Македонија денеска го чествува Илинден, втори Август 1903 и 1944 година. Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Тоа се македонските мечти и соништа за слободна и независна татковина собрани со векови наназад во еден ден симбол – Илинден. Историски датум на кој се поставени темелите на македонската државност, пренесе МИА.Пред 113 години осумстотини востаници го ослободија Крушево, а десет дена подоцна, колку што траеше првата слободна Република, комитските чети, на Мечкин Камен и Слива, со својот живот ја бранеа Крушевската Република чиј прв претседател беше Никола Карев.
Четириесет и една година подоцна, во виорот на Втората светска војна, 115 делегати и осумчлено раководство, кои пристигнуваа во манастирот Св.Прохор Пчињски пробивајќи се низ непријателските фашистички блокади, го одржаа Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија). Заседанието го отворил најстариот делегат и сведок на двата Илиндена, Панко Брашнаров, а претседател на Президиумот на АСНОМ бил Методија Андонов – Ченто. Тие ја институционализираа одлуката на македонскиот народ и етничките заедници да живеат во слободна држава во рамките на тогашната ФНРЈ. Меѓу усвоените документи со државотворно значење е Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларација за основните права на човекот и граѓаните на демократска Македонија.
Освен сознанието дека ова е местото каде што се донесени значајни одлуки за самобитноста на Македонија и на македонскиот народ, денес во манастирскиот комплекс Св.Прохор Пчињски ништо друго не ја навестува историската нишка со Илинденското чествување. Со распадот на СФРЈ и формирањето на независни држави, манастирот како дел од територијата на Република Србија, се стави под владение на Српската православна црква која го оневозможуваше соодветното одбележување на Вториот македонски Илинден во автентичниот историски амбиент. Спомен-собата на заседанието беше испразнета, спомен-плочата беше отстранета, а манастирските порти затворени за наше достојно оддавање признание на АСНОМ.
Чествувањето не застана овде. Од 2004. денот достоинствено се одбележува од другата страна на реката Пчиња во новоизградениот Меморијален центар „Пелинце“ посветен на АСНОМ. Во него се пренесе автентичниот изглед на спомен-собата од манастирот во која се одржа Првото заседание на АСНОМ. Културно-историски и спортско-рекреативен центар подигнат во атарот на истоименото село во општина Старо Нагоричане на само неколку километри од манастирот Св. Прохор Пчињски.
Светец мироточец
Од граничниот премин со Република Србија до манстирскиот комплекс Св. Прохор Пчињски има три километри. Асфалтниот пат води низ живописен шумски предел долж течението на реката Пчиња, еколошки заштитен со уредба на српската влада која го има прогласено за предел на исклучителни одлики „Долина на Пчиња“, па пешачењето е вистинско уживање. Сообраќајот на оваа делница што води низ планинскиот предел на Козјак до Врање и натаму се приклучува на магистралниот пат кон Белград, е со толку мал интензитет, што ништо, освен црцорењето на птиците и жуборењето на Пчиња, не го пореметува прекрасното доживување.
Овој наш празничен ден, како и секој друг, манастирот е потонат во својот духовен мир.
Штом ќе се помине мостот на реката и ќе се влезе во внатрешноста низ главната, една од четирите манастирски порти, на секој чекор е видлива раката и грижата на монашкото сестринство со игуменијата Стефанида.
Централно место има грандиозната црква што го носи името на пустиножителот, Светиот Прохор Пчински. Манастирот е подигнат во 11 век од византискиот цар Роман Диоген 4, а е обновен од српскиот крал Милутин во 14 век. Живописот на црквата е од 1489 година. Црквата, како и манастирскиот комплекс низ вековите биле обновувани и доградувани.
Кон внатрешноста на православниот храм водат масивни дрвени порти до кои се доаѓа откако ќе се искачат 12 широки конусни камени скалила, препознатливи од фотографиите на нашите и српски државници од времето кога македонската делегација беше добредојдена во манастирот и го одбележуваше АСНОМ. Од лево е манастирската трпезарија која во август 1944 година за потребите на одржувањето на Првото заседание на АСНОМ била пртворена во сала за одржување на заседанието. Од неа во 1998 година е отстранета спомен-собата со сите обележја и никој не знае каде е автентичниот инвентар. Неофицијално, биле изгорени. Во моментот кога го посетивме манастирот, доградената зграда со трпезаријата се реновираше.
