Бачев и Петровски им пишаа на Ердоган и Орбан: Помогнете да ја спречиме марионетската власт во Скопје да избрише се што е македонско

Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев и кандидатот за претседател од „Македонија-Блокира„ на претстојните избори Филип Петровски денеска преку амбасадорите на Турција и Унгарија во Скопје доставија писмо до премиерот на Унгарија Виктор Орбан и претседателот на Турција Раџеп Таип Ердоган.
Со писмото Бачев и Петровски бараат од Ердоган и Орбан, постојанитет претставници на Турција и Унгарија во НАТО да не го потпишат Пристапниот Протокол со Скопје на 6 февруари во Брисел или пак да употребуваат фуснота дека Турција и Унгарија ја признаваат Република Македонија под нејзиното уставно име и на крај Протоколот да не биде ратификуван во националните парламенти на Унгарија и Турција.
Истовремено Бачев и Петровски изразуваат увереност дека целиот унгарски и турски народ и сите политички сили го подржуваат неотуѓивото и со ништо неограничено меѓународно правно-признато право Македонија да го носи името – Република Македонија, дотолку повеќе, Република Македонија со Унгарија и Турција ги врзува посебно пријателство.
Бачев и Петровски во писмото изразуваат надеж за континуиран развој на срдечни и продуктивни односи меѓу народот на Унгарија и Турција и новата легална власт која доаѓа во Република Македонија.
(следува интегралниот текст)
Почитуван г-не премиере Орбан,
Почитуван г-не претседателе Ердоган,
Ги слушнавме информациите дека на 6 февруари 2019, постојаните претставници на 29 членки на НАТО во Брисел ќе го потпишат Пристапниот Протокол со Скопје по што Протоколот треба да го ратификува секоја од 29-те членки на Алијансата. Како што е содржано во Договорот со Грција за промена на името, нашата држава треба да биде примена во НАТО со промена на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ, односно, целосно бришење на Македонците од светската мапа на нации.
Република Македонија со Унгарија, Турција ги врзува посебно пријателство. Уверени сме дека целиот унгарски народ и сите политички сили го подржуваат неотуѓивото и со ништо неограничено меѓународно правно-признато право на нашата земја да го носи името – Република Македонија. Затоа, силно сме вознемирени од авантурата во која е втурнат и пријателскиот народ на Унгарија, Турција од страна на марионетската власт во Скопје за едни така сериозни прашања за името и идентитетот на нашиот народ и иднината на Република Македонија во постојните интеграции во меѓународните односи.
Веруваме ќе се согласите дека едно кратко разјаснување на состојбата со Договорот со Грција за промена на името е во наш заеднички интерес. Македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија не стојат зад било каков договор меѓу Република Македонија и Република Грција за промена на вековното име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија на референдумот одржан на 30 септември 2018 јасно ја изразија својата волја дека се против Договорот со Грција за промена на името. Истовремено, претседателот на Република Македонија не го потпиша указот на Законот за ратификација на Договорот со Грција за промена на името. Договорот е спротивен на домашното и меѓународното право со што се отвора патот за поништување на истиот од новата легална власт во Република Македонија која доаѓа.
Според Виенската конвенција за договорно право, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети два општи услови, прво, да биде склучен од страна на надлежни органи и второ, да постои дозволен предмет на договарање. Марионетската влада во Скопје инсталирана и контролирана од странски центар не може да се смета за овластена за склучување на договорот бидејќи е избрана од Собрание со кое претседава нелегален претседател и вакви договори не може да склучува владата, туку надлежноста ја има претседателот на Република Македонија.
Договарања за име и идентитет преставуваат недозволен предмет бидејќи според општото меѓународно право и правото на Обединетите нации, името на една држава е прашање на внатрешните околности, а не на меѓународното право. Правото на самоопределување на секој народ е фундаментално граѓанско и политичко право. Затоа Ви ја доставуваме на вашата екселенција волјата на македонскиот народ и поголем дел од македонските граѓани, постојаниот претставник на вашата земја во НАТО да не го потпише Пристапниот Протокол по што следи целосно бришење на се што е македонско или пак да употребува фуснота дека Република Унгарија ја признава Република Македонија под нејзиното уставно име и на крај Протоколот да не биде ратификуван во националниот парламент на Унгарија, Турција.
Нашето барање до Вас се темели врз едноставната правдина – да ја држиме судбината во наши раце и врз желбата на нашиот народ да се придружиме на било која меѓународна организација исклучиво согласно суверената волја на нашиот народ. Евентуалното членство во НАТО на нашата земја со што се брише македонската нација, пак, некои може да го протолкуваат како покана за мешање во внатрешните работи кои се само македонски, создавајќи затегнатост и судири од кои Македонија веќе подолго време е на удар, а честопати ги искусила во својата историја.
И ние, и Вие, многу добро знаеме што значат обидите за брутално мешање на надворешни сили во внатрешните работи на една суверена и независна држава. Се надеваме на континуиран развој на срдечни и продуктивни односи меѓу народот на Република Унгарија и новата легална власт која доаѓа во Република Македонија. Знаете колку овие прашања се важни за нас и длабоко го цениме времето што ќе го употребите да ги разгледате нашите размислувања.
Со почит, д-р Јанко Бачев, претседател на партијата Единствена Македонија
д-р Филип Петровски, кандидат за претседател на претстојните избори за претседател на Република Македонија

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.