа дека записникот од обдукцијата и извештајот од државниот рударски инспектор укажувале на тоа дека Војо загинал од негрижа, а не поради несреќа при работа.
Санкции за рудникот „Саса“
Министерството за труд и социјална политика поднесе кривична пријава и четири прекршочни пријави против фирмата „Руен“ и рудникот „Саса“ по вонредната инспекција извршена еден ден по загинување на рударот Јанче Дојчиновски (31), одржувач на машини во рудникот. Тој загина неделава во несреќа што се случила во јама во рудникот. Влегол во една од јамите на рудникот за да поправи рударски камион, но дел од машината паднал врз него и тешко го повредил. Починал во кочанската болница. Годинава ова е втора рударска несреќа со смртни последици во Саса. На 25 април во една од јамите на најголемиот македонски рудник за олово и цинк загина рударот Даниел Велков. За нешто повеќе од четири години, од јули 2009 досега, имаше осум несреќи, заедно со последната, со исто толку загинати рудари.
Kривичната пријава е за непроменета процена на ризик за работно место, за кое е настаната тешка повреда при работа со фатални последици. Инспекторите поднеле четири барања за поведување прекршочна постапка бидејќи не се е изготвена и не е спроведена изјава за безбедност во писмена форма, не се извршени здравствени прегледи на вработените, не е испитана опремата за работа за безбедно работење, а не се обезбедени обучени лица за давање прва помош во случај на повреда при работа.
– Во никој случај нема да се толерира непочитувањето на законите. Работодавците мора континуирано да преземаат мерки за поголема заштита на работниците и да ги обучуваат. Државниот инспекторат за труд ќе продолжи со редовните надзори, но и со вонредни инспекциски надзори во наредниот период, исто така ќе бидат преземени сите мерки во насока на заштита на здравјето и безбедноста на работниците , како и унапредување на правата на работниците и нивната заштита при работа – изјави министерот Диме Спасов, кој вчера присуствуваше на вонредниот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за труд и државниот технички инспекторат.
Извор: ДневникТаа и нејзиното семејство се едни од ретките кои во моментов тужат за да докажат дека трагедијата во рудникот била предизвикана поради негрижа на р