Она по што манастирот Свети Прохор Пчињски го привлекува интересот на посетителите е фактот дека тука се наоѓаат светите мошти на Прохор. Тие се заѕидани од десната страна на олтарот на најстарата олатрна купола од 11 век. По кажувањето на монахињата, сестра Даница, во малото ковчеже во олтарот пред кого се поклонуваат верниците и се држат молитви за здравје, изложена е само една честица од моштите на пустиножителот Прохор. Од страв да не се разнебити, неговото тело кое било најдено во пештера на Козјак планина каде што се подвизувал, нераспаднато, веднаш е соѕидано во олтарот уште кога се градела црквата. Бидејќи постојано мироточело, по кажувањето на монахињата, во процеп од ѕидот е оставен отвор од кој се гледа како тече светото миро. Неговата десна рака, вели таа, според преданијата ја има земено лично царот Роман Диоген 4 и ја има однесено во Истанбул.
Вниманието на секој посетител го привлекува и необичната карпа, дело на природата, чиј обли ја отсликува Богородица. Таа се извишува високо над патот и во својата габаритност воочлива е од манастирскиот двор. Секако тука е и изворот со вода на Прохор Пчињски за кој се верува дека има лековити својства.
Испосничко претсказание
Житието вели дека Свети Прохор Пчињски потекнувал од некое село од Овчеполието. Родителите, татко му Јован и мајка му Ана биле чесни и побожни луѓе кои долго немале деца. По многу години молитви Бог ги дарувал со машка рожба. Му се радувале и го воспитувале во христијански дух, а кога пораснал сакале да го оженат, да формира семејство и да го наследи имотот. Но, Прохор сакал да му се посвети на Бога и така било. Во планината започнал испоснички живот. Најпрвин живеел во една пештера во близината на селото Старо Нагоричане, Кумановско. Се хранел со зелје и корења од трева, живеел во пост и молитви, зиме на мраз, лете во пот. На тоа место без да види човек, а дружејќи се само со дивите ѕверови минал 32 години.
Токму тука имал средба и со Роман Диоген 4, на кого му ја претскажал иднината, дека ќе биде цар на Византија. Според житието еднаш кога Диоген бил на лов во овој крај бркал една срна. Срната дошла пред пештерата и легнала пред нозете на светецот. Потоа по неа дошол и Диоген кој се исплашил од глетката и се засрамил од старецот, поради што почнал да бега од местото. Старецот го повикал по име: „Диогене, немој да бегаш, но врати се, и јас сум човек“. А кога се вратил кај старецот барајќи прошка и благослов овој му рекол: „Диогене, речено е да одиш во Цариград и да бидеш цар, но кога ќе дојдеш на престолот спомени ме мене, старецот, поради пророштвото што ти го изреков“.
Диоген навистина станал цар на Византија во периодот 1067-1071 година, и тогаш го заборавил светиот Прохор. Овој пак монашкиот живот го продолжил во планината Козјак во една пештера во близината на реката Пчиња, каде што и умрел на 14-тиот ден од месецот октомври, а неговото тело долго не се распаднало.
Царот Роман Диоген навистина заборавил на светиот старец, но еднаш тој му се јавил во сонот и му рекол: „Ја заборави твојата облека и мене старецот“. Тогаш тој тргнал да го бара на местото каде што ја имал чудната средба со него и со срната. А кога не го нашол, за спомен изградил убава трокорабна црква што и денес ги восхитува случајните и намерните посетители на селото Старо Нагоричане, Свети Ѓорѓија. А кога сакал да се врати во Цариград пак во сонот му се јавил светецот и му рекол дека ако го бара ќе го најде во планината. Царот со придружбата тргнале низ планината и на едно место виделе како бел орел излегува од една пештера. Во таа пештера го нашле телото на светецот уште нераспаднато. Царот и придружбата се поклониле пред светите мошти, и ги понесле кон реката со намера да ги положат во манастирот посветен на неговиот спомен. На едно место ковчегот со светите мошти застанал и не можеле да го помрднат, а светецот му се „јавил“ и рекол: „Нема да ме однесеш оттука“. Така царот Диоген го гради манастирот Свети Прохор Пчињски како негово вечно почивалиште кој и денес ја раскажува приказната за пустиножителот Прохор Пчињски што кај верниците предизвикува восхит и почит.Пред 113 години осумстотини востаници го ослободија Крушево, а десет дена подоцна, колку што траеше првата слободна Република, комитските чети, на