АМБАСАДОРИ И ПРЕПОРАKИДеновиве во Македонија е активна дебатата за новите правила за известување во медиумите во текот на изборите. Тие доаѓаат како резултат на дискусиите меѓу главните политички партии во Македонија со неизбежната вмешаност на меѓународната заедница преку своите амбасадори во Македонија, поточно амбасадорите на САД, Велика Британија и на Европската Унија. Имав доволно време да ги разгледам овие нови препораки и многу од нив се многу проблематични, поточно орвелски, со голем број неспроведливи и апсурдни мерки. Но неспроведливото и апсурдното се суштински дел од она што претставува политичката левица потпомогната и поттикната од споменатите амбасадори и нивните претпочитани политики изразени преку нивните светогледи.
Меѓу најнечуените мерки се „бисерите“ како „критериумите за квалитет“. Тие ги вклучуваат чудата како овие: „Манипулативната употреба на филмови, слики и звуци. Се однесува на конзистентното користење агол на снимање со кој толпата луѓе присутни на собирите на одделни партии или кандидати се прикажува да изгледа поголема или помала отколку што е реално“ и „сатиричните, патриотските или оптимистичните тонови во извештаите, користењето манипулативни тонови на гласот или сарказам од страна на новинарите или презентерите“. Во практична смисла ова значи дека новото Ад хок-тело за мониторирање на медиумите мора да ја процени работата на камерманите или да просуди за тонот на гласот на презентерот, што се потполно субјективни критериуми.
Потоа, тука е проблемот со „рамката во која се информира за релевантниот субјект“. И повторно субјективност: „Рамката ја претставува вредноста на новинарскиот прилог во кој се известува за субјектот односно контекстот на известувањето. Ова не е поврзано со вистинитоста на известувањето туку со светлината што ја фрла врз субјектот. Постојаното известување за еден политички субјект во проблематичен контекст (како настани со насилства, обвинувања за корупција, кривична одговорност итн.) во текот на изборната кампања може да укажува на намера субјектот да ~ се претстави на јавноста во негативен контекст. Ова практично значи дека ако еден политичар биде фатен во скандал и медиумите доследно и вистинито известуваат на таа тема, тие медиуми сепак може да бидат казнети бидејќи е тоа проблематично за политичарот.
Човек не може да донесе објективна одлука за вакви нешта и ви гарантирам дека вакви мерки не постојат во САД, Велика Британија и во повеќето, барем колку што знам јас, земји членки на ЕУ. Ова ме води до улогата што овие амбасадори ја имале во составувањето на овие правила и препораки и нивната поширока улога во Македонија. Сигурен сум дека сите тие постојано искажуваат љубов кон Македонија, нејзиниот народ и нејзината убавина. И да бидам фер, повеќето од нив веројатно сакаат многу работи во Македонија, вклучувајќи и определени личности со кои се дружат, особено кога не се официјално на должност. Па сепак повеќето од нив, ако не и сите, немаат вистинска љубов кон Македонија. Ним не им е многу грижа, кога сме веќе кај тоа, за иднината на Македонија. Тие се грижат само за својата иднина, својата кариера, својата следна работна позиција. И повторно, да бидам фер, тоа е смислата на нивниот живот: напредок во кариерата. Ова не е осудување, само едноставен факт. А тоа напредување зависи од тоа тие да сторат се што можат додека се во Македонија за да помогнат во „одржувањето на мирот“- што и да е потребно, дури и ако тоа значи поддржување апсурдни и орвелски правила за медиумско известување.
Се разбира, она што тие навистина го сакаат е фундаментална трансформација на начинот на размислување на македонскиот народ во нивниот начин на размислување и светоглед: прогресивниот, левичарски светоглед што го презира традиционалното семејство, светоглед што сака да го реконструира традиционалното семејство- основниот градежен блок на општеството низ целата историја- во нешто сосем поинакво, со тоа менувајќи ги темелите на македонското општество. А тоа е само почетокот. За да го постигнат ова, тие се обидуваат да им го натурат својот светоглед на народот и на политичарите во Македонија преку активностите како поддржување на апсурдните и орвелски медиумски правила за известување, меѓу другото. Потоа наведуваат и поддржуваат еден куп локални невладини организации кои го прават истото, поддржувајќи ги со парите од даночните обврзници во нивните земји.
Оваа поента ќе ја докажам сега и тука. Во мај пишував за еден самонаречен „левичар“, Бранимир Јовановиќ, кој на блог пишуваше што е крајната цел на нивното протестно движење. Со изненадувачка искреност тој директно кажува дека „зборот ’револуција’, од друга страна. Може да се интерпретира не како насилна промена на власта или на општествениот поредок, туку како револуција на свеста. Ние не се бориме да го собориме Груевски или власта на ВМРО со насилни средства. Ние се бориме да го отфрлиме апсолутизмот како начин на владеење. За да го постигнеме тоа, нема да биде доволно да ги смениме Груевски или ВМРО. За да го постигнеме ова, ќе биде потребна промена во начинот на размислување меѓу другите партии и меѓу граѓаните во целина.“
На крајот од краиштата, голем дел од времето за оваа колумна го минувам во пишување за политиките и позициите, не за политичарите и политичките партии. Пишувам за идеите, верувањата и за разликите меѓу тие идеи, вредности и верувања на политичката левица и на десницата и за тоа што ќе значи за Македонија, од практична гледна точка, ако ги прифати тие идеи, вредности и верувања. Знам дека повеќето Македонци- од сите етнички групи- се традиционално конзервативни, што значи дека ги вреднуваат традиционалното семејство, слободната пазарна економија, поединецот и животот на неродените деца, меѓу другото. Македонија се соочува со избори на 11 декември. Во периодот дотогаш повремено ќе пишувам за политиките и позициите, а потоа, на 11 декември, ќе видиме кој светоглед го поддржуваат мнозинството Македонци.
(Забелешка на авторот: Ги следам вестите за земјотресите и постојано сте ми во мислите и во молитвите.)
Пишува: Џејсон Мико за Дневник
(Авторот е менаџер за односи со јавноста од Аризона (САД), и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во Југоисточна Европа)Деновиве во Македонија е активна дебатата за новите правила за известување во мед