Изминативе недела дена, сите бевме сведоци на срамен обид од страна на некои од членовите на државната изборна комисија да ја оспорат и фалсификуваат волјата на мнозинството граѓани која беше јасно изразена на мирни, фер и демократски избори кои минаа без ниту еден инцидент.Интегрален текст од прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ на која се обрати Никола Тодоров
Изминативе недела дена, целата македонска јавност беше сведок на непрофесионалното однесување на одредени членови на ДИК кои се впуштија во постизборен инженеринг со тоа што прифатија скандалозен и неоснован приговор на политичката партија Беса, за едно избирачко место во Гостивар.
ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе тужба против ова решение на ДИК која сама по себе е невиден преседан. Тужбата на ВМРО-ДПМНЕ е поднесена врз три правни основи:
1. Повреди од формално-правен аспект на одредбите од Изборниот законик, и подзаконските акти,
2. Погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и
3. Погрешна примена на материјалното право.
Од формален аспект побиваната одлука на ДИК е незаконска од следниве причини:
1. Видно од доставениот приговор усвоен од страна на ДИК е дека истиот е поднесен без потпис од страна на овластениот претставник на подносителот на приговорот, со што се повредува член 147 став 3 точка 2 од Изборниот законик. Иако дел од членовите на ДИК укажаа на овој пропуст и инсистираа приговорот да биде отфрлен поради процедурални причини или процедурални недостатоци, ДИК спротивно на член 147 став 3 точка 2 од Изборниот законик и спротивно на Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори истиот не го отфрли. Почитувани претставници на медиумите, и само овој основ да беше е доволен Управниот суд да ја отфрли, да ја прифати тужбата на ВМРО-ДПМНЕ и да донесе решение со кое што ова решение, оваа одлука на ДИК ќе се стави вон сила.
2. Одлуката е донесена спротивно на член 148 став 3 од Изборниот законик, бидејќи истата е донесена по истекот на рокот од 48 часа утврден во овој член. Согласно овој член ДИК е ДОЛЖНА во рок од 48 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Од цитираната одредба неспорно може да се утврди дека овој рок е преклузивен, што значи дека ДИК не може да постапува и да одлучува по истекот на овој рок.
3. При донесување на утуженото Решение, во постапката за разгледување и одлучување по приговорите од страна на Државната изборна комисија сторени се исто така повеќе процесни повреди на одредбите од Изборниот законик и Правилникот за начинот и постапката за решавање по приговори. Имено, во постапката за разгледување на приговорот од страна на ДИК е изведен како доказ сослушување на сведок, поточно сослушување на лицето Фатиме Сулејмани од Гостивар, за што од страна на ДИК не беше воопшто, ниту дискутирано, ниту пак е донесена одлука за изведување на овој доказ согласно со одредбите од Изборниот законик и Правилникот за начинот и постапката за решавање по приговори.
Овој сведок беше донесен внимавајте, од страна на овластениот претставник на коалицијата предводена од СДСМ, иако приговорот е поднесен од овластениот претставник на Политичката партија БЕСА или Движење БЕСА, кој не беше воопшто присутен во салата каде што се одржуваше седницата. Од страна на дел од членовите на ДИК беше укажано дека за изведување на овој доказ не е донесена формална одлука од Државната изборна комисија и дека не треба да се дозволи сослушување на наведеното лице, сепак, претседателот на ДИК спротивно на закон и подзаконските прописи дозволи нејзино сослушување.
На овој начин ДИК постапи спротивно на член 35 од правилникот каде е предвидено дека можат да одлучат да сослушаат на јавна седница подносител на приговор, тоа значи дека имал обврска да донесат таква одлука, а ваква одлука не е донесена.
4. Понатаму, во постапката за разгледување и одлучување по приговори ДИК донесе одлука да се изведе како доказ графолошко вештачење на потпис на овој сведок, без притоа да биде издадена наредба за вештачење, и без претходно да се определи начинот на кој ќе биде извршено ова вештачење. Оттука, вештиот наод и мислење на вештото лице дадено во постапката и изведено како доказ во постапката на ДИК е во целост спорно од формален но и од материјален аспект, но и по однос на резултатите од истиот. Дополнително, вештото лице, согласно член 5 од Законот за вештачење, воопшто не било законски овластено да врши вакво вештачење.
Имено, Законот таксативно предвидува дека вештачење можат да вршат само: високообразовна установа, научна установа и стручна установа, трговец поединец-вештак основан согласно ЗТД кој има вработено најмалку едно лице со лиценца за вештачење и трговско друштво регистрирано согласно ЗТД кое има вработено најмалку две лица со лиценци. Лицето кое што го извршило графолошкото вештачење не спаѓа во ниту една од овие категории коишто се утврдени во Законот. Лицето кое го извршило графолошкото вештачење е вработено во АД МЕПСО Скопје.
