За дејноста на Тодор Александров досега многупати е пишувано. Нема сомнение дека тоj се залагал за обединета и самостојна Македонија, иако во однос на Македонската национална посебност давал контроверзни изјави (што може да биде предмет на дополнителна анализа).Она што меѓутоа е неспорно, е фактот дека Тодор Александров беше најоцрнуван токму за време на југословенското комунистичко едноумие, кога без малку беше забрането и името да му се спомне. И денес, оние кои по секоја цена ги истакнуваат само неговите негативни карактеристики, всушност се под влијание на она што го дознале за Александаров за време на југословеснкото комунистичко едноумие.
Поради сето ова, изгледа крајно неверојатно сознанието дека југословенските комунисти отпрвин имале позитивен став кон дејноста на Тодор Александров! Колку и да звучи неверојатно тврдењето што е застапено во овој наслов – тоа е вистинито и за него постои пишан документ (објавен во книгата од Димитар Галев:
Белиот терор во југоисточна Македонија 1910 – 1941, во издание на ДНУШ, 1991 год. том втори).
Имено, се работи за сведоштвото од штипскиот ВМРО-вец Јордан Нанев Анчев, кој бил член и четник на ВМРО на Тодор Александров. По расцепот во ВМРО што настанал по смртта на Александров, Јордан се вратил во кралска Југославија каде бил уапсен и осуден на дваесетгодишна робија, што ја лежел од 1924 до 1941 година. Во затворот се спријателил и соработувал со многу политички затвореници, меѓу кои имало хрватски националисти, но и комунисти. Меѓу комунистите со коизаедно лежел биле и: Бане Андреев, Никола Танов, Миле Салтиров Спасов, Мартин Шимиќ (подоцна полковник во ЈНА) и Јован Веселинов – подоцнежен висок комунистички функционер – секретар на ЦК на СК на Србија! Во 1964 година Јордан Нанев Анчев поднел молба до новата југословенска власт да му се утврди посебен стаж за времето поминато во затворот од 1924 до 1941 година како (цитирам дел од молбата): „Македонски националист, централист и припадник на групата на Тодор Александров“. Како поткрепа на молбата, тој побарал и добил изјави од своите затворенички другари, меѓу кои добил изјава и лично од тогашниот секретар на ЦК на СК на Србија, Јован Веселинов, кој меѓу другото, напишал:
„Другарот Јордан Нанев Анчев го запознав во казнениот завод во Сремска Митровица во 1931 година. Тогаш тој беше член на колективот на политичките осуденици, учествуваше во сите акции кои ги организираа комунистите – робијаши: штрајкови со глад, демонстрации и слично. За целото тоа време храбро се држеше. (…) После штрајкот со глад во 1933 година… Анчев е одвоен од затворениците и е испратен во самица. Во Митровица беше се до 1938 година, а потоа е префрлен во Зеница.
Познато ми е дека Анчев во 1924 година, како Македонски националист, централист, припадник на групата на Тодор Александров, е осуден на 20 годишна робија.“
Јован Веселинов
Сведоштво дека Јордан Нанев Анчев, како четник на Тодор Александров, бил затворен како „Македонски националист“, дал и полковникотот на ЈНА во пензија, Мартин Шимиќ. Во својата пишана изјава во врска со затворскиот стаж на Анчев, која ја поднел на 05.06.1964 година, помеѓу другото, полковникот на ЈНА Шимиќ, напишал:
„Познато ми е дека другарот Јордан Нанев Анчев бил осуден според Законот за заштита на државата на 20 години робија… Иако другарот Анчев бил осуден како Македонски националист, под влијание на комунистите во казнениот дом во Сремска Митровица заедно со нас учествуваше во целиот живот и борба на политичките затвореници.“
Значи, еве уште едно фрапантно сведоштво за Тодор Александров како за Македонски, а не како за бугарски деец. Гледаме дека, дури и високи политичари од самиот врв на Србија во времето на комунизмот го признавале Тодор Александров како централист и Македонски (а не бугарски) националист.
Меѓутоа подоцна, почна засилен процес на крајно негативно прикажување на дејноста на Александров, веројатно затоа што не бил на страната на левите сили (комунистите).
Како интересен податок ќе спомнеме и дека, познатиот Македонски револуционер Димитар Влахов (чие име денес го носат голем број институции во Македонија), цели единаесет години бил најблизок соработник на Тодор Александров и му служел како неформален претставник за надворешни работи на ВМРО.
Тодор Александров непосредно бил и во кумство со Гоце Делчев и со Даме Груев. Имено, Гоце Делчев бил кум, а Даме Груев старосват на свадбата на сестрата на Тодор Александров со нејзиниот сопруг Константин Ципушев.
Во прилог на сето ова, ќе приложам и едно досега необјавено сведоштво. На 01.10.1995, направив разговор со дедо Мише Лочето од Штип, кој тогаш беше на возраст од 95 години (а денес е покоен). Овој разговор го снимив на камкордер. Еве што, помеѓу другото, изјави дедо Мише во врска со Тодор Александров (со нужни лекторски корекции, з. м.):
„Тодор Александров живееше во нашето соседство, близу нашата куќа. Се сеќавам како дете, кога Турците им ја изгореа куќата. Неговите сестри скокаа низ прозорците за да се спасат. Подоцна го видов кога дојде во Штип, а како војник во бугарската војска за време на Првата светска војна го видов и во Софија, каде одржа говор пред Македонските војници.“
Моето прашање: Дали, според негово мислење, Тодор Александров се борел за Македонија или за Бугарија, дедо Мише возбудено реагираше и децидно одговори:
„Тодор Александров се бореше за Македонија, а не за Бугарија! Меѓутоа, подоцна овие го прогласија дека се борел за Бугарија, но тој беше за самостојна Македонија, поради што и беше убиен од Бугарите!“
Гледаме дека Македонските историчари – комунисти (од дедо Мише наречени како: овие)останаа неприкосновени во своите, до апсурд доведени, тенденциозности кога е во прашање овој Македонски револуционер. Врв на ваквата тенденциозност е една книга од средината на шеесеттите години на ХХ век, во која Тодор Александров, со цел да се оцрни што е можно повеќе, верувале или не, е означен како „фашист“ за дејства што ги направил на почетокот на дваесеттите години, иако е познато дека фашизмот тогаш одвај дали постоел!