Дали некој од обвинетите во случаите што ги води специјалното обвинителство, односно Kатица Јанева, смее да побара нејзино изземање од случајот како што тоа го направи лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред некој ден кога побара да се изземе обвинителот од случајот „Поткуп“? Одговорот е „не“ оти во законот за ова јавно обвинителство не е воопшто предвидена ваква ситуација, анализира ДНЕВНИК.– Дури и некој да побара изземање на Kатица Јанева, во законот со кој е регулирана работата на специјалното јавно обвинителство постои правна празнина оти не е предвиден механизам за ваквата ситуација – вели Љупчо Шврговски, поранешниот државен обвинител, за „Дневник“. Законот за СЈО упатува дека во сите ситуации кои не се опфатени со него се применуваат одредбите на другите закони, како, на пример, Законот за кривичната постапка, но, како што пишувавме вчера, тоа во овој случај е неизводливо бидејќи не е предвидено дека постои повисок јавен обвинител над Kатица Јанева кој би одлучувал по евентуално барање за нејзино изземање. Тоа, пак, ги доведува во прашање правата на обвинетите бидејќи ова ја загрозува нивната положба.
Се обидовме да добиеме став и од други ексобвинители кои инсистираа на анонимност, но и покрај тоа што се сложија со констатацијата со колегата Шврговски, нагласија дека ова е уште еден доказ дека законот за СЈО е хибридно решение со кое се урива постојниот правен систем во земјата.
– Овој закон во ваква ситуација за каква што зборувате нуди хермафродитско решение, односно ни маж ни жена, па кога не се предвидени правни решенија, тогаш настапуваат на сцена волунтаризмот и арбитрарноста оти секој ќе го толкува како што сака. Но, тоа е глупоста што произлезе од овој закон – велат нашите соговорници.
Универзитетскиот професор Стефан Буџаковски, чија специјалност е кривичното право, нагласува дека уште поголем проблем е фактот што не може да се интервенира во измена и дополнување на Законот за СЈО.
– Замислете токму сега кога немаме Собрание и нема како да спроведе интервенција во Законот за СЈО, а да се појави токму ваква ситуација – обвинет да побара изземање на специјалната обвинителка? Тоа е закон и производ на политички договор, друга работа е начинот на кој се создаде набрзина препишан или напишан во Пржино. Доколку се појави ваква ситуација, се повикуваме на важечкото, позитивното право а во него има правен вакуум, односно не постои одредба – објаснува Буџаковски.
Поради оваа недореченост, вели професорот, Законот за СЈО го крши Законот за кривичната постапка, кој треба да обезбеди заштита на правата на обвинетиот.
– Тој има и други недоречености и недоследности поради што Уставниот суд со право треба да го прогласи за неуставна категорија, а со тоа и самото СЈО – нагласува Буџаковски.
Инаку, во Законот за кривичната постапка е јасно дефинирано дека за барањето за изземање обвинител одлучува јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство. Доколку изземањето се однесува на раководниот јавен обвинител, по тоа барање одлучува повисока обвинителска инстанција.
Во случајот со СЈО, законот упатува на Законот за кривичната постапка, кој го предвидува претходно кажаното, а бидејќи повисок орган од Kатица Јанева во СЈО нема, обвинетиот ќе си остане со куси ракави, односно ќе му биде повредено правото да бара нејзино изземање.– Дури и некој да побара изземање на Kатица Јанева, во законот со кој е регулирана работата на специјалното јавно обвинителство постои правна