Понатаму, самото графолошко вештачење беше извршено во раните утрински часови, без присуство на овластени претставници на политичките партии кои имаат правен интерес да присуствуваат на изведувањето на овој доказ, што создава сомнеж како во однос на околностите под кои е извршено вештачењето, така и во однос на начинот на кое што истотот е извршено.
5. Во текот на постапката за разгледување и одлучување по приговорот кој е усвоен од страна на ДИК како доказ беше изведено и сослушување во својство на сведоци на членовите на избирачкиот одбор од сега спорното избирачко место. Во текот на сослушувањето, сите членови на одборот и претседателот на ОИК, без исклучок, потврдија дека во текот на денот на ова избирачко место во претпладневните часови гласањето се одвивало без никакви нерегуларности што може да се утврди и од записникот за гласање и сумирање и утврдување на резултатите. Од нивниот исказ јасно може да се утврди дека во попладневните часови кога на гласачкото место се јавила гласачката Фатиме Сулејмани, врз основа на проверка со УВ ламба од страна на член на избирачкиот одбор, констатирано било дека ова лице веќе го имало остварено своето избирачко право, бидејќи на палецот на десната рака имала траги од заштитниот спреј со кој задолжително се прска секој гласач.
При ваквата констатација, која произлегува од сослушувањето на членовите на избирачкиот одбор на ова гласачко место, јасно се поставува прашањето дали ова лице Фатиме Сулејмани веќе гласала на ова избирачко место, и го остварила своето гласачко право, како што тврди избирачкиот одбор како надлежен орган за спроведување на гласањето на конкретното избирачко место. Дотолку повеќе што овој доказ е во директна спротивност со претходно наведениот вешт наод и мислење изведен во текот на постапката, што несомнено наведува дека ДИК погрешно постапила кога поклонила верба само на вештиот наод и мислење, додека воопшто не им поклонила верба на исказите на членовите на избирачкиот одбор на ова избирачко место во својство на сведоци, како надлежен орган за спроведување на изборите согласно член 17 од Изборниот законик.
6. Согласно член 149 став 1 од Изборниот законик секој избирач на кого му е повредено личното избирачко право во постапката на спроведување на гласањето може да поднесе приговор во рок од 24 часа. Ова е многу значајно. Дури и во случај лицето Фатиме Сулејмани да не можела да го оствари гласачко право на начин како што тврдеше пред ДИК, во тој случај ова лице можело и требало да поднесе приговор за заштита на личното избирачко право веднаш откако истата констатирала дека не и е овозможено да гласа. Во тој случај ДИК, без одлагање ќе требаше да одлучи по приговорот на ова лице и на истата доколку има услови, ќе и овозможеше да гласа.
Со тужбата му укажуваме и на судот дека во постапката за заштита на избирачкото право во досегашната пракса имало вакви случаи кога по приговор на избирач за заштита на личното избирачко право, по интервенција на ДИК, на таквите избирачи им било овозможено да го остварат своето право на глас во текот на денот определен за гласање. Ова толкување наоѓа примена и е востановено во судската пракса на Управниот суд кој има одлучено дека доколку правниот лек од член 149 од Изборниот законик не бил искористен, како што е тоа случај во овој конкретен случај, подносителот на приговорот не може да бара поништување на гласањето на целото избирачко место, ниту пак да ги оспорува резултатите на избирачкото место.
7. Со членот 151 законодавецот инкриминирал гласање од страна на едно или повеќе лица кој/кои гласале за други (повеќе) лица. Од оваа одредба јасно произлегува дека за да постои основ за поништување на гласањето во избирачкото место, потребно е да било злоупотребено гласачкото право на повеќе лица од страна на едно или повеќе лица, а во конкретниот случај се работи за наводна злоупотреба на гласачкото право на само едно лице што не претставува основ за поништување на гласањето на целото избирачко место.
Суштинска повреда на изборниот процес согласно член 151 став 1 алинеја 6 од Изборниот законик може да претставува само злоупотребата на гласачките права на повеќе лица кои би ги довеле изборните резултати за конкретното избирачко место под сомнение. Ова особено ако се имаат во предвид исказите на сите членови на избирачкиот одбор дека гласањето на тоа избирачко место било спроведено без никакви неправилности, и дека тој глас нема влијание врз промена на изборните резултати.
Во прилог на тужбата до Управниот суд поднесени се докази за сите овие наводи кои што ги објавив на оваа прес конференција. ВМРО-ДПМНЕ затоа апелираше и апелира да нема никаков притисок врз Управниот суд кој мора да одлучува исклучиво согласно законите. Секое поинакво постапување ќе значи фалсификување и крадење на волјата на мнозинството граѓани изразена на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември.
Искрено се надевам и верувам дека управниот суд, судиите на управниот суд ќе одлучат да ја корегираат оваа незаконска одлука на ДИК и да не дозволат 7 невини луѓе да завршат во затвор заради незаконска одлука на ДИК.Интегрален текст од прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ на која се обрати Никола Тодоров
Изминативе недела дена, целата маке