Туѓината пуста да остане!

Сестра ми после три недели поминати во Македонија, утре се враќа за Прага..Веќе 8 години е излезена од земјава. Има добра работа таму. Има супер живот. Работи на исполнување на своите соништа и се бори. Горд сум на неа. Но во исто време и тажен. Срцево ме боли.
Во Прага ги нема мајка ми и татко ми. Во Прага не сум ни јас ниту мојата тригодишна ќерка која последниве три недели се будеше со една мисла- сакам да одам кај тета Нене. Што ќе и кажам од утре? Тета Нене е во Прага. Тета Нене таму живее и има супер живот. Можеби и ние ќе одиме во Прага летово да ја видиме. Исто како лани што бевме.
Се сеќавам минатото лето кога тргнавме на пат за Прага на секое застанување за одмор, ќерка ми со најубавата насмевка на лицето не прашуваше, тука живее тета Нене? А ние среќни дека наскоро ќе ја видиме сестра ми и одговаравме, уште малку. Уште малку ќе стигнеме таму каде што живее тета Нене. Сестра ми не е првиот член од нашата фамилија што решил да ја наушти нашата земја и да ја бара среќата на некое друго место.
Дедо ми уште во 70тите заминал во Швајцарија за да создаде нешто за неговото семејство. По него заминале и моите двајца вујковци. Во 90тите кога Југославија се распадна, за Швајцарија замина и татко ми. Една деценија подоцна и јас си отидов а неколку години после мене и сестра ми ја продолжи семејната традиција.
Не можам да замисам колку и било тешко овие три децении на мајка ми. Прво го испратила татко и во туѓина, па браќата, па сопругот и на крај двете деца. Не можам да замислам колку солзи исплакала по аеродромите. Најпрво радувајќи се за нашето доаѓање а потоа плачејќи за нашето заминување. Сигурен сум дека се радувала за нашите успеси но во исто време знам дека душата ја боли што ја немала можноста да сподели случки од секојдневието со луѓето што најмногу ги сака.

Се сеќавам прв пат кога го испраќавме татко ми за Швајцарија. Како секое дете се радував бидејќи татко ми ќе ми донесе подароци кога ќе се врати. Се радував што ми купуваше нинтендо, најновите патики и фармерки. Но само по една година сфатив дека не сакам веќе поклони. Сакам татко ми да ме однесе во школо. Сакам да ја имам можноста да му кажам дека го сакам. Сакав да ја имам можноста да се скарам со него. Но ја немав.
Tогаш го обвинував што реши да оди во Швајцарија. Но сега знам поинаку. Да не отидеше таму никогаш немаше ние да го имаме животот што денес го имаме. Вистината е дека имавме се што ќе посакаме. Но вистината е дека и никој не може да ги врати осумте години исполнети со самотија. Осум години исполнети со болни испраќања. Ниеден подарок не може да ја надополни болката што ја чувствував кога првиот ден во училиште татко ми не беше покрај мене. Знам дека отиде да се бори за нас но потајно во мене се прашувам што ќе беше ако останеше тука. Никогаш нема да дознаам.
Она што го дознав е болното чувство на разделба. Чувството кога се будиш сабајле и сфаќаш дека за неколку часа леташ со авион, назад во туѓина. Си бил дома три недели и одеднаш те фаќа паника дека не си поминал доволно време со твоите. Дека имаш уште толку многу работи да им кажеш но едноставно времето те гази. Посакуваш да го стопираш времето и бар уште неколку саати да поминеш со нив. Уште еднаш бар да ја имате можноста за семеен ручек. Уште еднаш да се насмеете. Но ја немаш таа можноста. Полека ги пакуваш куферите и несвесно солзите сами почнуваат да течат. Едноставно не можеш да ја скриеш болката. Знаеш дека за неколку часа ќе бидеш далеку од сите оние кои најмногу ги сакаш.

Ја сфаќам мајка ми која никогаш не сакаше да дојде на аеродром да не испрати. Ни мене ниту сестра ми. Болката за неа беше и сеуште е преголема. Три децении испраќа фамилија по аеродроми. Знам дека утре ќе сака да биде сама. Знам дека утре ќе спие во собата на сестра ми бидејќи така ќе мисли дека е поблиску до неа. Не е лесно да се испраќа свое чедо далеку негде. Сите сме среќни за нејзиниот успех но себично сакаме да биде секогаш до нас.
Да, во денешно време постои Скајп. Постои вајбер. Но некогаш сите овие технологии само уште повеќе ја зголемуваат болката во душата. Преку скајп можам да и кажам на сестра ми дека ја сакам но не можам силно да ја прегрнам за таа навистина да ја почуствува мојата љубов. Имам само неколку дена во годината да го направам тоа.
И утре ќе ја прегрнам и иако сум вол од 30 години ќе плачам како дете. Ќе плачам бидејќи таа проклета туѓина повторна ми ја зема мојата сестричка. Ќе плачам бидејќи знам како ќе и биде. Ќе и биде проклето тешко. Ни таа нема да ги сокрие солзите. Едноставно тагата е преголема. Нема потреба веќе од глумење. Сите знаеме дека е тешко.
Ах туѓино, ни донесе толку многу работи во животот но те мразам бидејќи не раздели. Те мразам бидејќи ни ја одзеде можноста да бидеме сите на куп. Те мразам бидејќи ќерка ми ја нема можноста да ја види тетка и кога сака. Те мразам што поради тебе мајка ми плаче веќе три децении. Те мразам бидејќи толку многу ни даваш но и толку многу ни земаш.
Среќен пат сестро. До нашето следно видување, биди среќна во туѓината!
Коста ПетровВеќе 8 години е излезена од земјава. Има добра работа таму. Има супер живот. Работи на исполнување на своите соништа и се бори. Горд сум на неа. Но

Пронајдете не на следниве мрежи: